Мумбај, 7 март 2012 (МИА) – Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска во Мумбај пред индиските бизнисмени ги презентира инвестициските можности на Македонија.
На денешниот четврт по ред бизнис форум во Мумбај, поранешен Бомбај, кој е најголем град во Индија и воедно се смета и за главен град на бизнисот во оваа земја, македонската делегација ги претставува инвестициските можности на Македонија пред компании од информатичката технологија, фармацевтскиот сектор, градежништвото, туризмот, преработка на храна и други производствени индустрии.
Премиерот Никола Груевски истакна дека македонските граѓани негуваат голема почит кон вредностите на древниот индиски народ.
– Ако пред повеќе децении ја запознававме мудроста на Индија преку делата на Рабиндранат Тагоре и Ганди, денес, покрај нив, доаѓаме и во допир со иновациите на индиските научници и инженери, со брилијантни софтверски решенија, со производите на фармацевтската индустрија на Индија… Цивилизацијата која на светот му ги подари алгебрата, тригонометријата, шахот, денес се исправа во нов економски џин на Истокот и бележи импресивни резултати, за кои допрва ќе се учи во учебниците по историја и економија, посочи Груевски.
Тој подвлече дека Република Македонија ги препозна недоволно развиените политички и економски мостови со индискиот народ и во 2009 година отвори своја амбасада во Њу Делхи. Преку неа, како и преку бизнис форумите како овој денешниот, македонската Влада сака да ја пренесе приказната за малата, но растечка европска економија, која неодамна се искачи на третото место на најдобрите реформски ориентирани земји во светот, пред сите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа во однос на условите за водење бизнис, што е плод на долгогодишна и макотрпна работа на Владата на Република Македонија во насока на подобрување на деловната клима и градење имиџ на привлечна европска инвестициска дестинација, истакна премиерот Груевски.
– Пристапивме кон намалување на даноците и темелни административни и регулаторни реформи, во неколку фази беше спроведен проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот со управување со градежно земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналните трошоци, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис климата во Република Македонија. Со тоа им помагаме на бизнисите во напорите да ги снижат трошоците на работната сила и да ја подобрат својата конкурентност, истакна премиерот.
Свое почесно обраќање, како што соопшти владината прес-служба, на форумот имаше Сушанто Рој од Сахара Индиа Паривар, кој изрази воодушевеност од можноста неговата компанија да биде дел и да го помогне одржувањето на два деловни настани, во Њу Делхи и во Мумбај, и истакна дека врската помеѓу двете земји во ликот и делото на Мајка Тереза, дава силен поттик и за зајакнување на деловните врски помеѓу двете економии.
Презентација имаше и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој се осврна на макроекономската стабилност, атрактивноста на даночниот систем, реформите во катастарот и континуираната стабилност на македонскиот банкарски сектор во време на светската финансиска криза.
Министерот Бил Павлески ги потенцираше локациските, транспортните и логистичките предности кои што македонската економија им ги нуди на потенцијалните инвеститори.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо детално се осврна на поволностите што им се нудат на инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони, а ги претстави и странските компании кои веќе таму се присутни.
Премиерот Груевски и владината делегација остварија повеќе тет-а-тет средби со претставници на индиски компании.
Со денешниот форум, организиран од Конфедерацијата на индиската индустрија, а под покровителство на индиска компанија Сахара Индиа Паривар, владината делегација ја завршува посетата на Индија.
Утре владиниот тим предводен од премиерот Груевски ќе одржи бизнис презентација пред заинтересираните малезиски компании во Куала Лумпур.