Дозволете во името на Министерството за финансии и Владата да Ве поздравам и да го изразам задоволството од организирањето на седмиот по ред Саем на финансии, деловни можности и економски развој FINEXPO 2009.

Здравиот и стабилен финансиски сектор е еден од основните столбови на секоја пазарна економија. Здравиот финансиски сектор овозможува јакнење на довербата кон финансиските институции, и со тоа зголемување на штедењето, поефикасна алокација на ресурсите и намалување на трошокот на капиталот. Едноставно, здравиот финансиски систем е претпоставка за одржлив развој на националната економија.

Затоа, секоја држава посветува посебно внимание кон развојот на финансискиот систем, пазарите и институциите. Ова внимание е особено изразено во услови на криза од глобални размери, со каква што се соочивме во изминатата година. Една година подоцна, можеме да констатираме дека нашите оценки дека македонскиот банкарски сектор е стабилен, искажани на самиот почеток на светската криза, се потврдија во пракса. Ниедна банка во РМ не дојде во ситуација да не може да ги сервисира штедачите, или пак да предизвика дестабилизација на системот. Индикаторите за прудентност (стапка на адекватност на капитал од 16,5%, умерена стапка на нефункционални кредити од 8,2%, солидно ниво на ликвидност и сл.) покажуваат дека банкарскиот систем ја преброди кризата релативно успешно, што не беше случај со некои земји од регионот.

Стабилноста на банкарскиот систем беше поддржана со висок степен на макроекономска стабилност и сигурност на штедните влогови. И во оваа голема светска криза, економската активност во РМ оствари умерени стапка на пад, која е меѓу најмалите во Европа. Девизниот курс остана стабилен, а задолженоста на земјата е на историски ниско ниво од 24% од БДП. Сето ова, заедно со двете претходни успешни години на висок економски раст и инвестиции, помогна последиците од кризата врз реалниот и финансисксиот сектор да бидат поблаги. На ова се надоврзаа и адекватното осигурување на депозитите кај Фондот за осигурување на депозити, како и високиот пораст на штедењето во годините пред кризата. Дури и во вакви кризни времиња, штедењето оствари пораст од 15% во октомври 2009 година во однос на истиот месец лани, што е дополнителен индикатор за довербата на граѓаните во банкарскиот систем. Сепак, пред нас сеуште постојат сериозни предизвици.

Основите за одржлив економски развој се сеуште кревки, а внимателниот надзор на финансискиот сектор е и натаму неопходен. Владата и другите надлежни институции мора да останат активни во креирањето на институционални услови за да може процесот на спасување на економијата да се трансформира во нејзино закрепнување, а тоа подоцна во подинамичен економски развој.

Во тој контекст, би сакал накратко да се осврнам на приоритетите за претстојниот период. Главните параметри се: реално и развојно поставен буџет, макроекономска стабилност и продолжување на процесот на структурни реформи за подобрување на бизнис климата, а во тие рамки и финансискиот сектор. Во таа насока е и предложениот Буџет за 2010 година, кој е реален и развоен, со проектиран раст на БДП од 2%, инфлација од 2% и буџетски дефицит од 2,5% од БДП.

Буџетскиот дефицит на среден рок е се одржува на ниско ниво од околу 2%, кое обезбедува одржување на низок степен на задолженост на државата. Очекуваното закрепнување на македонската економија во 2010 година ќе биде поддржано со зголемување на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти за цели 16%, како и кредитната линија од 100 милиони евра од ЕИБ која се реализира преку 9 домашни банки, дополнета со нивни средства. Кризата е и вистинско време за штедење кај помалку продуктивните расходи на државата. Тие се намалени во однос на 2009 за преку 10% или за над 40 милиони евра.Буџетскиот дефицит и наредната година ќе се финансира од домашни и странски извори, при што домашното задолжување ќе биде за 11% помало од 2009 година.

