На почеток, би сакал да им го честитам празникот на вработените во Царинската Управа на Република Македонија и да им посакам уште многу години успешна работа. После толку време, Македонија конечно може да се пофали со ефикасна, ефективна и модерна царинска служба која може да се соочи со предизвиците кои ги наметнуваат современите глобални текови и евроинтеграциите. Царината стана потпора за бизнисот во земјава и ефикасна алатка во борбата против нелегалната трговија и криминалот, и заштитник на интелектуалната сопственост.

Пред само 3,5 години имавме сосема различна слика. Царината беше институција која од јавноста најчесто ги заслужуваше епитетите „неефикасна“, „корумпирана“, „непријателски настроена“. Бидејќи во многу случаи токму оваа институција е линкот на државата со остатокот на светот, лежерниот однос и незаинтересираноста за менување на начинот на работа, директно влијаеше на репутацијата на Република Македонија на меѓународната сцена.

Не ретко земјава беше рангирана на црните листи за нелегална трговија, транзит на опојни дроги и повреда на интелектуалната сопственост. На царинските премини владееше „банкнотата“, што ја доведе земјава на лош глас меѓу бизнисмените. Хартии, долги збунувачки процедури и денови чекање – беа вистинска пречка за процесот на размена на стоки и услуги.

Денес, не само што успеавме да решиме голем број од порано споменатите проблеми, туку отидовме и чекор понатаму:

•Спроведени се интерни реформи во Царинската Управа со кои значително се подобрени работните и менаџмент процеси.

•Направени се значителни инвестиции во зајакнување на технолошките капацитети преку набавка на модерна опрема, како што се мобилни скенери, централизираниот мониторинг систем и друга опрема.

•Подготвени се стотина упатства и методологии во кои се документирани работните процедури и постапки на царинските работници.

Голем дел од реформите се насочени и кон бизнисите, при што:

•Воведен е EXIM едношалтерскиот систем (електронски one stop shop) преку кој по електронски пат фирмите аплицираат и ги добиваат потребните увозно-извозни дозволи.

•Во текот на минатата година донесен е пакет од 50 мерки кои се дел од проектот Регулаторна гилотина и се однесуваат на упростување и забрзување на царинските постапки. Како резултат на тоа, зголемена е пропусната моќ на царинските премини, а преку поедноставување на постапките при увоз и извоз за компаниите, намалени се нивните трошоци.

•Подготвена е законската регулатива и наскоро ќе се имплементира нов систем за е-декларации, кој ќе овозможи работа во бесхартиена околина и заштеда на ресурси.

•На почетокот на годинава укинати се повеќе административни такси за обработка на царинските документи – за поднесување на царински декларации, барања за издавање на уверение за движење на ЕУР 1, за документи пропишани со меѓународни договори и записи за внесување и изнесување на стока во и од слободните зони. Со укинување на овие такси значително се намалуваат трошоците за економските оператори, како и административните процедури.

•Конечно, на патот кон ЕУ, направени се повеќе усогласувања со европската легислатива, за Царинската Управа да одговори на новите предизвици што ги наметнува членството.

Како земја кандидат за членство во ЕУ, од особено значење е оценката од последниот извештај на Европската Комисија за успехот во усогласување со европското царинско законодавство и напредокот во изградба на административни и институционални капацитети. Комисијата забележа и подобрени резултати во борбата против криминалот и фалсификатите.

Пофалби за работата на Царината добиени се и од Светската царинска организација (СЦО). Македонија доби прва награда за прогресот направен во заштита на интелектуална сопственост од оваа меѓународна организација на почеток на годинава.

За 3 години направен е скок од 65 места на ранг листата на Doing Business, од 127 на 62 место, за реформите по критериумот „услови за тргување“. На почетокот на 2010 година во студија на Светска банка за регионалната трговија, забележано е дека Македонија е една од државите која најсоодветно пристапува кон либерализацијата на трговијата и ги укинува нетарифните бариери.

Сите овие награди и пофалби се признание за сите нас, но пред се за одличниот раководен тим на Царинската Управа кој покажа одлични менаџмент способности, висок степен на личен интегритет и голема мотивираност за промени на подобро. Не е помала ниту заслугата на вработените во Царинската Управа. Отворени за соработка, тие одговорија на најдобар можен начин на реформите кои се воведоа во Царината, учејќи и подобрувајќи ги своите перформанси.

Од тие причини би сакал да Ви честитам и да Ви заблагодарам на сите Вас кои придонесовте за подобрување на условите во царинското работење, а на тој начин и за создавање на една подобра клима во општеството и економијата.

Почитувани,

Владата на Република Македонија ќе продолжи во спроведувањето на реформите во овој сектор, како и во вложувањето и стручната поддршка на царинските работници и Царината.

Се надевам, дека досега постигнатите резултати ќе бидат поттик за да продолжите со исто темпо понатаму, што ќе придонесе за подобрувањето на имиџот на Република Македонија.

 

Comments are closed.