10 јануари 2017, Скопје И покрај политичката пропаганда на СДСМ која настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста – иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност.
За скоро три пати беше поголема побарувачката од понудата на државни хартии од вредност на денешната аукција. Сепак, иако инвеститорите побаруваа државни хартии од вредност во износ од над 5 милијарди денари, Министерството запиша 1,9 милијарди денари согласно понуденото во проспектот.
Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената која ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години. За споредба, ако сега каматната стапка е 2,4 отсто за 12-месечни хартии од вредност, во време на владеење на СДСМ изнесуваше над 11 отсто.
Големата побарувачка за државни хартии од вредност од страна на инвеститорите, покажува доверба во економските политики кои се спроведуваат и покрај политичката пропаганда на СДСМ.
Бидејќи партијата по кој знае кој пат ја користеше аукцијата на државни хартии од вредност за политички маркетинг ширејќи невистини во јавноста, повторно би сакале да објасниме:
Државните хартии од вредност се финансиски инструмент за финансирање на буџетскиот дефицит, воведен пред 13 години, кога СДСМ беше на власт. Нивниот министер за финансии Поповски редовно ги издаваше, иако не покриваше дефицит. Ги издаваше по камата 5 пати повиска од денешната, значи државата плаќала пет пати поголема цена за капитал од кој немала тековна потреба. Државните хартии од вредност се издаваат во сите економии во светот.
Со буџетот за 2017 предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори. Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот.
Министерството за финансии уредно го спроведува буџетот и води прудентна политика на јавен долг. Повеќе меѓународни финансиски институции, меѓу кои и Меѓународниот монетарен фонд оценија дека нивото на долгот е умерено, а дека пазарот на државни хартии од вредност одлично функционира.