27.8.2016, Скопје, Курир – Креирање добра бизнис-клима, раст на економијата, странски и домашни инвестиции, намалување на невработеноста, ослободување од плаќање данок за фирми што ја реинвестираат добивката… Над 22 милиона евра им биле ставени на располагање на фирмите минатата година само по основ на оваа даночна мерка. За сите овие теми разговаравме со министерот за финансии Кирил Миноски.
Оваа Влада е насочена кон креирање добра бизнис-клима, привлекување странски инвестиции и намалување на невработеноста. Кој е клучот за успехот во вакво неповолно политичко окружување?
– Владата во изминатиот временски период интензивно работи на неколку приоритети. Како што веќе споменавме, првиот приоритет е креирање нови работни места, што е поврзано со поттикнувањето на инвестициите и тоа има рефлексија на подобрување на животниот стандард на населението. За да се искреира раст на приватниот сектор, неопходно е да постои квалитетно деловно окружување. Владата во изминатите години покажа, а тоа е верификувано и преку низа извештаи од Светска банка, дека е посветена на креирање деловно окружување што ќе овозможи побрз раст на приватниот сектор. Во таа насока, речиси секоја година преземаме низа мерки со цел унапредување на деловното окружување, а основната цел на унапредувањето на деловното окружување е создавање подобри услови со што ќе се поттикнат инвестициите, и тоа и домашните и странските. Во делот на странските инвестиции имаме интензивна активност на нивно привлекување во државата, додека во делот на домашните инвестиции имаме низа мерки во даночната сфера, каде преку политиката на ниски даноци најголем дел од средствата остануваат во компаниите затоа што, како Влада, сметаме дека пазарот е еден од најефикасните механизми и дека приватниот сектор на најдобар начин знае каде да ги алоцира средствата. Во однос на нашиот приоритет за креирање благосостојба, интензивно работиме, преку низа мерки, за поттикнување на развојот на приватниот сектор и на менување на структурата на работните места. Најнапред, во нашата стратегија како основна цел е поставено креирањето работни места што ќе генерираат поголем број вработувања, меѓутоа следниот приоритет е менување на структурата на работните места и отворање нови работни места што се подобро платени и подразбираат пософистицирани вештини на работната сила.
Фирмите што ја реинвестираат добивката се ослободени од плаќање данок на добивка и токму поради тоа остваруваат големи заштеди. Само минатата година е остварена заштеда од 22 милиона евра. Анализите покажуваат дека секоја година фирмите сè повеќе се одлучуваат да ја реинвестираат својата добивка благодарение на оваа мерка. Бројот на даночни обврзници што ја реинвестирале добивката во 2015 година во однос на 2014 година се зголемил за 73,56%, износот на реинвестираната добивка во 2015 година во однос на 2014 година се зголемил за 83,34%, а износот на остварената добивка кај овие даночни обврзници што извршиле реинвестирање на остварената добивка, се зголемил за 60,80%. Ваквите заштеди им овозможуваат на фирмите да ја реинвестираат својата добивка во нови инвестиции, да вработат нови луѓе, а со тоа придонесуваат и за поголем раст на економијата. Во однос на оваа мерка, министерот Миноски вели:
– Нашата ориентација како Влада е политика на ниски даноци и политика во која приватниот сектор ќе располага со најголем дел од средствата. Основната цел на даночните ослободувања на реинвестираната добивка е во суштина најголемиот дел од паричните средства што ќе се инвестираат во нова технологија, во опрема, повторно да се вратат во самите компании затоа што во приватниот сектор се создава нова вредност преку креирање производи и услуги. Врз основа на податоците што ги имаме ние, речиси 22 милиона евра се повторно вратени во компаниите, и тоа со помош на оваа мерка. Значи компаниите платиле помалку 22 милиона евра даноци. Со тоа се создале услови овие средства да ги инвестираат за унапредување на деловните процеси за воведување нови технологии, подобрување на вештините на нивните вработени, а сето тоа во крајна линија придонесува за креирање нова вредност на ниво на компаниите. И повторно значи дополнителни приходи за државата преку поголемиот број даноци што ги плаќаат квантитативно во државниот буџет.
Клучот за успехот е привлекување странски директни инвестиции. Колку тие придонесуваат за растот на економијата?
– Странските инвестиции имаат позитивен импакт врз развојот на македонската економија од повеќе аспекти. Постоењето на таканаречените гринфилд инвестиции значи градење нови фабрики и креирање една нова структура во македонската економија. Типичен пример за тоа претставува автомобилската индустрија. На пример, доколку се следи структурата на извозот пред 10-тина години и денес ќе видиме дека денес учеството на високософистицирани производи, кои пред сè се однесуваат на делот на автомобилската индустрија, е значително поголем од тоа што го имавме како ситуација пред 10-тина години кога во структурата на извозот главно доминираа таканаречените традиционални индустрии. Тоа значи дека странските инвестиции придонеле за менување на структурата на нашиот извоз, со што се зголемува учеството на производите и услугите со повисока додадена вредност. Влијанието на инвестициите е големо, секако, и во делот на отворање нови работни места. Не само што се отвораат работни места туку и вработените имаат можност да стекнуваат вештини и да дојдат во контакт со нова технологија којашто се имплементира во највисоко развиените земји. Покрај овие инвестиции што се фокусирани на изградба на фабрики, таканаречени гринфилд инвестиции, ние како Влада ги стимулираме и браунфилд инвестициите, односно инвестирањето во веќе постоечки капацитети каде што од страна на странските партнери се добива нова технологија, меѓутоа многу е значаен и трансферот на „ноу-хау“, пред сè во делот на производство на производи и услуги што претходно не биле присутни кај нас. Тоа се позитивните аспекти што ги имаат странските инвестиции врз македонската економија. Затоа ние како Влада интензивно работиме на привлекување на странските инвестиции во државата.
Македонија во моментов има најниска стапка на невработеност. Вие како Влада се стремите да ја спуштите невработеноста до 22%. Како се движиме на тој план?
– Главниот приоритет на политиките на оваа Влада е креирање работни места и намалување на невработеноста. Доколку се следат историските податоци што се јавно достапни, ќе видиме дека на тој план е постигнато многу, направено е многу како резултат на отворање нови работни места кај странските директни инвеститори, но и преку поттикнување на вработувањето со активните мерки на пазарот на трудот. Познати се активностите што ги презема Владата како дел од кампањата „Македонија вработува“ и „Македонија вработува 2“. Основната цел на овие активни мерки е да се поттикне вработувањето на поодделни целни групи. Пред сè кај оние категории невработени лица што се соочуваат со проблем на долгорочна невработеност, како и поттикнување на вработувањето кај младите лица. Во таа насока ние како Влада преземаме интензивни мерки, што се реализираат и преку Министерството за финансии и преку МТСП и АВРМ, сè со цел да се поттикне овој процес на вработување и невработените лица да се стекнат со соодветните вештини неопходни за извршување на новите работни задачи.