28 февруари 2018, Скопје – Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска оствари средба со новоназначениот резидентен претставник на ММФ во Македонија Себастијан Соса. Назначувањето на резидентен претставник е во насока на унапредување на соработката меѓу Македонија и Фондот и ќе обезбеди континуиран дијалог и проток на информации, a ќе ја олесни и интензивната техничка помош и набљудувачките активности на ММФ во Македонија.

Притоа, како што беше заклучено на средбата, јасно е дека Македонија нема потреба од аранжман со ММФ. Од друга страна, Соса истакна дека Фондот го поддржува амбициозниот план за реформи во јавните финансии. Во таа насока, претставникот на ММФ во земјава истакна дека Фондот ќе, понуди значителна експертска и техничка помош со цел помагање на реформите кои се во тек и се планираат, како среднорочното буџетирање, фискалниот совет и правила и даночната реформа.

Соса исто така истакна дека ММФ особено го цени позитивните промени околу фискалната транспарентност во претходните неколку месеци. Во оваа насока, Министерот Тевдовски истакна дека ќе биде добредојдена помошта од ММФ за планираното понатамошно зајакнување на транспарентноста, како значителен придонес кон одговорното и квалитетното управување со јавните финансии.

На средбата исто така беа разменети мислења околу остварениот и очекуваниот економски раст, како и фискалната политика во тековната и наредните години. Притоа, беше констатирано дека се совпаѓаат очекувањата на Владата и ММФ за раст на економијата од 3,2% во 2018. Исто така, Министерот Тевдовски истакна дека мерките на фискалната политика ќе бидат насочени кон стабилизирање на нивото на јавниот долг на среден рок.

Резидентниот претставник во Македонија Себастијан Соса, истовремено е и резидентен претставник на ММФ во Србија. Тој ќе остане со седиште во Белград, но ќе има редовна комуникација со властите во Македонија. Фондот инаку две години немаше резидентен претставник во земјава, од завршувањето на мандатот на Патрик Гитон.

Comments are closed.

Close Search Window