14 декември 2017, Париз – Министерот за финансии Драган Тевдовски присуствуваше на министерска конференција во Париз на тема: „Доброто јавно управување -сервис за граѓаните и бизнисите“. Тој се обрати на панел-дискусијата „Како јавното управување може да направи разлика која придонесува за долготраен економски развој?“.
Во неговото излагање МФ посочи дека доброто управување е тесно поврзано со транспарентноста. Доколку јавноста е запознаена како се управува со средствата и како тие се трошат, таа би можела да врши постојан притисок врз функционерите кога тие не управуваат добро со средствата. Тогаш функционерите би биле свесни за истото, што би претставувало дополнителен мотив за нив да управуваат добро со средствата и да се грижат за јавната каса.
Една од клучните теми на министерската панел-дискусија во Париз беше токму транспарентноста. На оваа тема МФ Тевдовски изјави дека во последните 6 месеци објавени се податоци и документи што претходно не ѝ биле достапни на јавноста како што се: деталниот извештај за извршување на буџетот по буџетски корисници и Граѓанскиот буџет.
„ Ги објавивме и неподмирените обврски од страна на сите буџетски корисници, и ги финализираме нашите напори за редовно евидентирање и објавување на сите неподмирени обврски, со тоа што следната година ќе работиме и на создавање систематско решение за спречување на овој проблем во иднина. На крај, исто така го земаме предвид објавувањето на сите трансакции што се реализираат преку трезорот на дневна основа. Сметаме дека ова би била прилично коренита промена во Македонија. Тоа, во голема мера ќе ја зголеми транспарентноста, ќе ѝ дозволи на јавноста да биде запознаена во детали како се трошат јавните средства, и ќе ги натера функционерите да се однесуваат поодговорно. Со други зборови, тоа ќе придонесе кон подобро управување. “
Драган Тевдовски го започна говорот со изјавата дека министрите за финансии се чувари за стабилноста и рационалноста, но некогаш премногу се фокусираат на страната на трошењето. Тој се потсети на еден од неговите постари колеги, кој влгувајќи во Собранието велел: „Не, не, не“, уште пред нешто да биде прашан, бидејќи сите можат да претпостават што би бил прашан еден министер за финансии. Сепак, тој посочи дека е важно да има инвестиции и трошење, но уште поважно е за што ќе бидат потрошени парите.
„Мој главен предизвик откако стапив на функција во јуни беше ребалансот на Буџетот, и сега го финализираме и Буџетот за 2018 година. Во двата случаја, ние не се фокусиравме толку тесно на расходната страна и намалувањето на расходите, колку на тоа за што се трошат средствата. Со други зборови, наш приоритет како Министерство и Влада е да ја зајакнеме ефикасноста при трошењето на јавните средства – притоа обезбедувајќи дека расходите ефективно се користат за вистинските цели, а јавноста добива „вредност за пари“. Практично, ова значеше кратење средства за некои очигледно непотребни проекти и дискреционо трошење за „стоки и услуги“. Од друга страна, овие заштеди ги пренасочивме на клучни сектори во нашата земја, на кои им е потребна поддршка, особено образованието и здравството. Освен тоа, за останатите ставки како што се социјални трансфери и земјоделски субвенции, Владата многу повеќе се фокусира на нивната правилна употреба – со цел социјалните трансфери да се наменети за оние на кои им се најпотребни, или пак земјоделските субвенции да бидат ефективни во стимулирањето на производството и извозот“, изјави МФ Тевдовски
Тој додава: „Нашата определба за добро управување е значаен столб, вториот столб за постигнување на нашите цели е притисокот од јавноста “.
Во продолжение се објаснети двете клучни заложби на овој кабинет за иднината на МФ.
„Како прв столб, нашата определба за добро управување може да се воочи преку Стратегијата за управување со јавни финансии, чија подготовка траеше долго, но ја забрзавме пред неколку месеци – истата треба да биде усвоена до крајот на годината и спроведена во наредните години. Со оваа Стратегија, и други чекори што ги преземаме, ги дефинираме нашите цели и чекори за подобрување на клучните апсекти во управувањето со јавните финансии: подобри јавни набавки, подобри јавни финансиски контроли, нов современ органски закон за буџетите, нов трезорски систем, современа наплата на даноците. Ние сме свесни дека ова е долг, амбициозен и тежок процес – но решени сме барам еднаш да одиме по потешкиот наместо по полесниот пат. Свесни сме дека на овој начин нема да освоиме лесни политички поени. Сепак, доколку постигнеме успех со овој и други проекти, ова ќе гарантира многу подобро управување со јавните финансии до крајот на нашиот мандат.
Вториот столб за добро управување е тесно поврзан со транспарентноста. Доколку јавноста е запознаена како се управува со средствата и како тие се трошат, тогаш би можела да врши постојан притисок врз функционерите кога тие не управуваат добро со средствата. Тогаш функционерите би биле свесни за истото, што би претставувало дополнителен мотив за нив да управуваат добро со средствата и да се грижат за јавната каса.“
Конференцијата е организирана од страна на ОЕЦД и Европската унија. Главен говорник беше Јан Валсер, потпретседател за развој, финансии и институции на Светска банка. На панел-дискусијата покрај МФ на Македонија, беа присутни министрите за финансии на Украина, Србија, Молдавија, како и министерот за реформи на Тунис.