Вашa екселенцијо, амбасадоре Рикер,
Колеги од Владата на Република Македонија,
Дами и господа,
Ми претставува особено задоволство од името на Владата на Република Македонија да се обратам на денешниот настан по повод пуштањето во употреба на Оn-line Регистарот за пријавување и одјавување на работници. Овој регистар е еклатантен пример за успешната соработка и реализација на заедничките проекти на Владата и УСАИД.
Соединетите Американски Држави се значаен партнер на Република Македонија, чија поддршка е од исклучителна важност за иднината на земјата и успешната интеграција во евроатланските структури.
Затоа, дозволете ми да се заблагодарам лично на Амбасадорот Рикер за неговиот личен ангажман во промоцијата на Република Македонија и секако на Агенцијата УСАИД за константната соработка во делот на унапредување на бизнис климата и подобрување на ефикасноста на јавниот сектор.
Веќе се препознатливи реформите што Владата ги спроведе во делот на подобрување на бизнис климата и воспоставениот партнерски однос со бизнис заедницата.
Со проектот Регулаторна гилотина ние значително го намаливме степенот на бирократија и воведовме едношалтерски систем за инвеститорите. Ги преполовивме трошоците на фирмите за добивање дозволи, потврди, согласности и други административни услуги. Незанемарлива поддршка за успешна реализација на овој проект даде и УСАИД преку конкретни идеи.
Друг извонредно значаен проект што го имплементираме со УСАИД е Проектот e-Влада, преку кој се воведуваат нови технологии во работата на јавната администрација, што има за цел да ја подобри нејзината ефикасност. Компјутеризацијата на процесите и постапките ќе значи и намалување на можноста за корупција и отстранување на бирократизацијата.
Слободно можам да констатирам дека Република Македонија со поддршка на УСАИД се издвојува и прераснува како лидер меѓу земјите во регионот во примената на информационите технологии. Впрочем, признание за успешната реализација на проектот е – Влада, неодамна добивме од реномираниот весник International Harold Tribune.
На сличен начин Царинската Управа во соработка со УСАИД воспостави едношалтерски систем за дозволи за увоз, извоз, транзит на стоки и тарифни квоти, со кој електронски се поврзани 16 институции со надлежности во надворешно-трговското работење. Системот овозможува on-line поднесување на барања за дозволи за увоз, извоз и транзит од страна на бизнисмените, како и електронско издавање на дозволите од страна на надлежните институции.
Преку воведувањето на портал за електронско плаќање на даноци во почетокот за големите даночни обврзници, а од неодамна и за малите и средни претпријатија, се овозможи плаќање на даноци преку интернет. Проектот е- Даноци ја зголеми редовноста и ефикасноста во поднесувања на даночни пријави и го олесни евидентирањето на даночните податоци. Праксата покажува дека софтверските апликации несомнено придонесуваат за транспарентна соработка помеѓу бизнис секторот и јавната администрација.
Во овој контекст е и денешното пуштање во употреба на On-line регистарот за пријавување и одјавување на работниците, за електронска евиденција на податоците за времето поминато во работен однос. Со регистарот се обезбедува уште поголема сигурност и безбедност во чувањето на податоците, притоа намалувајќи ги можностите за злоупотреба. На ваков начин, се заштедува значително време и ресурси како за работниците, така и за работодавачите кои нема да се соочуваат со пречки од административен или субјективен карактер. Регистарот е особено значаен од причина што овозможува едноставен пристап до евиденцијата на вработените лица и точни податоци за бројот на вработени во РМ.
Владата продолжува со имплемантација на проекти кои се засноваат на принципот на електронски апликации за меѓуинституционално поврзување. По примерот на европските земји ќе следи Проектот за воспоставување на единствена Мета база на податоци за правни лица. Анализите покажуваат дека 70% од податоците кои фирмите ги доставуваат до јавниот сектор веќе се прибрани од некоја државна институција. Преку собирање на податоци во една база на податоци во Централниот Регистар, електронски ќе се дистрибуираат потребните податоци до државни институции, а со тоа ќе се избегне дуплирање при доставувањето на податоците и ќе се намали административниот товар за бизнисите.
Не може да се одмине фактот што Република Македонија со поддршка на УСАИД стана првата WI-FI земја со покриеност на безжичен интернет на целата територија.
Почитувани,
Македонија е земја со голем потенцијал на информатичкиот сектор што се гледа од фактот дека минатата година овој сектор забележа раст од 64%, што е една од една од највисоките стапки на раст во земјите од регионот. овој раст е потпомогнат од значителните инвестиции на Владата во образованието и информатичкиот сектор.
Политиките на Владата за подобрување на деловната клима, инвестициите во образованието, реформите на пазарот на труд и јавната администрација, како и развојот на информатичкото општество се насочени кон подигнување на конкурентноста на македонската економија.
Успехот е секојпат резултат на тимска работа и фер и партнерски односи. Затоа, Владата на Република Македонија останува на определбата за креирање на политиките во партнерство со бизнис заедницата и партнери како што е УСАИД.
Благодарам.