Надворешното задолжување ќе се одвива преку Светската банка, ЕБОР, ЕИБ како и од други меѓународни финансиски институции. Стабилната макроекономска рамка е од особена важност и има директно влијание врз инвестициската клима и деловната политика на финансиските институции. Политиката во сферата на финансискиот систем во основа ќе биде насочена кон одржување на стабилноста и создавање на поефикасен и конкурентен финансиски сектор кој ќе биде во функција на економскиот развој на земјата.

Гледајќи нанапред, економскиот развој несомнено бара уште поробусна реформа на финансискиот сектор. Целта е двојна:

1. Финансискиот систем активно да го следи и поддржува закерепнувањето на економијата. Намалувањето на ризикот на земјата, неодамна потврдено преку оценките на Светска банка и ММФ, но и на Стандард и Пурс која го подобри рејтингот на РМ во стабилен, со позитивни изгледи за иднината, како и податоците за пораст на штедењето и неодамнешните сигнали на НБРМ, создаваат услови за постепено зголемување на кредитната активност и намалување на цената на кредитните средства.

2. Финансискиот сектор мора да биде уште поефикасен, поиздржлив и поотпорен на евентуални идни кризи. За таа цел неопходна е подобра координација на супервизорските институции со цел навремена размена на информации за спречување и ублажување на идни ризични настани. Кризата покажа дека е подобро финансискиот надзор да биде поконцентриран. Во тој контекст, ќе се разгледа и можноста за консолидација на надзорните институции во Република Македонија во една институција, согласно искуствата на европските земји и препораките по финансиската криза за консолидирана супервизија на банките, осигурителните друштва, инвестициските и пензиските фондови и берзата.

Не помалку значајно е и висококвалитетното финансиско известување, кое е темел на функционално пазарно стопанство и здрав финансиски систем. Во насока на подобрување на квалитетот на финансиското известување и поддршка на развојот на ревизорската професија, Министерството за финансии планира до крајот на годината да ги објави преводите на Меѓународните стандарди за финансиско известување, издание од 2009 годин, а во почетокот на 2010 година и преводите на Меѓународните стандарди за ревизија. Финансиската криза не го одмина и не можеше да го одмине македонскиот пазар на капитал, кој е плиток и подложен на високи флуктуации во двете насоки.Сепак, по драстичниот пад на цените на акциите, последните месеци се бележи стабилизирање на берзанскиот индекс. Функционирањето на пазарот на капитал се заснова на доверба.

 

Министерството за финансии ќе предложи новини во Законот за хартии од вредност, пред се во делот на стекнување на квалификувано учество во институциите на пазарот на капитал, со што ќе се овозможи поголема контрола на сопственичката структура на овие институции. Крајната цел кај овој сегмент е влез на стратешки партнери и регионално поврзување, без кое перспективите се ограничени.

Осигурителниот пазар како дел од финансискиот пазар е еден од најзначајните сегменти за управување со ризиците на макро и микро ниво. Не помало е и неговото значење како мобилизатор на слободните парични средства и нивно управување врз принципите на ликвидност и рентабилност, како и неговата социјална функција. Неодамна во овој сегмент на финансискиот систем започна со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето – независното регулаторно тело надлежно за регулирање на работата на осигурителните друштва. Агенцијата треба да одговори на предизвиците кои се однесуваат на имплементирање на осигурителните супервизорски критериуми и стандарди, кои ќе бидат во функција на одржување на здрав пазар на осигурителни услуги. На тој начин ќе се зголеми кредибилитетот на осигурителните друштва, а истовремено ќе се обезбеди соодветна заштита на интересите на осигурениците и останатите корисници.

Почитувани,

Манифестациите како оваа се од голема важност за размена на искуства и идеи за сите сегменти на кои се осврнав. Меѓусебната размена на информации, идеи и искуства е посебно вредна во вакви тешки економски времиња. Убеден сум дека тоа ќе придонесе заеднички подобро да го структуираме идниот развој на финансискиот систем во РМ. Затоа, дозволете ми да го прогласам Седмиот по ред Саем на финансии, деловни можности и економски развој – Финекспо 2009 за отворен.

Ви посакувам пријатни и успешни саемски денови.

Comments are closed.