10 Декември 2018, Скопје – Министерот за финансии, Тевдовски го отвори овогодинешниот „Форум на добри компании“ организиран од Public, а поддржан од Европската Унија и Германската Амбасада. Тој и Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваа и на панел – „Државата како фасилитатор на одржливи процеси“.
Министерот, во своето обраќање истакна дека Владата работи на реформи кои креираат одржливо општество. Toj додаде дека, преку мерките за грижа за најранливите категории, зголемувањето на вработувањата и растот на платите, како и доближувањето на земјата до ЕУ и НАТО заедно се движиме напред.
Mинистерот Тевдовски истакна и дека во Македонија има примери на социјални претпријатија кои се истакнуваат со својата општествена одговорност:
– Одличен пример за тоа е списанието Лице в Лице кое економски и социјално ги засилува маргинализираните групи. А, секако дека во Македонија постојат и други примери на општествено одговорни организации. Тие вклучуваат најразлични активности од грижа за ранливи граѓани, преку подигнување на свеста за селектирање на отпадот, па се до поддршка на млади и иновативни луѓе. Вреди да се истакне дека во последните години општествена функција извршуваат и странските компании кои предводени од германските значајно го подобруваат стручното образование во земјава, истакна МФ Тевдовски.
На форумот беше дискутирана социјалната одговорност на компаниите, како и можностите за развој на социјални претпријатија. Во Македонија во тек е изработка на законот за социјални претпријатија во Министерството за труд и социјална политика. Со цел да се поддржи развојот на вакви компании во законот за јавни набавки предвидени се т.н. „резервирани набавки“. Станува збор за ЕУ директива со кои одредени набавки институциите ќе можат да ги прават од овој вид на компании. Ваков вид на набавки ќе почнат да се применуваат од 2020 година, откако ќе биде одредена правната рамка за социјални претпријатија. Соработката на институциите, Министерство за финансии и Министерство за труд и социјална политика беше видлива и на панелот „Државата како фасилитатор на одржливи процеси “ каде МФ Тевдовски и МТСП Царовска зборуваа за тоа каде и како државата може да го помогне социјалното претприемништво.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на панел дискусијата зборуваше за добрата соработка со Министерството за финасии како и за поддршката што МТСП ја доби во законското решение за јавни набавки да се вметнат резервираните набавки.
– Со стратегијата за социјално претприемништво создаваме еко систем за развој на социјалните претпријатија во Македонија. Овие претпријатија ќе бидат од голема помош за државата, бидејќи ќе нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе допринесат за процесот на инклузија на различните во општеството. Услугите коишто би ги нуделе о старт овие претпијатија би биле од областа на здравството, рехабилитацијата и екологијата“, истакна министерката Царовска.
Форумот е годинава е поддржан од Европската Унија и Германската Амбасада. Свои обраќања имаа и Евроамбасадорот Самјуел Жбогар, Холандскиот амбасадор Вилем Влаутер Пломп и Заменик амбасадорот на Германија Петер Шалер. Фокус на форумот е соработката помеѓу државата, компаниите и граѓанскиот сектор во креирање на подобро општество за сите.