Госпоѓа Амбасадор, Почитувани учесници, Дами и господа,
Како Вицепремиер одговорен за економски прашања во новата Влада на Република Македонија, ми претставува чест да учествувам на оваа конференција и би сакал да ги поздравам сите учесници на овој важен настан.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да í се заблагодарам на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија за приредувањето на оваа регионална бизнис конференција. Исто така, би сакал да направам краток осврт на одредени аспекти од бизнис климата во Македонија и да ги претставам важните елементи на економската програма на новата Влада чија цел е постигнување на поголем економски раст преку развој на приватниот сектор.
Последните неколку години, медиумите и инвеститорската заедница интензивно говорат за „Словенскиот тигар“ после добро познатиот „Келтски тигар“. Според една неодамнешна студија на Светска банка, таа земја беше рангирана помеѓу 20 најпривлечни земји во светот за развој на бизнис. Главниот град на таа земја беше домаќин на последниот состанок Буш-Путин.
Таа земја, како што сите знаете, не е Македонија. Тоа е Словачка. Словачкото „економско чудо“ го анализираа аналитичари кои успехот им го препишуваат на мерките чија цел е поттикнување на странски директни инвестиции, вклучувајќи единствена даночна стапка, повластен третман на инвеститорите и закони за работни односи кои се во полза на развојот на бизнисот.
Словачка не е единствената успешна приказна. Тргнувајќи од Јапонија во 50-тите и 70-тите години од 20.век, Јужна Кореја, Сингапур и Ирска во 90-тите години на 20.век и најновите примери Кина, Чиле и Словачка, земји низ целиот свет кои се сведоци на значителна трансформација од преплавеност со сиромаштија до постигнување на статус на модерни и брзо растечки економии.
Новоизбраната Влада на Македонија верува дека сега нам ни е редот. Време е Македонија да стане новата успешна приказна во Европа.
Македонија беше релативно успешна во постигнувањето на макроекономска и политичка стабилност, важни предуслови за одржлив раст. Економијата постигна висок степен на макроекономска стабилност, со ниска инфлација, избалансирани јавни финансии и низок јавен долг. Сепак, високата невработеност создава економски и социјални проблеми кои заслужуваат широк и агресивен пристап од страна на владата. Целокупниот раст и создавањето на работни места ќе бидат единственото долгорочно решение за овој најголем економски и социјален проблем.
Завршувањето на структурните реформи и создавањето на институционална, регулаторна и административа рамка кои ќе придонесуваат за развојот на приватниот сектор е клучен предизвик за Владата. Подобреното бизнис опкружување ќе помогне да се зголеми конкурентноста на земјата и да се привлечат домашни и странски инвестиции.
Главните цели на Македонија за следните неколку години вклучуваат воспоставување на одржливи повисоки стапки на пораст и придвижување кон Европа. Заради стеснување на јазот на приходите и олеснување на приближувањето кон ЕУ, Македонија ќе треба да ги зголеми вработеноста и продуктивноста. Со приближувањето на Македонија кон ЕУ, таа има можност да работи на предизвиците и да ја постави економијата на патека со повисок раст.
Ова подразбира решителна реформска агенда сконцентрирана на пет области за стеснување на јазовите на приходите, продуктивноста и инвестициите и побрзо приближување кон ЕУ. Програмата на македонската Влада содржи бројни мерки за изградба на подобро бизнис опкружување кое би ги поддржувало приватните фирми во меѓународното конкурентно опкружување:
- Прв и најважен услов, темелот во структурата кој Владата сака да го постави во следните четири години е – политичката стабилност. Постоењето на отворен политички дијалог помеѓу сите политички партии од позицијата и опозицијата е “condition sine qua non” за спроведувањето на амбициозната програма на економски реформи;
- Започнавме 4-годишна програма за даночна реформа чија цел е намалување на вкупното даночно оптоварување и поедноставување на даночните постапки. На 1 јануари, 2007 година, Владата ќе го донесе нејзиниот фискален пакет. Македонија ќе го има еден од најповолните даночни системи во Европа, со намалување на данокот на добивка и персоналниот данок на доход на единствена стапка од 12%. На 1 јануари 2008 година, ќе подлежи на дополнително намалување, со што ќе стане апсолутно најнискaта стапка во Европa: 10%. Овие мерки ќе бидат надополнети со поедноставување на даночната администрација и усогласување на даночната основица. Подготовките за формирање на служба за големи даночни обврзници и служба за големи плаќачи на придонеси се започнати, и усогласената даночна основица ќе се воведе на почетокот на 2007 година.
