29 јануари 2019, Скопје – Во соопштението по повод завршувањето на редовните годишни консултации со Македонија во рамки на т.н. Член 4., Извршниот одбор на ММФ го поздрави интензивирањето на реформите кое следеше по воспоставувањето на политичката стабилност. Според Извршниот одбор, ова резултираше со обновување на довербата и раст на економската активност. Во однос на перспективите за започнување на преговорите за членство во ЕУ, Одборот ја истакна важноста на спроведувањето амбициозна агенда на структурни реформи со цел подигнување на растот на продуктивноста и забрзување на конвергенцијата на доходот, при обновување на просторот на фискалната политика и надворешните бафери.
Според ММФ, по стагнацијата во 2017 година, во првите три квартали на 2018 година дојде до умерено закрепнување на економскиот раст. Се оценува дека во 2018 година растот на БДП изнесувал 2%, како одраз на личната потрошувачка, поддржана од растот на вработеноста и кредитирањето на домаќинствата, како и на солидниот раст на извозот. Според оценките на ММФ, буџетскиот дефицит во 2018 година се намалил умерено на 2,6% од БДП, а јавниот долг на крајот на годината се оценува на 50,7% од БДП. За 2019 година, ММФ проектира економски раст од 2,8% и инфлација од 1,8%.
Извршниот одбор забележува дека политиките во претходната деценија го стесниле просторот за фискалната политика. Одборот се согласува дека на среден рок е потребна постепена и стабилна фискална консолидација кон урамнотежено примарно буџетско салдо со цел поставување на јавниот долг на цврста надолна траекторија. Извршниот одбор на ММФ ги поздравува неодамнешните мерки насочени кон намалување на пензискиот дефицит и подобрување на таргетирањето на социјалната помош. Исто така, се охрабруваат понатамошните напори за зајакнување на управувањето со јавните финансии и зголемување на фискалната транспарентност.
Во делот на структурните политики, Извршниот одбор повика на мултидимензионална стратегија за справување со слабостите на пазарот на труд кои го забавуваат растот. Притоа, се препорачува зајакнување на квалитетот на средното и стручното образование и пренасочување на високото образование кон обезбедување вештини кои му се потребни на стопанството. Одборот нотираше дека активните мерки на пазарот на труд треба и понатаму да ги таргетираат младите и долгорочно невработените, но со поголем фокус на изградба на вештини и олеснување на преминот од образование кон работа.
Извршниот одбор на ММФ ги повика властите да ја задржат цврстата посветеност кон спроведувањето на клучните институционални реформи кои го зајакнуваат владеењето, ја намалуваат корупцијата и обезбедуваат ефективно владеење на правото. Според Одборот, ова ќе биде клучно за подобрување на инвестициската клима и намалување на неформалната економија, како и за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
Истовремено, ММФ го објави и редовниот извештај за Македонија, кој е резултат на редовната Мисија на ММФ во Македонија, одржана меѓу 8 и 21 ноември 2018 година.
Соопштението на ММФ можете да го најдете на овој линк.