Девизните резерви се двојно повисоки од вкупниот потенцијал за трошење во Македонија. Тоа е силен аргумент за сочувување на стабилноста на девизниот курс. Одреден период може платнобилансната нерамнотежа да се покрие, ако е потребно, со користење на девизните резерви, без да се наруши стабилноста на девизниот курс

Поклопувањето на изборите во Македонија со светската економска криза, неминовно предизвика економијата да биде една од главните теми на предизборната кампања. Со право, бидејќи и онака кревкиот стандард на населението е дополнително погоден од последиците што македонската економија ги трпи од светската криза. Тоа што сепак изненадува, е леснотијата со која во морето вести за економски теми, се пласираат многубројни невистини, но и тези кои одат директно на штета на државата. Во групата на невистини секако спаѓаат оценките за неспособноста на Владата за водење на македонската економија. Најдобриот одговор за способноста на една влада го даваат споредбените податоците за остварените резултати кога истите тие политичари имале шанса да ја водат македонската економија. Еве што покажуваат споредбите за клучните параметри за периодот од 1993 до 2008 година, значи за изминатите 16 години, од кои во 10 на власт беше СДСМ, а во 6 ВМРО-ДПМНЕ. Просечната годишна стапка на пораст на БДП (како најрепрезентативен показател за економскиот раст) во годините кога СДСМ ја водеше македонската економија, изнесувала 1,1 отсто, споредено со 2,7отсто во годините кога ВМРО-ДПМНЕ ја водеше македонската економија.

Значи со ВМРО-ДПМНЕ економијата годишно растела за 2,5 пати повеќе. Притоа, во последниве две години 2007-2008 е остварена просечна стапка на пораст на БДП од 5,6 отсто, убедливо највисока во периодот на независна држава. Втората споредба се однесува на инвестициите. Луѓето од СДСМ кои сега критикуваат за тоа дека приливот на странски инвестиции од 413 милиони евра во 2008 е мал, во периодот на владеење успеаја да привлечат странски инвестиции од само 96 милиони евра просечно годишно. И овој резултат го остварија во годините кога светската економија беше во силен подем, а приливите на странски инвестиции во другите земји беа најголеми во светската историја. Во земјите од блиското соседство, Бугарија, Романија, Хрватска, тие се мереа со милјарди евра годишно, во време кога владите на СДСМ ги остварија тие 96 милиони евра. За споредба, просечниот годишен прилив на странски инвестиции во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ ја водеше македонската економија, достигна 286 милиони евра. Значи односот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во овој дел е 3:1. Притоа, во последниве две години, остварен е вкупен прилив на странски инвестиции од 920 милиони евра или 460 милиони евра просечно годишно. Повторно тоа се убедливо најдобрите резултати остварени од 1990 наваму.

Третата споредба се однесува на задолженоста на земјата и способноста да се задолжува во овие кризни времиња за финансирање на инфраструктурни проекти, со крајна цел да се ублажат ефектите од кризата (на краток рок) и да се подобри конкурентноста (на долг рок). Во 2005, вкупниот надворешен јавен долг изнесуваше 47 отсто од БДП. На крајот од 2008, тој е речиси двојно понизок, изнесува 25,5 отсто од БДП. Како процент од извозот, надворешниот јавен долг во 2005 достигна 133,4 отсто, а на крајот од 2008 само 60,2 отсто. Тоа значи дека во 2005 целокупниот годишен извоз на стоки и услуги бил недоволен за покривање на екстерниот јавен долг, односно бил за 33,4 отсто понизок. Во 2008 извозот не само што го покрива надворешниот јавен долг, туку е за 40 отсто повисок. Намалувањето на екстерната задолженост на државата во изминативе две-три години е постигнато преку предвремена отплата на долгот, вклучително и оној кон ММФ и Светската банка. Тоа, пак, беше возможно да се направи затоа што беа остварени добри економски резултати, вклучително и високи приливи на девизи врз основа на странски инвестиции.

Така доаѓаме до клучните дезинформации кои СДСМ и неколку олигарси и квазиексперти блиски до таа партија упорно ги пласираат во јавноста, за тоа дека девизните резерви се стопиле и претстои сигурна девалвација на денарот. Тоа го поткрепуваат со фактот дека девизните резерви во последниве два месеца се намалиле за 50-ина милиони евра преку интервенции на пазарот. Притоа, не кажуваат дека претходно, од 2005 до 2008 девизните резерви се зголемија за 371 милион евра, односно од 1.123 милиони евра на 1.494 милиони евра. Дополнително, во истиот период над 300 милиони евра од девизните резерви беа искористени за предвремено плаќање на надворешниот долг. Конечно, уште еден аргумент дека девизните резерви се на безбедно ниво е фактот што го истакнуваат банкарските експерти: девизните резерви се двојно повисоки од вкупниот потенцијал за трошење во Македонија. Тоа е исклучително силен аргумент за сочувување на стабилноста на девизниот курс. Со други зборови, одреден период може платнобилансната нерамнотежа да се покрие, ако е потребно, со користење на девизните резерви, без да се наруши стабилноста на девизниот курс.

Тоа се фактите, кој што остварил додека ја водел македонската економија. Политички во време на избори е можеби разбирливо што СДСМ ги искривува овие факти, бидејќи не им одат во прилог. Обидите да се манипулира со податоците за економскиот раст и инвестициите се обиди да се нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ и како такви, иако неетички, можат да се разберат како борба меѓу политичките опоненти во едно плуралистичко и демократско општество. Но за разлика од нив, тезата за девалвација е многу поопасна. Таа е штетна не само за одредена политичка опција, туку е штетна за државата, за нејзините граѓани, за сите нас. Не знам колку се свесни во СДСМ дека секое нивно драматично најавување на девалвација, колку и да не е базирано на реални основи, предизвикува психолошки ефекти кај граѓаните и фирмите. Тие ефекти ја чинат многу скапо државата, претпријатијата, банките, граѓаните, не чинат многу скапо сите нас. Не чинат десетици милиони евра изгубени девизни резерви. И сето тоа заради немањето на чувство за професионална одговорност од страна на неколку квазиекспертски тезгароши и отсуството на политичка одговорност од страна на раководството на СДСМ.

Економската криза е сама по себе премногу сериозна појава за да се користи за ситнополитички препукувања и дополнителни заплашувања на граѓаните за девалвации, немање на пари за плати и пензии и слично. Секој треба да покаже одговорност и да го сработи својот дел, за заеднички да излеземе од кризата со што помали последици. Конечно, по пустошот што СДСМ го направи во македонската економија, во најмала рака е неморално тие да критикуваат за водењето на економијата и да сеат страв и шпекулации, без и најмало чувство на одговорност колку државата и сите граѓани губат заради тоа. Но, рака на срце, сеењето страв и немањето срам или чувство за одговорност кон сопствениот народ и држава, и не е нешто ново за СДСМ.
Зоран Ставрески

Comments are closed.