- Подобрување на квалитетот и квантитетот на физичкиот капитал. Владата има намера да ги зголеми продуктивните буџетски расходи за инфраструктурата. Приоритетни реформски области ќе бидат следниве: (a) подобрување на патните сегменти на кои се одвива меѓународен сообраќај на големи релации, вклучувајќи ги Коридорите VIII и X, кои ќе бидат понудени за концесија; (б) реформа и приватизација на македонски железници; (в) реформа и концесија на Македонски аеродроми; (г) либерализација на телекомуникациите, вклучувајќи дополнителна лиценца за мобилен оператор и нова конкуренција во фиксната телефонија; и (д) проекти во енергетскиот сектор. Ова треба да резултира во пониска цена на овие услуги и зголемен квалитет на инфраструктурата.
- Подобрување на квантитетот и квалитетот на човечкиот капитал. Во ерата на економија заснована на знаење, квалитетот на образовниот систем и неговата ефективност е веројатно единствениот најважен фактор за осигурување на одржлив долгорочен раст и подобрување на конкурентноста на земјата. Во македонскиот образовен систем потребно е да се воведат сериозни промени за да се приближи до потребите на современата пазарна економија. За да се поттикне продуктивноста на работната сила и да се зголеми извозниот капацитет над продуктите кои се поврзани со неквалификувана работна сила, постои потреба за усовршување на вештините на работната сила. За ова е потребна реформа во образовниот систем, која вклучува: (a) зајакнување на врските помеѓу вештините стекнати во образовниот процес и оние потребни за пазарот на труд; (б) зголемување на ефикасноста во образованието преку модернизација на наставните програми и учебниците, и поврзување на финансирањето со резултатите од образованието. Сепак, за посилен конкурентен скок, потребни се повеќе инвестиции во истражувањето и иновациите. Намерата на Владата е да ги поттикнува применетите истражувања со голем потенцијал за комерцијална примена. Потребно е зајакнување на приватниот сектор за апсорпција на иновациите и новата технологија за да останат конкурентни на светската арена.
- Поттикнување на ефикасно и транспарентно управување со јавниот сектор, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата. Корупцијата и управувањето претставуваат најголеми пречки за бизнисот како и за постигнувањето на одржлив економски раст на Македонија и зачленувањето во ЕУ. Според Испитувањето на бизнис опкружувањето на Светска банка, корупцијата е главна пречка за донесување на инвестициони решенија во Македонија. Во минатото беа донесени голем број на закони и правилници, но до сега нивната примена е слаба. Следната фаза ќе треба да се сконцентрира на напорна работа за спроведување на овие закони. Со голема поддршка на УСАИД и други развојни партнери, Владата подготвува повеќесекторска стратегија за разрешување на клучните слабости во судството, царината, финансирањето на политичките партии, функционирањето на релевантните државни институции, итн.
- Како студијата FIAS, така и CAS на Светска банка ја подвлекуваат неизвесноста на правата за недвижен имот како главна пречка за инвестирање во Македонија. Довербата во регистрацијата и евиденцијата на катастарот е ниска, бидејќи евиденцијата е прилично застарена, и 60-70% од имотот не е воопшто регистриран. За интеграција во ЕУ ќе бидат потребни правични и ефикасни пазари на имот и функционирање на системот за регистрација на имотот. Поради тоа, планираме да ги забрзаме реформите во оваа област и да имаме целосно функционален Катастар до почетокот на 2008 година.
