г-дин Штраус Кан, директор на ММФ,
г-дин Зелик, претседател на Светската банка,
дами и господа:

 

Дозволете ми да ви посакам добредојде на годишните собранија на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во 2008 година. За Македонија претседавањето со годишните собранија претставува голема чест.

Во време на историски предизвици и промени во глобалната економија, делува смирувачки дека на кормилото на институциите од Bretton Woods стојат лидери со извонредно искуство и енергија. Знам дека колегите гувернери ќе ми се придружат во искажувањето на благодарност на г. Штраус Кан и г. Зелик за нивното мудро водство со цел надминување на постојните и долгорочни предизвици преку зајакната соработка и советување на земјите членки на ММФ и Светска банка, но и преку спроведување на внатрешни реформи во овие институции. Во иднина, имам потполна доверба дека г. Штраус Кан и г. Зелик успешно ќе ги реализираат планираните активности за надминување на сегашните ризици и спремно ќе ги дочекаат сите нови предизвици. Гувернерите би сакале да му се заблагодарат на г. Картенс за управувањето со Комитетот за развој и г. Падоа Шиопа за претседателствувањето со Комитетот за монетарни работи и финансии, како и да му честитаат на г. Јусуф Бутрос Гали на неговиот избор за нов претседател на овој комитет.

 

Турбуленции на глобалните пазари: Нови предизвици и повик за преземање навремени и флексибилни мерки

Почитувани гувернери,

Настаните во изминатата година јасно не потсетуваат на големиот број на непосредни предизвици со кои се соочува глобалната економија. Се наоѓаме во средината на една од најсериозните глобални кризи на финансиските пазари на денешницата. Оваа финансиска турбуленција, заедно со растот на цените на прехрамбените производи и нафтата што се случија оваа година, ги присилија Владите во светот да преземат брзи и флексибилни политики и мерки. Истовремено, останатите предизвици – како што се климатските промени, ефективноста на меѓународната помош и управувањето со институциите од Bretton Woods — се неодложни поради што е потребно преземање на соодветни мерки и активности без одлагање.

Витално е да ја искористиме компаративната предност на ММФ и Светска банка за брзо да ги надминеме непосредните опасности и закани, притоа продолжувајќи со напорите за решавање на тековните и среднорочни предизвици. Институциите од Bretton Woods имаат одлична позиција и можност да работат со земјите членки и другите меѓународни и регионални институции за да го ублажат ударот од финансиските турбуленции и да спречат понатамошно проширување на кризата. Покрај преземањето на итни мерки за подобрувањето на снабдувањето со храна, потребно е преземање на активности за зголемување на нејзиното производството. Поради комплексноста и големината на денешните предизвици кои се без преседан,  глобалните институции, како банката и фондот, треба да подготват ефикасни и флексибилни политики за да се одржат макроекономската стабилност и придобивките кои беа постигнати за намалување на сиромаштијата во изминатата декада.

            Ревидирање на советодавната и улогата на заемодавател на ММФ и Светската банка

Во изминатите неколку години, позитивните случувања на глобалната економија и зајакнатите национални политики придонесоа за намалување на барањата за заеми од Fондот. Сепак, во сегашните итни околности, потребно е Fондот да биде подготвен да обезбеди навремена и флексибилна финансиска поддршка за своите членki. Во таа насока, охрабрени сме од барањето на директорот (г. Штраус Кан), бордот на Fондот да ги активира процедурите за обезбедување на брзи заеми. Истo така, охрабрени сме од одлучноста на Fондот да продолжи да ги адаптира инструментите за позајмување согласно променетите услови. Ги поздравуваме иновативните инструменти кои се ставени на располагање, вклучително и на реорганизираниот механизам за надворешни шокови (Exogenous Shock Facility), преку кој ќе се обезбеди брза помош со зголемени износи за членките кои се соочуваат со финансиски шок, како и размислувањето за нов инструмент за обезбедување ликвидност и спречување на финансиски кризи. Во овој контекст, треба да се спомене неодамнешната ревизија на улогата на Фондот во финансирањето на своите членки, која покажа дека инструментите на Фондот се флексибилно користени и ја имаат обезбедено потребната поддршка за земјите членки.

Минатата година, Светската банка забележа рекордно надополнување од 41.7 милијарди долари на ИДА – 15, зголемено со сопствен придонес од 3.5 милијарди долари од приходите кои ги оствари групацијата на Bанката. Со ова е дадена значајна доверба за работата на Светска банка од страна на меѓународните донатори. Дополнително сме охрабрени од напорите на Bанката да развие иновативни инструменти за финансирање и да ја зголеми понудата за своите клиенти. Особено го поздравуваме поедноставувањето и намалувањето на трошоците на ИБРД заемите, продолжувањето на лимитите за наплата и иницијативите да се обезбеди финансирање во национални валути и да се развијат локални пазари на обврзници.

Со задоволство сакаме да ја истакнеме силната капитализација на групацијата на Светска банка и прудентните политики за управување со ризиcite, овозможувајќи проширување на финансирањето во согласност со потребите на клиентите. Во сегашните услови, улогата на банката како заемодавател не може и не смее да се потцени. Исто така, охрабрени сме поради тоа што банката има тим на искусни финансиски експерти кој е спремен да им помогне на земјите членки да се подготват за преземање на навремени и брзи мерки во услови на финансиска криза.

