Наместо млечни кризи што ги гледавме во минатото, со истурање на млекото по улиците поради монополот на битолската млекарница, во иднина ќе имаме млечна криза поради недостиг од млеко во однос на побарувачката за откуп од зајакнатата конкуренција.
Во минатата недела во мода беа соновите. Еве, другар ни Лазе ни раскажа еден убав, долгогодишен сон – сон за НАТО. Посакувам од се’ срце, заради него, заради сите нас, заради нашите деца и идни поколенија, неговиот и наш сон идната недела во Букурешт да стане реалност.Еве, и јас сонував нешто, па решив да ви раскажам. Сум сонил јас дека еден ден, стигна вест за наша демисија. Пуч by Буч и слична фела. Слушам некои веќе излегле да купат нови костумчиња, други пазареле модерни вратоврски, опозициските дами веќе закажале кај најреномираните скопски стилисти за поподготвени да се зафатат со реформските активности што им претстојат во следите четири години. Било како било, ние си ја сфативме сериозноста на случајот, или барем на нивните намери. Никола беше најприбран, не’ свика и ни вели: еве, стигнавме до кај што стигнавме со реформите, тоа е тоа, ајде сега да почнеме да размислуваме што ќе правиме потоа. Имате ли некои идеи? И се разбира, дури и кога сме влада во заминување, ние имаме мноштво идеи. Од црни преку сиви до розови, некои смешни, а некои сериозни, но сите добри. Прв збор зеде Миле, па вика ајде да земеме апанажа. Ќе седиме на кеј со кафе и ќе мудруваме. И ќе свикуваме секој ден прес-конференции критикувајќи ја неспособната власт. Добра идеја, рече некој, но ќе помине една година и што потоа? Габи дигна рака за збор. Ајде да станеме експерти. За што? За се’ и сешто. Од инвестиции до човекови права, од болоњски процес до употреба на електронски картички во здравството, од рамни даноци до самовработување, нели експертите во Македонија се универзални експерти, рече таа. Ама чекајте луѓе, тоа во светот не е така, не’ поучи некој, ако си експерт, треба да се специјализираш и да го продлабочуваш знаењето во таа област. Е добро де, одговори Габи, може и така да се поделиме. Еве, Горде ќе биде експерт за правата на мравките и ќе го прашува новиот министер за внатрешни колку мравки згазил полицаецот при интервенцијата против вооружените криминални банди во таа и таа планина. Миле може да биде експерт за еколошката оправданост на инфраструктурните проекти, па ќе има прашања до новиот министер за тоа кои видови рипки се загрозени во поточето чиј тек е сменет со изградбата на новиот модерен автопат. Габи предложи јас да се пријавам за експертско броење на новите инвестиции што ќе дојдат со новата влада, бидејќи некој треба и да ги брои, зашто нели нема да се малку, па да ти е лесно да запамтиш. Иво би можел да ми помогне ако развие некое софтверче, така полесно ќе се води евиденцијата. Антонио би можел да биде новиот промотор на „Инвест Македонија“ во Грција или медијатор на ОН за меѓународни спорови. Ацо може да понуди експертски совети за борба против сушата, која ќе ги зафати посевите по првите реформски мерки на новиот министер за затворање на славините на системите за наводнување, што тој ќе го предложи од безбедносни причини, се разбира, да не дојде до поплава. Габи самата се пријави за експертиза во областа на европските директиви. Би требало да и’ е јасно дека во овој дел не се бара само експертиза, туку ако може како консултант да ја доврши и оперативната работа, бидејќи новиот министер не е навикнат да работи, но со задоволство ќе го презентира сработеното на ручеци и на вечери. Ни остана да мислиме за Трајко, ама брзо се сетивме. Трајко и така и така е професор по економија, значи е вистински експерт за разлика од многубројните квазиексперти, па како таков има морално и секакво друго право да дава експертиза за сите области од економијата. Доколку го прашаат, се разбира, зашто некои знаат се’.
Таман помислив дека се согласуваме околу ова, кога Михајло праша: а ќе бидеме експерти секој сам за себе или ќе се здружиме во некоја невладина организација? Па фативме дебата во каква невладина би се здружиле од трите можни опции: невладино-владина, невладино-опозициска, или невладино-невладина организација. Првите ќе ги има стотици во Македонија, па заради преголемата конкуренција, а и заради органски причини, веднаш ја отфрливме идејата. Втората и третата опција беа добри, но некако не можевме да се согласиме меѓу копнежот за индивидуализам и потребата за зајакнување на граѓанскиот сектор, па некако ги отфрливме двете идеи.
Шо праиме сеа? – праша некој. Мислевме, мислевме и …јас побарав збор. А зошто да не произведуваме млеко, прашав гласно? Гледам колегиве ме гледаат чудно, нешто не им е јасно. Што сега па на овој му текна да сме произведувале млеко? Прво, им велам, замислете еден ден без млеко. Нема лате, нема капучино, нема корапски кашкавал, ниту салата од рукола со моцарела. Нема ни од новиот јогурт што македонските девојки го пијат за витка става, ниту млекце за децата на сабајле пред да тргнат на училиште. Второ, дејноста има голем потенцијал. Во Македонија има 91 објект за производство, со капацитет за откуп што значајно го надминува производството на млеко. Трето, откупните цени растат. Во 2007, кравјото млеко се откупуваше по цена од 15 до 18 денари за литар, во 2008 цените се 24 до 30 денари за литар. Четврто, во 2007 проработе нов модерен капацитет на шведската млекара. Неодамна една од водечките светски фирми францускиот „Лакталис“ преку хрватски „Дукат“ ја купи „Идеал шипка“ од Битола, а ИМБ од Битола беше продадена на „Салфорд“ преку „Имлек“. Тоа се големи и сериозни фирми што гарантираат добра перспектива за македонските млекопроизводители. Зголемената конкуренција донесе подобар квалитет за потрошувачите, подобри цени и нова опрема за производителите, нови производи на пазарот. Македонските банки се’ почесто се решаваат да ги финансираат фармерите за купување крави, лактофризери и млекопроизводство. Конечно, им велам на колегите, ние самите обезбедивме по два денара субвенција за литар млеко, што ја прави оваа дејност многу перспективна. Наместо млечни кризи што ги гледавме во минатото, со истурање на млекото по улиците поради монополот на битолската млекарница, во иднина ќе имаме млечна криза заради недостиг од млеко во однос на побарувачката за откуп од зајакнатата конкуренција. Плус, како последен аргумент што им го изнесов на колегите, можеме истовремено да бидеме млекопроизводители и експерти: додека ги напасуваме кравите низ убавите македонски ледини, ќе ни дојдат уште многу нови, добри идеи што како експерти ќе ги пласираме во јавноста. Им олесна на сите. Никола пресече, ајде отсега натаму ќе сме фармери, млекопроизводители и експерти… И се’ беше добро, кога од некаде се јави Живко. Должен сум, како досегашен и иден министер да ви кажам дека новата влада на СДСМ планира субвенциите за земјоделците да ги врати од 45 милиони евра колку што се сега, на 4,5 милиони евра колку што беа до 2006! Уххх, толку ме вознемири оваа вест што се разбудив од сонот, загрижен за иднината. Погледнав во собата. Мојата шестгодишна ќерка Кети слатко пиеше од новото македонско млекце за деца во тетрапак, кое мириса на јагоди. Млекото е добро за децата. За вистинските, но и за тие што се во опозицијата. Помага во раснењето.
Зоран Ставрески