Вашингтон, 9 октомври 2010 (МИА) – Отворената кредитна линија е нов инструмент на Меѓународниот монетарен фонд кој има за цел да им помогне на земјите со здрава економска политика за полесно справување со кризата, изјави шефот на Мисијата на ММФ за Македонија Вес Мекгру по разговорите со македонската делегација предводена од вицеппермиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во рамки на годишното собрание на Фондот и на Светска банка во Вашингтон, јави известувачот на МИА.
– Кредитот би се наменил за справување со околности предизвикани од неочекувани потешкотии и треба да обезбеди сигурност во случај на земјата да и е потребен поголем заем, во случајов тоа се 400 милиони евра, со што би се поддржала економската политика на државата, рече Мекгру.
Според Ставрески, новиот инструмент е инструмент на сигурност, а средства кои што ќе и бидат ставени на располагање на земјата, доколку дојде до таков договор, во износ од 400 милиони евра, односно пет пати повеќе од квотата на Република Македонија во ММФ, Македонија ќе може да ги користи, но не мора.
Тој го посочи фактот што тие средства се даваат на држави за кои што Фондот има доверба дека водат здрави економски политики.
– Ние сме задоволни што Македонија е прва земја со која Фондот разговара за овој нов инструмент, односно Македонија е првата земја која што потенцијално би можела да го добие тој нов инструмент, кој што е наменет за земји кои што имаат здрави економски политики и кои што според Фондот водат добри макроекономски политики, истакна Ставрески.
Во следната фаза, додаде тој, ќе треба дополнително да се разговараме за деталите околу тоа на кој начин ја врши Фондот оценката, што вели ќе биде познато на следната посета на ММФ на Македонија.
Понудата на ММФ ќе биде оценета од Владата заедно со експертската јавност и со стопанствениците, а доколку Македонија се реши за неа, средствата би се користеле за реализација на владината политика за капитални инвестиции, за буџетска поддршка, како и за отплата на долгот кон странство.
Вицепремиерот Ставрески денеска во рамки на Годишното собрание на ММФ и СБ во Вашингтон одржа средби и со извршниот директор на ММФ Ејџ Бакер и со Рафаел Аломар претседател на Управниот одбор на Банката при Советот на Европа.
Според агендата македонската делегација во чиј состав се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и заменик министерот за економија Методиј Хаџи-Васков, треба да се сретне и со потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија Џејн Армитаџ, како и со високи претставници од ММФ и Светска банка, Најуки Шинонара и Руд Треферс.