25 јануари 2018 година, Скопје – Во насока на точно информирање на јавноста, ги известуваме граѓаните дека нема промена во оданочувањето на дознаките.
Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат, додека дел од останатите приливи и понатаму ќе бидат предмет на оданочување, како на пример приливи по основ на извршена услуга.
Со предложените измени на Законот за вршење услуги брз трансфер на пари, се прави понатамошно усогласување со европското законодавство во делот на даночната евиденција.
Поточно, со овие измени се овозможува УЈП да има покомплетна евиденција на сите приливи, независно од нивното потекло, како и зајакнување на борбата против даночното затајување. Притоа, предложените измени не претставуваат никаква промена на даночната политика, односно не се однесуваат на оданочување на дознаките.