Почитувани екселенции, Почитувани бизнисмени и менаџери, Дами и господа, драги гости
Почитувани екселенции, Почитувани бизнисмени и менаџери, Дами и господа, драги гости
После точно 1 месец откако Македонија доби светско признание за успешноста во реформите за Doing Business во измината година, навистина ми претставува чест и задоволство што сум поканет да го отворам овој бизнис форум на кој се собрани голем број угледни домашни и странски инвеститори.
Најнапред, како што е редот, би сакал да се заблагодарам на Европската Финансиска Конвенција што овозможи овој настан да се случи и истовремено да ги поздравам и сите присутни гости.
Со оглед дека денешниот форум е посветен на бизнис климата и инвестициите, во моето излагање ќе се обидам накусо да ги презентирам политиките и реформите што се преземаат за подобрување на вкупниот бизнис амбиент и за промовирање на Македонија како привлечно место за инвестирање, но и секако да ги сумирам главните причини зошто денес да се инвестира во Македонија.
Водејќи се од основните цели на економската политика за повисок и одржлив економски раст и зголемување на вработеноста, Владата во фокусот на својата работа го стави развојот на приватниот сектор и создавањето услови за зајакнување на неговата конкурентност. Во таа насока, на поттикнувањето на домашните и привлекувањето на странските инвестиции, Владата им даде високо место на листата на приоритети.
Република Македонија во континуитет ги одржува политичката и макроекономската стабилност, кои се главни предуслови за економски развој и зголемување на нивото на инвестиции.
Политичка стабилност. Слободно може да се каже дека Македонија денес претставува успешен пример за мултиетничка држава во која посебно внимание се посветува на развој и негување на демократски процеси, подобрување на меѓуетничките односи и водење мирољубива регионална политика. Нашата определба за евроатланска интеграција е потврдена со статусот што Македонија го доби на земја кандидат за ЕУ, добивањето на датум за преговори со ЕУ што го очекуваме во 2008 и поканата за интегрирање во НАТО што веруваме ќе се случи во Април 2008 на Самитот во Букурешт.
Макроекономска стабилност. Македонија има долга историја на макроекономска стабилност со ниска инфлација, која во просек во последните 10 години изнесува околу 2%, избалансирани јавни финансии со низок дефицит од 1%, високо ниво на девизни резерви, стабилен курс на денарот и низок јавен долг од околу 32% од БДП. Како резултат на прудентните макроекономски политики Македонија доби позитивни оценки од меѓународните финансиски институции и неколку реномирани светски кредитни агенции. Така, неодамна рејтингот на Република Македонија беше зголемен на ББ+ со позитивна перспектива.
На последното Генерално собрание на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд што се одржа овој викенд во Вашингтон, Македонија беше пофалена за напредокот на економските реформи и за квалитетот на политиките што се имплементираат.
-Растот на Бруто домашниот производ во оваа година ќе изнесува околу 6%, што укажува на забрзан раст на македонската економија. Притоа, извозот заклучно со август бележи зголемување од 40 % споредено со истиот период лани.
-Приливот на странски директни инвестиции во првите шест месеци изнесуваше околу 150 милиони долари, што е за третина повеќе отколку просекот за цела година во изминатиот период.
Во насока на подобрување на вкупната бизнис клима и привлекување на инвестиции, преземени се бројни реформски активности:
– Со данокот на добивка и данокот на доход кои од почетокот на 2008 година ќе изнесуваат само 10%, Македонија всушност има најнизок рамен данок во Европа и најповолен пакет на даноци. Што е уште позначајно, реинвестираната добивка целосно е ослободена од оданочување, а административните процедури се значително поедноставени.
– Во изминатава година е воспоставен партнерски однос со бизнис заедницата и редовен отворен дијалог во решавање на проблемите и креирање на политиките.
– За намалување на регулаторниот и административен товар врз бизнисите и граѓаните, ја имплементиравме Регулаторната гилотина со која во стотици закони и подзаконски акти ги поедноставуваме и намалуваме бирократските процедури за добивање дозволи, одобренија, уверенија и други формалности.
Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ како моќен правен инструмент за притисок врз администрацијата да одговара на барањата на странките во пропишаниот рок. Доколку во предвидениот рок не се добие одговор, се смета дека одговорот е позитивен.
Ги намаливме тарифите и надоместоците и до 50 отсто кај десетина државни институции, меѓу кои Централниот регистар, Катастарот, Царинската управа, Бирото за метрологија, итн.
Значително ги поедноставуваме и забрзуваме царинските процедури за увоз и извоз преку воведување едношалтерски систем, како и ги олеснуваме постапките за добивање одобренија за градба. Што е многу значајно, имплементираме крупни реформи во Катастарот, заради далеку поголема ефикасност во запишување на правата на сопственост и негова целосна функционалност и дигитализација до крајот на 2008.
Во однос на започнувањето бизнис, од август оваа година фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа, без потребен почетен капитал.