Финансиската помош е само еден аспект на поддршката што ја обезбедуваат ММФ и Светската банка за земјите членки. Владите се почесто бараат совет за водењето на економските политики, во услови кога нивните економии растат и стануваат комплексни, како и поради се поголемите екстерни притисоци. Во таа насока, Fондот има улога да им помогне на земјите да ги оценат макроекономските ефекти од растечката цена на храната и горивата, да дизајнираат конкретни мерки за надминување на негативните ефекти и да ги пресметаат фискалните трошоци на политките кои се спроведуваат. Светската банка веќе имаше активна улога во промоцијата на новиот договор за глобалната политика за храна (New Deal for Global Food Policy), кој се фокусира – заедно со други иницијативи – на обезбедување поддршка за Светската програма за храна (World Food Program) за обезбедување храна за сиромашните, зголемување на инвестициите за истражување во земјоделието, за отстранување на извозните препреки и намалување на субвенциите кои прават дисторзија на пазарите за храна, како и на трговските бариери. Банката воспостави Програма за реакција при глобална криза за храна (Global Food Crisis Response Program)  со фонд  од 1.2 милијарди долари, со што е обезбедена рамка за севкупна и брза реакција. Се залагаме банката да продолжи со активностите во оваа област и да обезбеди совети и финансирање за земјите со најголема потреба, во координација со донаторите, стејкхолдерите и граѓанското општество.  

 

Регионални случувања

Почитувани гувернери,

Иако ризиците од случувањата во глобалната економија и нивното влијание врз Западниот Балкан не треба да се потценат, нашиот регион е во подобра положба од било кога за да ги абсорбира овие финансиски шокови. После цела декада на реформи, забрзан економски раст и зајакнати национални јавни институции, создадени се услови за постепена интеграција на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија. Во таа насока, Fондот и Bанката беа и сеуште се наши драгоцени партнери. Заемите и советодавните услуги на Светската банка се повеќе се насочени кон инфраструктурните проекти, преку развој на дистрибутивни и транспортни мрежи кои ќе придонесат за стабилно снабдување со електрична енергија и развој на регионалната трговија. Покрај ова, се спроведуваат неколку проекти поврзани со ублажување на ефектите од климатските промени и ризиците од природните катастрофи. Би сакал да ги повикам Владите на земјите од Западниот Балкан да работат заедно за успешна реализација на овие активности.

Слично како земјите од регионот, Македонија направи значаен напредок во изминатиов период. Забрзан е економскиот раст во последниве две години, обезбедена е макроекономска стабилност, а истовремено се започна со спроведување на низа важни реформи во земјата. Владината програма „Преродба во 100 чекори“ има мултисекторски пристап со кој се предвидени здрави економски и регулаторни политики за подобрување на инвестиционата клима, зајакнување на пазарот на труд, промоција на високо квалитетно образование и создавање на ефикасна социјална заштитна мрежа за најзагрозените. Напредокот на Македонија според Doing Business индикаторите на Светска банка е доказ за успехот кој е постгнат за подобрување на бизнис климата, што е резултат на регулаторните реформи кои ги спроведовме. Во тек се активности за модернизирање и подобрување на инфраструктурата, но потребни се значителни дополнителни инвестиции за да се обезбедат услови за одржлив раст во иднина.  Главна цел на Македонија е да го заврши процесот на интеграција во ЕУ и брзо да го достигне националиот доход на земјите членки на ЕУ, но на начин кој е фискално и социјално одржлив, притоа внимавајќи на зачувувањето на животната средина. Светската банка и ММФ беа доверливи и сигурни партнери на Македонија во текот на нејзината транзиција и веруваме дека и во иднина ќе продолжи ова успешно партнерство.

 

Клучни предизвици

Почитувани гувернери,

Поддршката на земјите членки подобро да одговорат на сегашните краткорочни закани не треба да го сврти вниманието на ММФ и Светската банка од решавањето на другите важни тековни предизвици. Решавањето на овие клучни предизвици ќе ја зајакне легитимноста и ќе ја подобри ефективноста, што ќе придонесе за успешно справување со краткорочните закани.

За крај
Почитувани гувернери,

Оваа година беше навистина турбулентна; посебна од повеќе аспекти. Глобалната економија се соочува со акутна финансиска криза и раст на цените на основните артикли, со што се нарушува довербата во глобалниот финансиски систем и слободната меѓународна трговија. Предизвиците за глобализацијата се остри и непријатни, опасноста е враќање кон протекционизмот, а решенијата за да се надмине оваа состојба не се едноставни. Во услови на вакви опасности, сепак постојат големи можности. Нив треба да ги искористиме преку поефективно работење на ММФ и Светска банка и силно залагање на земјите членки да ги спроведат тешките економски и политички реформи. За светот успешно да се соочи со овој предизвик, смелите изјави треба да бидат следени со преземање на уште похрабри конкретни активности и мерки.

Со овие забелешки, го прогласувам отворањето и почетокот на годишните собранија на ММФ и Светска банка за 2008 година.

Comments are closed.