1 мај 2018, Скопје – Нова мерка на Владата за раст на платите. Ќе се поддржи покачување на платите на работниците во трудоинтензивните дејности со директна финансиска поддршка од државата во висина од 30 отсто од покачувањето на бруто платата.
Новата мерка на прес-конференција ја најавија премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Во продолжение е обраќањето на министерот за финансии.
Денеска, на Меѓународниот ден на трудот, сакам да потсетам дека eдна од првите мерки која ја преземавме како Влада беше покачувањето на минималната плата на 12.000 денари. Освен што ја покачивме минималната плата, исто така исправивме долгогодишна неправда работничките и работниците во текстилната и кожарската индустрија да имаат пониска минимална плата.
Како резултат на оваа мерка, над 90.000 вработени со полно работно време добија повисоки плати, а просечната плата во државава во јануари и февруари оваа година е за 4.6% повисока отколку во истиот период лани.
Ефектите најдобро се гледаат во трите оддела кои претходно имаа пониска минимална плата. Така, кај производството на текстил, растот на плата во јануари и февруари изнесува 22%, кај облеката, 15%, додека во кожарството, 17%.
Но, ние сме свесни дека ова не е доволно и дека платите на работниците треба уште да растат и да се подигне животниот стандард.
Затоа, денеска, на денот на работниците, сакам да ја претставам новата мерка која ја преземаме за да поттикнеме раст на платите.
За работник кој ќе добие покачување на платата во однос на последното тромесечје на 2017 година, Државата ќе покрие 30% од тој раст, поточно, од растот на бруто платата.
Мерката ќе се однесува на работници кои имале просечна нето плата до 18.000 денари во последните три месеци на 2017 година, и тоа на работници за кои фирмата не добива некоја друга помош или ослободување.
Поддршката ќе се однесува само на трудоинтензивни фирми, односно фирми кај кои трошоците за вработени сочинуваат повеќе од 50% од вкупните трошоци, и само на фирми кои не прават високи профити, односно фирми кои имаат добивка, како процент од вкупните расходи, помала од 10%.
Финанасиската поддршuка ќе биде условена на неколку начина. Фирмата ќе треба да го задржи на работа работникот за кој добива поддршка минимум една година по истекот на помошта, фирмата ќе треба да не му ја намалува платата на работникот минимум една година по истекот на помошта, фирмата ќе треба да не го намалува вкупниот број на вработени за време на добивање на помошта.
Поддршката ќе се однесува на сите дејности, ќе се исплаќа до крајот на 2018 година и ќе изнесува најмногу 1200 денари месечно по еден вработен.
Поддршката ќе се исплаќа од страна на Министерството за труд и социјална политика, по претходна апликација од страна на фирмите и проверка од страна на Управата за јавни приходи. Поддршката ќе се исплаќа откако фирмата ќе ја исплати платата на вработениот.
Проценките покажуваат дека околу 50.000 вработени, во околу 15.000 фирми, ги исполнуваат условите.
Со оваа мерка, продолжуваме со нашите напори за покачување на платите, подобрување на условите за работниците и унапредување на животниот стандард.