11 октомври 2018 – Делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Индонезија.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници од ММФ и групацијата на Светска банка. Во рамки на средбите закажани се состаноци со извршниот директор на СБ Френк Хемскирк, директорот за Југоисточна Европа на СБ Линда Ван Гелдер, потпретседателот на СБ Сирил Мулер, извршниот директор на ММФ Ентони Де Ланој, директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ Пол Томсен, потпретседателите на ИФЦ Џорџина Бејкер и Вибке Шломер, како и други високи претставници.

Министерот за финансии Тевдовски ќе и има обраќање на Годишните средби ММФ и СБ. Во текот на утрешниот ден Тевдовски ќе зборува на настан од високо ниво, кој ќе го отвори генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.

Тевдовски ќе зборува на тема „Спроведување на целите за одржлив развој во светот кој се менува: локализација, инклузивност и инвестирање во резултати“.Тој ќе се осврне на целите за одржлив раст и реформите кои се прават во земјава за остварување на тие цели.

На овој настан свое обраќање предвидено е да имаат и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Анхел Гурија, претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер и извршниот директор на Светската програма за храна (ВФТ) Дејвид Бизли.

Годишните средби на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На настанот учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки. Дискусијата е поврзана со актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и потикнување на растот.

Comments are closed.

Close Search Window