Курир – За капитални инвестиции во здравството и образованието следната година се предвидени над 70 милиони евра, најави денеска на комисиската расправа на буџетот, министерот за финансии Кирил Миноски.

Инвестициите во здравствениот сектор за 2017 година се проектирани на 1,12 милијарди денари или над 18 милиони евра.

– Капиталните инвестиции во здравството следната година се проектирани на 1,12 милијарди денари, и истите ќе бидат фокусирани на Проектот за изградба, реконструкција и доградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и Регионалната Клиничка болница во Штип. Останатите средства ќе бидат наменети за реконструкција на јавни здравствени установи, меѓу кои Клиничката болница во Тетово и болницата во Кичево и Гостивар, за набавка на медицинска опрема, како и за довршување на изградбата на ПЕТ Центарот, истакна министерот Миноски.

За капитални инвестиции во образованието, детската заштита и спортот издвоени се 3,25 милијарди денари или околу 53 милиони евра.

– Овие средства се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите, набавка на современа лабараториска опрема и инвестиции во спортска инфраструктура, истакна Миноски.

Министерот за финансии посочи и дека во наредниот период ќе продолжи и Проектот за условени парични трансфери во чии рамки е вклучена и реконструкцијата на Центрите за социјална работа, како и Проектот за развој на вештини и иновации со кој се поддржува работата на Фондот за иновации и технолошки развој. Истовремено, во рамките на овие средства е планирана и реконструкција на пензионерски дом во Гази Баба.

Comments are closed.

Close Search Window