Почитувана екселенцијо г-ѓа Симоне Филипини, амбасадор на Кралството Холандија,
Почитувани основачи и членови на комората,

Драги гости,

Ми претставува особена чест и задоволство, од името на Владата на Република Македонија, да се обратам на денешното свечено отворање на Комората на консултанти и обучувачи во Македонија.

Фактот што основањето на Комора од ваков вид е прва не само во Македонија, туку и во регионот, го прави овој настан особено значаен.

Верувам, функционирањето на Комората и нејзината соработка со останатите комори и образовни институции ќе придонесе во унапредување на бизнис климата, поттикнување на претприемништвото, како и поддршка на македонските претпријатија во искористувањето на европските фондови и средства од Програмата за конкурентност и иновации на Европската Унија.

Вложувањата во човечкиот капитал се несомнено најзначајната инвестиција на една земја. Свесни за значењето на овој фактор и неговиот придонес во развојот на економијата, Владата спроведе и ќе продолжи со имплементација на низа реформи за осовременување на образовниот систем.

Сепак, се уште постои голема разлика помеѓу вештините и знаењето што се стекнува во образовните институции и оние што се бараат на пазарот на работна сила. Во надминувањето на овој јаз, свој придонес треба да даде приватниот сектор и неговата соработка со Универзитетите, пред се во креирањето на наставни програми и стекнувањето на конкретни вештини преку практична работа. Во овој контекст, сметам дека на македонскиот пазар недостигаше организација од видот на Комората на консултанти и обучувачи, што несоменено ќе придонесе во посредувањето помеѓу приватниот сектор и образовните институции, односно во нивното поврзување и развивање на конкретни проекти.

Владата ќе даде поддршка на сите понатамошни иницијативи за продлабочување на соработката во делот на образованието и трансферот на  know-how. Во таа насока, започнавме со имплементација на проекти што ќе придонесат во креирање на вештини и знаења во согласност со потребите на пазарот. Така, во тек е имплементацијата на проектот Топ менаџмент кој има за цел теоретска и практична обука на македонски менаџери во странски компании во развиените земји. Теоретската обука ја спроведуваат Мотива, CEED и SEAF, а за практичната обука избран е конзорциум од реномирани германски и словенечки консултанти. Истовремено, Владата, во соработка со стопанските комори презема активности за основање на Центар за менаџерско образование, по примерот на Словенија и балтичките земји.

Убеден сум дека комората успешно ќе се вклопи во залагањата и иницијативите на Владата за унапредување на човечкиот капитал, неговата улога во севкупниот економски развој и конкурентноста.

На крајот, дозволете ми, да посакам успешна работа на Комората и постигнување на конкретни резултати.

Ви благодарам.

Comments are closed.