– Дополнително го либерализиравме финансискиот сектор со донесување на новиот Закон за банки и овозможивме влез на реномирани банки и странски компании во осигурителниот и секторот за лизинг при што резултатите веќе се чуствуваат. Во Македонија, присутни се светскиот реномиран бренд, француската Societe Generale; австриските ГРАВЕ и Хипо Алпе Адриа; како и словенечките компании Триглав и Сава-Ре. Очекуваме влез на нови странски банки и инвестициски фондови во Република Македонија. Македонската берза за хартии од вредност има висок тренд на раст, кој очекуваме да продолжи со приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО.
Како резултат на овие реформи постигнат е одличен резултат потврден во Извештајот на Светската банка Doing Business 2008, во кој Македонија е рангирана на високото 4-то место во конкуренција со 178 земји во светот, меѓу врвните светски реформатори, во олеснување на процедурите за вршење бизнис.
– Заложбата на Владата за либерализација на телекомуникациските услуги, за поголема конкуренција и за намалување на цените се потврди со влез на нови оператори во мобилната, а набрзо и во фиксната телефонија, како и во понудата на нови интернет услуги. Со работа започна новиот оператор, австриски Мобилком, со што драстично се намалија цените во мобилната телефонија и кај останатите оператори.
Во делот на инфраструктурата – транспортот и енергетскиот сектор – преземаме низа активности за нивно модернизирање и изградба на нови капацитети. Инициравме инвестициски циклус од околу 1,5 милијарди евра во енергетскиот сектор, а во тек се активностите за модернизација и концесија на аеродромите во Скопје и Охрид и изградба на незавршените делови од транспортните коридори VIII и X.
Зголемувањето на конкурентноста е еден од клучни приоритети на Владата и затоа интензивно инвестираме во развој на човечкиот капитал преку модернизација на образованието, прилагодување на програмите кон потребите на бизнисот и развој на претприемништвото. Воведено е задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата, мандаторно изучување на повеќе странски јазици и на претприемништво. Со цел подигање на квалификациите и конкурентноста на работната сила, се спроведуваат бројни програми за доедукација и тренинг.
За промовирање на Македонија во атрактивна бизнис дестинација, воспоставивме уникатна институционална архитектура преку т.н. Тим Македонија, во кој Премиерот заедно со економските министри во Владата преку roadshows во повеќе земји во Европа, а наскоро и во САД ја промовираат Македонија како атрактивна дестинација за инвестирање. Во овој тим се вклучени и двајцата министри задолжени за привлекување странски инвестиции и секако директорот на Агенцијата ИнвестМакедонија. Истовремено, го зајакнавме институционалниот капацитет и финансиската моќ на Агенцијата и спроведуваме агресивна промотивна кампања во најреномираните странски весници и ги презентираме предностите за инвестирање во Македонија.
Владата е посебно фокусирана за развој на слободните економски зони. Формирани се четири вакви зони од кои две во близина на Скопје и по една во Штип и Тетово. Изградбата на инфраструктурата во зоната Бунарџик е во завршна фаза, при што довршувањето и развојот на оваа зона, како и на останатите ќе биде реализирана преку модел на јавно – приватно партнерство, за што веќе имаат изразено интерес неколку реномирани компании преку меѓународен јавен тендер.
За инвеститорите во зоните предвидени се даночни, царински, инфраструктурни и други привилегии. Тука спаѓаат царински и ослободувања од Данокот на додадена вредност, како и ослободувања од: i/ Данок на добивка за период од 10 години; ii/ 50 процентно ослободување на персоналниот данок во првите пет години од работењето; iii/ даночно ослободување на реинвестираната добивка; iv/ ослободување од административни такси и данок на имот. Земјиштето се издава под поволни услови за период од најмногу до 75 години, (а по измените на Законот и до 99 години) заедно со инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.
Владата, на отворен и транспарентен начин на заинтересираните домашни и странски инвеститори ќе им ги обезбеди сите потребни услови за да можат непречено да ги реализираат своите инвестициони проекти во Македонија. Пакетот на погодности за инвеститорите во зоните ќе биде одобруван експресно во период не подолг од 10 дена.
Верувам дека изнесов доволно аргументи зошто инвеститорите треба да ја одберат токму Македонија за воспоставување или проширување на својот бизнис. Дозволете ми да ги сумирам тие аргументи на следниот начин:
- Статус на земја кандидат за ЕУ и НАТО
- Макроекономска стабилност
- Најатрактивен даночен пакет во Европа
- Четврта земја според реформите во Doing Business
- Посебни погодности во Слободните економски зони
- Млада и конкурентна работна сила
- Проширен пазар од 650 мил. потрошувачи
- Квалитетна инфраструктура
- Влада која има отворен однос кон инвеститорите и е цврсто решена да ја подобри економската иднина на Република Македонија.
На крајот, би сакал да ви посакам корисни и плодни дискусии за време на панел сесиите во дводневниот бизнис и инвестициски самит.
Ви благодарам.