Вашингтон, 25 април (МИА) – Вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески денеска и утре во Вашингтон на претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка ќе им ги претстават најновиот пакет мерки на Владата и ребалансот на Буџетот за 2009 година, јави известувачот на МИА.
Министерот Славески од Вашингтон во изјава за новинарите го повтори ставот на Владата дека во моментов Република Македонија нема потреба од некој пообврзувачки аранжман со ММФ и додаде дека доколку во текот на годината се укаже влошување на економската ситуација според сите параметри секако ќе биде легитимно да се побара поблиска соработка со фондот.
Според министерот Славески, најважна е фундаменталната политика на државата и оти најновото кратење на расходите на максимум е сигурно и она што би го побарал и ММФ од Македонија.
Тој го посочи примерот на Србија дека и склучен аранжман со Фондот не е гаранција дека состојбите нагло ќе се подобрат.
Новиот пакет мерки на Владата, како што истакна министерот за финансии, значи поддршка за македонското стопанство, со цел да се оствари барем минимална стапка на раст која е проектирана на еден отсто од БДП.
Тој потенцира дека новопроектираните приходи во буџетот ќе се реализираат според новата проекција на растот, а потребните 120 до 150 милиони евра за финансирање на дефицитот, кој е проектиран на 2,8 отсто од БДП, ќе се обезбедат од државни записи што е постојана пракса во Македонија, како и средства од странски извори на начин што ќе биде исплатлив. Славески ги спомна еврообврзниците, билатерален заем со една банка или заем од неколку банки.
Одговарајќи на новинарско парашање во врска со најновите проекции на ММФ за раст од минус два проценти во Македонија, министерот Славески рече дека ММФ новите проекции ги базира на општата состојба во светот како целина.
Тој додаде дека кога Владата ги прави проекциите прави попесимистички проекции за да се види што значи еден или два проценти поени повеќе или помалку што, пак, на општата проекција на приходите ќе значи премногу намалување или зголемување.
– Станува збор за еден процентен поен нагоре или надолу на БДП што при вака дизајниран даночен систем на приходи значи некаде повеќе или помалку 300-400 милиони евра, истакна министерот за финансии Трајко Славески.
Вицепремиерот Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески вчера во Вашингтон пред официјалниот почеток на Пролетните средби присуствуваа на состаноци кои се однесувале на нивните проценки за ситуацијата во светот.
– Не може ништо ново да се слушне. Ние редовно сме информирани со нивните проценки. Ова беше прилика да се видиме со некои луѓе и да размениме мислења, рече министерот Славески, кој додаде дека на средбите од словенечкиот колега Франц Крижањич добил понуда за секаква помош за Македонија во рамки на нивните можности и правните процедури и оти во наредните денов ќе се испитаат начините на кои Словенија може да и помогне на Македонија и на финансиски план.
###