4 април 2019, Скопје – Од денеска мисија на ОЕЦД е во земјава, со цел започнување на активностите за подготовка на прва Национална стратегија за финансиска едукација. Ова е во рамки на проектот за техничка помош за финансиска едукација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Министерството за финансии на Холандија. Станува збор за петгодишен проект кој учествува Министерството за финансии, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Целта на проектот е градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, како и изработка на национална стратегија за финансиско едуцирање на населението.

Во текот на денешниот ден, претставниците на ОЕЦД остварија работни средби со претставници на Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, Народната банка, како и со неколку меѓународни организации. Во Народната банка ќе се одржи и тркалезна маса со претставници на приватните финансиски институции, со цел да се согледаат нивните активности од областа на финансиската едукација.

За утре е предвидена и тркалезна маса на којашто ќе учествуваат претставници на сите регулаторни институции на финансискиот систем на земјава, коишто заеднички учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија.

Овие активности претставуваат уште една потврда за заложбите на финансиските регулаторни институции за следење на светските трендови во делот на финансиската писменост, како и за зајакната координација во овој домен и со приватните финансиски институции.

 

Comments are closed.