Почитувана г-ѓа Силва Мехиас, постојан претставник на ООН во Република Македонија,
Почитуван г-дин Срѓан Керим,
Ваши Екселенции,

Почитувани претставници на Владата, Парламентот и локалната самоуправа,
Уважени дами и господа,

 

Чест ми е да се обратам на денешниот настан на кој прославуваме 63 години од постоењето и работата на Организацијата на Обединетите Нации, со единствен консензус на сите земји членки во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност.

Изминатава година е година на голем број предизвици со кои се соочува глобалната економија. Се наоѓаме во средината на една од најсериозните глобални кризи на финансиските пазари. Финансиската турбуленција, заедно со растот на цените на прехранбените производи и нафтата што се случија годинава, ги присилија владите во светот да преземат брзи и флексибилни политики и мерки. Истовремено, останатите предизвици – како што се климатските промени, ефективноста на меѓународната помош и управувањето со меѓународните институции — се неодложни. Затоа, потребни се соодветни мерки и активности, без одлагање, со цел да се одржат стабилноста и постигнатите придобивки за намалување на сиромаштијата во изминатата декада.

Иако ризиците од случувањата во глобалната економија и нивното влијание врз Западниот Балкан не треба да се потценат, регионот е во подобра позиција за да може да ги апсорбира овие финансиски шокови. После цела декада на реформи, забрзан економски раст и зајакнати национални јавни институции, создадени се услови за постепена интеграција на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија.

Република Македонија направи значаен напредок во изминатиов период. Забрзан е економскиот раст во последниве две години, обезбедена е макроекономската стабилност, а истовремено се спроведуваат низа важни реформи. Програмата на Владата има мулти – секторски пристап со кој се предвидени здрави економски и регулаторни политики за подобрување на бизнис климата, зајакнување на пазарот на труд, промоција на високо квалитетно образование и создавање на ефикасна социјална заштитa. Во тек се активности за значителни инвестиции во енергетиката и модернизирање на транспортната инфраструктура, заради обезбедување услови за одржлив раст во иднина.

Главна цел на Република Македонија е да го заврши процесот на интеграција во ЕУ и брзо да го достигне националниот доход на земјите членки на ЕУ, но на начин кој е фискално и социјално одржлив, притоа внимавајќи на зачувувањето на животната средина.

Би сакал да истакнам дека Организацијата на Обединетите нации преку Програмата за развој во Република Македонија е доверлив и сигурен партнер на Владата во спроведување на зацртаните цели и приоритети.

Напредокот на Република Македонија според Doing Business индикаторите на Светската банка е доказ за постигнатиот успех во подобрување на бизнис климата, што е резултат на спроведените регулаторни реформи.

Невработеноста, која е еден од најголемите економски и социјални проблеми во Македонија, во изминативе две години забележа мало, но значајно намалување. Притоа, значаен беше придонесот на УНДП во дизајнирањето и спроведувањето на владините активни мерки за вработување.

Социјалната политика, ја базираме на начелото на хуманизам, социјална праведност и солидарност, со цел постигнување повисок степен на социјална кохезија и еднаквост. УНДП со својата експертиза даде поддршка во креирање на рамката за социјална инклузија, надминување на родовите разлики и подобрување на квалитетот на образованието.

Ние веруваме дека сите луѓе имаат право на највисоки стандарди неопходни за здрав и квалитетен живот. Во таа насока, во соработка со меѓународните организации работиме на создавање здравствен систем што ќе го одржи и подобри здравјето на сите граѓани независно од нивната можност да ги платат здравствените услуги. Затоа, Владата, во согласност со препораките на Светската здравствена организација ја спроведува програмата за бесплатни вакцини против грип за лица над 65 години, децата со намален имунитет, како и хронично болните. Воедно, продолжуваме со превентивните програми за унапредување на здравјето на жените, како што е бесплатно вакцинирање на сите девојчиња од вирусот ХПВ, бесплатни прегледи и тестирања за рано откривање на малигните заболувања.

Во делот на децентрализацијата, заедно со општините и УНДП, работиме на зајакнување на капацитетите на општините за нивно финансиско осамостојување и рамномерен регионален развој.

Како одговор на климатските промени, посебно ја цениме поддршката на UNDP, UNEP, UNICEF и FAO во делот на координацијата, проценката на еколошките и социо-економските ефекти врз животната средина, како и формулирањето на планови за навремено сузбивање на последиците.

Почитувани,

Решавањето на последиците од финансиската криза, борбата против сиромаштијата и социјалната инклузија, како и рамномерниот и одржлив развој – стануваат главни задачи како на владите, така и на меѓународните организации.

Вклучувањето на новинарската фела како објективен согледувач на општествената реалност е неопходно, но истовремено непроценливо е нејзиното значење во процесите на изнаоѓање на начини за социјална партиципација на возрасни, млади и деца.

Доделувањето на овогодишните традиционални награди за новинари, сниматели и фоторепортери во организација на ООН претставува вистински начин креативниот потенцијал да се стави во функција на подигнување на свеста за облиците на исклученост по која било основа, како и последиците од сиромаштијата и недостатокот на материјални ресурси.

Предизвикот на првата декада на 21-от век, кога се прославува 60 години од Универзалната декларација за човекови права, е негување и градење на свет втемелен на целосно почитување на човековите права, без оглед на социјалната, националната и верската припадност на луѓето. Визијата за ваков свет станува реалност само ако осетливоста за праведност меѓу луѓето стане вредност за секој поединец и дел од културата на живеење на секој народ.

Нека ни е честит денот на нашата Организација!

Comments are closed.