За да креираш нешто, мораш самиот да бидеш нешто
Johann Wolfgang von Goethe
Основниот принцип врз кој е базирана целокупната економска теорија е постулатот дека промените во мотивацијата влијаат врз човечкото однесување на предвидлив начин. Индивидуалниот мотив, односно личната корист и личните трошоци влијаат врз нашето однесување и врз изборот кој го правиме во секој момент, во секоја ситуација. Доколку очекуваме поголема корист, успех или задоволство од некоја опција, голема е веројатноста да ја избереме истата и обратно, доколку преовладуваат трошоците или незадоволството, поголеми се шансите дека опцијата ќе биде отфрлена.
Основниот економски постулат е всушност и основен постулат во речиси сите области во животот: почнувајќи од секојдневните одлуки на зелените пазари или кога одиме на шопинг, до одлучувањето во рамките на семејството какви патики да се купат за децата или возило за семејството, одлуката одморот да се помине во Скопје или Лондон, па и тоа која политичка опција да се избере денес или во 2009-та.
Во светот на економијата, овој постулат се реализира преку соодносот на понудата и побарувачката за одредена стока. Најеклатантен историски пример за влијанието на економската мотивација е порастот на цените на нафтата во 1970-те, кој првично резултираше во елиминирање на помалку важните патувања. Подоцна дојде до постепена ориентација на потрошувачите кон поекономични возила. Истовремено, се зголемија инвестициите во нови нафтени наоѓалишта и економично користење на енергијата. Комбинацијата на овие фактори доведе до промена на соодносот меѓу понудата и побарувачката со краен ефект намалување на цените во 1980-те.
Поблиску во Македонија, мотивацијата е клучниот фактор на успехот на концептот на намалени рамни даноци и вкупниот развоен концепт кој се промовира во оваа година. Со намалени стапки, приходите во буџетот се повисоки од планираните за 11,6%, а од остварените во 2006 за 15,7%. Истовремено, економската активност расте со стапка од 7%, а извозот зголемен за 50%. Успехот на овој концепт се должи на "погаѓањето на нервот" на приватниот сектор, односно нивото на кое користа од плаќањето на даноци станува поголема од трошоците на фирмите доколку решат да останат во зоната на сивата економија. Создаден е вистински мотив за поголема инвестициона активност и продуктивно користење на средствата, а тоа е клучниот услов за подинамичен економски развој.
Имено, нивото од 10-12% данок на профит и персонален данок е такво што се поголем број на фирми согледуваат дека е прескапо да останат да работат "на црно" и истите се решаваат да почнат да плаќаат данок и да го префрлат бизнисот во легалната зона. Причината е што нискиот и едноставен данок им создава мотив да го легализираат својот бизнис, преку можноста за полесен пристап до финансиски средства, конкурирање на јавните тендери, наплата на сопствените побарувања од други фирми итн. Истовремено, тие ги избегнуваат ризиците и трошоците од евентуалните казни доколку инспекциите го утврдат нивното нелегално работење. Во целина, иако казните се инструмент за зголемување на наплатата на даноци, создавањето на реален економски мотив за субјектите да почнат да плаќаат и редовно да ги извршуваат своите обврски е многу поефикасен инструмент кој го решава проблемот на трајна основа.
Мотивацијата е основата и за најновата одлука на Владата за зголемување на платите во јавниот сектор за 34% во периодот 2007-2009 година. Директниот ефект од оваа мерка е секако подобрување на животниот стандард на вработените во јавниот сектор и нивните семејства. Можност да се купат потребните лекови, да се почне некоја мала инвестиција во куќата, еден нов пар чевли за некого, учебници за децата за некој друг.
Што е уште поважно, зголемувањето на надоместот за вложениот труд на наставниците, полицајците, службениците, лекарите, судиите, администрацијата, културните работници и сите други, ќе создаде мотив за подобрување на перформансите на секој од нив. Мотив да ги подобрат своите способности и знаења, да работат понапорно, поквалитетно, со поголема волја. Тоа ќе има позитивно влијание врз квалитетот на работата на јавниот сектор и услугите кои ги добиваат граѓаните и бизнисмените, како и борбата против бирократијата и корупцијата. А квалитетен јавен сектор и независен и ефикасен судски систем, се долгорочни столбови на демократијата и развојот на пазарната економија. Квалитетот се гради преку мотивиран кадар кој ќе има можност да се надградува и да напредува во работата и животот, како професионално, така и во секој друг поглед. Затоа, многу е значајно во јавниот сектор да се создаде кадар кој ќе има квалитет, знаење и мотив да остане да работи таму, а не веднаш по стекнувањето на "име" и контакти да премине во приватниот сектор.
Мотивите конечно го определуваат и политичкиот избор. Девојката која со зголемувањето на платата купува чевли во Рамстор, е истата онаа која се определува за избор меѓу политичарите кои се на сцената денес, или оние кои ќе се појават во претседателската трка во 2009-та година. Во најголем број случаи, гласачите се определуваат за политичари кои ги мотивираат и им оддаваат поголема сигурност дека ќе ги исполнат нивните очекувања за остварување на лична корист, за нив и нивните ближни.
Некои критичари на основниот економски постулат сметаат дека мотивацијата ги објаснува само себичните интереси на материјалистите. Ова сепак не е точно. Мотивацијата е значајна како за алтруистите, така и за егоистите, а секако и за материјалистите. Мотивацијата го определува изборот на секој човек. За претприемачот кој ги произведува и продава чевлите, девојката која ги купува, политичарот кој се надева на нивните гласови.