- Подобрување на функционирањето на пазарот на труд. Клучните реформи во оваа област, би вклучувале: (a) намалување на даноците на личниот доход заради зголемување на поттикнувањето за создавање на нови работни места; (б) флексибилна употреба на договорите на определено време и договорите на дело; (в) пофлексибилни услови за вработување и отпуштање; (г) прилагодување на придонесите во случај на невработеност на просечното ниво и траење на земјите на ОЕЦД заради отстранување на обесхрабрувањата да се работи; и (д) зголемување на учеството на работната сила со овозможување на флексибилна употреба на времените и хонорарните договори.
- Подобрување на функционирањето на судството и намалување на регуларната комплексност. Законодавната и регулаторна рамка на Македонија остануваат премногу комплицирани, а спроведувањето на договорите сеуште е слаба точка. Реформите насочени кон поедноставување на регулаторните режими и зајакнување на спроведувањето на договорите, вклучуваат: (a) поедноставување на постапките за спроведување на договорите; (б) понатамошно поедноставување на режимите за издавање дозволи; (в) поедноставување на документацијата потребна за регистрација на нов бизнис и (д) воведување на законски рок за давање одговор (правило дека молчењето значи согласност) за регистрација на бизниси и издавање дозволи. Една од иновавациите во регулаторната реформа која најбрзо се распространува, а која во последната деценија се применува во неколку земји – Регулаторната гилотина, наскоро ќе почне да се применува во Македонија. Неколку земји ефективно ја применуваа гилотината во прегледувањето, отстранувањето и замената на регулативите кои не се во согласност со пазарната економија и ова е еден од нашите приоритетни проекти за следните 12 месеци.
- Растот на секторот на претпријатија беше исто така попречен од лошиот пристап и високиот трошок на кредитите. И покрај неодамнешните подобрувања во финансискиот сектор и зголемениот коефициент на заемот во однос на БДП, нивото на банкарско посредување во Македонија останува меѓу најниските во регионот. Подготвуваме сеопфатна ревизија на законската рамка за подобрување на оваа ситуација и целокупната ефикасност и здравата состојба на банкарскиот систем. Понатамошната консолидација на банкарскиот сектор и зајакнувањето на конкуренцијата со влез на врвни странски банки ќе биде поттикнато со различни мерки.
- Цврсто веруваме дека гореспоменатите мерки значително ќе ја подобрат инвестиционата клима, што сепак вклучува многу други фактори кои придонесуваат за формирање на одлуките на фирмите за продуктивно инвестирање. Овие мерки ќе бидат надополнети со добро обмислена и организирана стратегија за промоција на инвестициите, вклучувајќи и модерни маркетинг техники и единствена професионална агенција за поттикнување на инвестициите која на потенцијалните инвеститори ќе им ги овозможи сите потребни услуги.
- За да бидат ефективни, погоре споменатите структурни реформи ќе треба да се спроведуваат во стабилно макроекономско опкружување. Реформската агенда ќе биде поддржана со макроекономски политики кои се справуваат со ризиците и обезбедуваат стабилно опкружување со ниска инфлација.
Како што забележавте, нашиот реформски пакет ги надминува барањата на ЕУ. Вчера од страна на ММФ беше оценет како „многу амбициозна економска програма полна со инспиративни идеи". Toa se навистина ретки зборови и комплименти добиени од ММФ.
Новата Влада е решена да ја направи Македонија земја позитивно настроена кон бизнисот. Со решително спроведување на реформите изнесени во програмата, цврсто сме убедени дека растот и создавањето на работни места во Македонија би можеле да го повторат успехот на Ирска или Словачка.
Владата би сакала да ја види Македонија во следните неколку години заситена со странски инвестиции. Иако зборовите може да звучат преамбициозно, јасно ја отсликуваат нашата решеност и насоката во која сакаме да се движиме. Владата ќе придонесе за постигнување на оваа цел со обезбедување на законско поле за игра и создавање на опкружување поволно за развој на бизнис.
Испраќаме покана до сите инвеститори да ни се придружат на ова возбудливо патување.
Ви благодарам.