За разлика од пред неколку години, кога бевме на опашката на сите ран-листи во регионот,
освен на таа за корупција, сега Македонија според условите за водење бизнис е најдоброрангирана од сите земји во Југоисточна Европа
Не знам дали некој се сеќава кога последен пат сме слушнале вест дека Македонија е најдобра во регионот во која било област. Една таква вест, објавена од најрелевантните меѓународни финансиски институции, стигна деновиве. Се однесува на напредокот што Република Македонија го постигна во подобрувањето на вкупната бизнис-клима. Според неодамна објавениот Извештај на Светската банка Duing Business, Македонија продолжува да бележи значаен прогрес во подобрувањето на бизнис-климата. Тој е евидентиран преку скок од осим места од 79-то на 71-во место, во конкуренција на 181 земја во светот. Тоа всушност значи дека продолжува подобрувањето на бизнис-климата почнато во минатата година, кога од 96-то се пробивме на 79-то место, а само за таа година бевме прогласени за четврти најдобар реформатор во светот. И оваа година Македонија е пак во групата на 20-те најдобри реформатори во светот.
За разлика од пред неколку години, кога бевме на опашката на сите ранг-листи во регионот, освен на таа за корупција, сега Македонија споредусловите за водење бизнис е најдоброрангирана од сите земји во Југоисточна Европа. Убедливо зад нас се Албанија (86), Црна Гора (90), Србија (94), Грција (96), Хрватска (106), БиХ (119), па дури и членките на ЕУ Чешка (75) и Полска (76). Човечки е со доза ривалство да се споредиме и со соседите од ЕУ: Грција со своите корупциски скандали и лоши услови за бизнис е рангирана дури на 96 место, односно цели 25 места зад Македонија. Бугарија е рангирана подобро од нас, на 45-то место.Како резултат на континуираните реформи, годинава во извештајот за Македонија е верификувано подобрување во шест од десетте области по кои се рангираат земјите: 1. Почнување бизнис; 2. Регистрирање имот; 3. Пристап до кредити; 4. Услови за тргување; 5. Плаќање даноци и 6. Извршување договори. Најдобро стоиме во областа почнување бизнис, каде што Македонија се најде меѓу 12-те најдобри земји во светот во кои е најлесно дасе отвори фирма и да се почне бизнис. Едношалтерскиот систем е унапреден и се скратени бројот на процедурите, трошоците и времето потребно за почнување бизнис. Овие реформи резултираа со скок од 11 места во споредба со минатата година, односно од 23-то на 12-то место, од 181 земја во светот.
Македонија има висока позиција и во условите за плаќање даноци. Намалувањето на данокот на добивка и на персоналниот данок на 12 отсто во 2007 и на 10 отсто во 2008 година, намалувањето на административните постапки за даночните обврзници и воведувањето портал за електронско плаќање даноци ја рангираа Македонија на 27-то место во светот според индикаторот плаќање даноци.Поедноставувањето и забрзувањето на постапките за регистрација на имот со новиот Закон за катастар на недвижности, придонесоа за намалување на времето за регистрација на имот од 98 на 66 дена. Во оваа област, Македонија се искачи за шест места. Кај индикаторот услови за тргување, времето за извоз е намалено од 19 на 17 дена, а за увоз од 17 на 15 дена, како резултат на зголемувањето на ефикасноста на Царинската управа,
рационализацијата на царинските дозволи и документи,
намалувањето и укинувањето на царинските тарифи и на
поедноставувањето на царинските административни постапки.
Во делот за пристап до кредити, Извештајот посочува дека новиот Закон за заштитата на личните податоци им дозволува на клиентите на банките да ги проверат информациите за нив во кредитниот регистар, со што се подобруваат квалитетот и точноста на информациите. Новиот закон за формирањето приватно кредитно биро дополнително придонесе за повисоко рангирање во оваа област, со скок од осум места во однос на лани. Во делот за извршување на договорните обврски, област што многу години беше една од најслабите точки во бизнис-климата, е остварен напредок преку целосно опремување на судовите со системи за електронско управување со предметите и нивно следење. Рангирањето на Македонија ќе беше уште подобро ако можеше да се земат предвид неколку значајни реформи што се спроведоа во последните два месеца (методологијата на Светска банка ги опфаќа реформите направени заклучно со јуни во тековната година), а кои се однесуваат на пазарот на работна сила, Законот за градење, со кој се забрзува добивањето градежни дозволи, Законот за парнична постапка и слично. Сепак, овие остварувања ќе бидат вреднувани во следниот извештај, па врз таа основа може да се очекуваат добри резултати и во 2009 година.Податоците објавени во новиот извештај на Светската банка Duing Business 2009 се најрелевантни за условите за водење бизнис и претставуваат независен извор во светската стручна јавност и во бизнис-круговите. Извештајот дава позитивни оценки за успешното продолжување на реформите во Македонија изминативе 12 месеци.
Позитивното рангирање на Македонија во светски рамки е од исклучително значење за промена на перцепцијата и за градењето позитивен имиџ за нашата земја. Ваквото реално признание за успешно спроведените реформи несомнено ќе донесе повеќе инвестиции. Тоа ќе има позитивни ефекти врз развојот на економијата, отворањето на работни места и подобрувањето на стандардот на живеење на населението.
Зоран Ставрески