Скопје, 25 јуни 2014 (МИА) – Над два милиона пликоа ќе учествуваат во извлекувањето во наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“ коешто ќе се одржи во понеделник на 30 јуни 2014 година.
– Овој пат повторно имаме стан во Аеродром од над 50 квадрати, исто така дуќан во Аеродром, автомобил „пежо 208“ и други бројни награди, поточно ваучери од 1.000 денари до 1.000 евра. Само овој месец се пристигнати над 300 илјади пликоа, а бидејќи во извлекувањето ќе учествуваат сите претходно неизвлечени пликоа од февруари до јуни , во игра за добивање на овие вредни награди на играта практично ќе бидат над два милиона пликоа , изјави денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање по присуството на потпишување Договор за финансирање на втората фаза од Проектот за изградба на нова зграда за ОУ „Живко Брајковски“ во Бутел.
Изрази верување дека граѓаните ќе ги искористат преостанатите четири- пет дена за да соберат 20 фискални сметки, да ги стават во плико и да ги испратат на адресата на Државна лотарија на Македонија и да создадат можност да учествуваат во наградната игра и да добијат вредни награди.
Ова е седмо извлекување од наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“. Досега од наградната игра, чиј приредувач е Државна лотарија на Македонија под покровителство на Министерство за финансии, се доделени еден стан, еден деловен простор, пет автомобили и 750 вредносни ваучери од 1.000 до 60.000 денари.
Во сите извлекувања до крајот на наградната игра може да се учествува со пликоа со по дваесет фискални сметки издадени од 15 ноември 2013 година па наваму .
Во пресрет на седмото извлекување, Државна лотарија на Македонија организира караван , во рамки на кој се поставени пунктови со наменски кутии на повеќе локации во повеќе населени места.
Караванот тргна од Куманово, а ќе заврши во Струга и Охрид на 29 јуни 2014 година .