Македонската економија заздравува и до крајот на годинава е веројатно дека ќе оствари раст од 2 проценти, е главната оценка на тимот на Меѓународниот монетарен фонд предводен од Вес Мекгру што во изминатите шест дена престојуваше во Скопје со цел да ги процени економските и финансиските услови и да разговара со властите за економските политики.
– Надворешната позиција на Македонија во меѓувреме значително се подобри, при што извозот почна да се зголемува, а увозот се уште опаѓа. Дефицитот на тековната сметка е во насока на намалување и се очекува да се намали на 6 отсто од БДП. Македонија очекува поинтензивно заздравување следната година, рече Мекгру на денешната прес-конференција во Министерството за финансии.
Мекгру го пофали банкарскиот систем во Македонија и истакна дека успешно се справи со економските потешкотии и остана во солидна кондиција, нагласувајќи дека македонските банки се добро позиционирани и оти можат да го поддржат растот преку поголемо кредитирање како што ќе напредува економското заздравување и ќе расте побарувачката на кредити. Тој го поздрави постепеното олабавување на монетарната политика од НБРМ како одговор на подобрената доверба и зголемувањето на девизните резерви и посочи дека ќе следи натамошно олабавување доколку продолжи трендот на подобрување на надворешната позција и растот на девизните резерви.
– Изгледите за натамошно стабилизирање и за постепено враќање на растот во Македонија се поволни, но неизвесноста и ризиците од надворешното опкружување и натаму се значителни како во поглед на растот кај трговските партнери, така и во поглед на глобалната финансиска состојба. Тоа бара постојана претпазливост на економските политики, рече Мекгру, нагласувајќи дека ММФ во секој момент е подготвен да ја поддржи Македонија на било кој начин доколку биде неопходно.
Оценките на ММФ за заздравување на македоснката економија ги поддржаа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот Петар Гошев.
– Македонија во 2010 ќе го оствари планираниот раст од 2 проценти на БДП кој е базиран на подобрување на екстерната побарувачка врз основа на европската економија од 1 процент и очекуваното умерено, но остварливо заздравување на домашната потрошувачка кое посебно ќе биде изразено во втората половина и при крајот на годинава. Приходите беа пониски од планираните и од претходната година на почетокот на годинава, но од месец на месец се подобруваа и во април за прв пат беа подобри од истиот период минатата година. Очекувам таквиот тренд да продолжи до крајот на годинава, рече Ставрески и најави вниматалена политика во расходната страна и нејзино прилагодуивање доколку е потребно за да се задржи разумната буџетска позиција.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со дисциплинирано водење на фискалната политика и ќе го реализира проектираниот буџетски дефицит за годинава од 2,5 проеценти од БДП. Во првите четри месеци од годинава, како што нагласи, остваерен е вкупен буџетски дефицит од 1,1 отсто од БДП што е во согласност со очекувањата и овозможува до крајот на годинава да не надмине 2,5 проценти.
Гувернерот Гошев рече дека опоравувањето се случува и додаде дека тоа не зависи само од политиките во Македонија, туку и од опоравувањето на остатокот на светот, а особено со оној дел од светот со кој Македонија најмногу соработува.
– Политиката на НБРМ ќе продолжи со приземјени и внимателни чекори во секој поглед и наскоро ќе соопштиме дали ќе има натамошни чекори на олабавување, рече Гошев, додавајќи дека девизните резерви се на задоволително ниво.
Според него, охрабрува и фактот што ќе има натамошно намалување на дефицитот на тековната сметка.
Прашан дали кризата од Грција може да се прелее на македонската економија и банкарство, Мекгру рече дека ММФ не е загрижен дека грчката криза ќе влијае на Македонија и додаде дека македонските банки, вклучувајќи ги и тие со грчки капитал, се добро капитализирани поради што грчката криза не може да влијае на нив.
– Можно е да има одредени влијанија на трговијата со Грција, иако влошувањето на состојбата во други европски земји ќе има мало влијание и во Македонија. Сепак не гледам било каква позначајна можност кризата да се прелее во банкарскиот сектор во Македонија, рече Мекгру.
Со него се согласи и гувернерот Гошев кој нагласи дека банките во Македонија работат според македонските закони и се строго контролирани од централната банка.
Вицепремиерот Ставрески засега отфрли можност за ребланас на буџетот и додаде дека доколку се укаже потреба ќе биде разгледана таквата можност. Тој прецизира дека најавеното емитување на еврообврзницата до крајот на вториот квартал од годинава не е неопходно да се реализира доколку каматите и условите не се поволни и додаде дека од почетокот на годинава се реализирани 70 милиони евра од минатогодишната еворобврзница. Ставрески очекува еврообврзницата годинава да има помала камата од ланските 10 проценти.
Прашан зошто Македонија се задолжува кај приватни инвеститори преку еврообврзници, а не со аранжман со ММФ кој има поповлни камати што се движат од 1,5 до 3,5 отсто, Ставрески рече дека и многу други земји во светот го прават истото.(МИА)