20 септември 2018 година, Скопје – Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска е во посета на Куманово, каде имаше средба со граѓани и со градоначалникот  Максим Димитриевски.
Тој им порача дека со влезот во ЕУ, Македонија ќе има пристап кон посериозни фондови за подобрување на инфраструктурата. Но и дека Куманово веќе ги има почуствувано придобивките од европската помош.

“Во Куманово се инвестирани 4,3 милиони евра за рехабилитација на канализационата мрежа. На годишно ниво ЕУ инвестира во Македонија над 90 милиони евра неповратни средства“, потенцира Тевдовски.

Инвестициите во инфраструктурни проекти како патишта, училишта, болници ќе овозможи подобри услови за живот. Но и ќе ја зајакне конкурентноста на компаниите. Министерот денеска оствари средба и со стопанственици од Куманово со цел да ги слушне проблемите, но и предлозите за подобрување на нивната работа.

Ги информираше за 100-те милиони евра евтини кредити од ЕИБ за кои може да аплицираат од октомври.
Стопанствениците изразија верување дека со влезот во НАТО и ЕУ, ќе се зголеми конкуретноста на македонските компании, а со тоа и извозот.
Тоа ќе овозможи и зголемување на вработеноста. Влезот во ЕУ и НАТО ќе го зголеми и бројот на странски директни инвестиции.

“Примерите на земјите кои станале членки покажуваат сериозен раст на инвестициите по влезот во НАТО. Тој како пример ги посочи Албанија и Бугарија. Во Бугарија, пет години пред да стане членка во НАТО, странските директни инвестиции како процент од БДП изнесувале 7%, додека пет години од влезот во НАТО истите пораснале на 19,7% годишно. Растот на БДП во истиот период се зголемил од 3,9 на 6,8% годишно“, истакна министерот пред стопанствениците.

Во примерот на Албанија, странските инвестиции растат речиси двојно по влезот во НАТО, и покрај тоа што ова се случува во период на глобалната финансиска криза. Според податоците, СДИ во Албанија пет години пред влезот во НАТО изнесувале 5,5% како процент од БДП. Пет години по влезот во НАТО растат на 9,1%.

Comments are closed.