Особена чест и задоволство ми е да го отворам четириесет и вториот Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита – ТЕХНОМА 2016.
Поводот за моето присуство денеска, освен да го отворам Саемот, е да говорам за конкурентноста. Најдобар пример за конкурентност е манифестацијата ТЕХНОМА, која постои веќе 42 години и сосема заслужено ги промовира иновативноста и знаењето во насока на конкурентноста. Значи ако понудите квалитет, иновативност и оригиналност во однос на Вашите конкуренти, ќе имате долгорочен успех, како што е случајот со оваа саемска манифестација.
Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да искреира производи и услуги кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар. За да се постигне тоа, Владата на Република Македонија е насочена кон креирање на поволно деловно окружување кое ќе ја поттикне иновативноста на домашните компании, а воедно ќе го поддржи и внесот на нови технологии преку влезот на странски инвестиции.
Стимулирањето на конкурентноста на приватниот сектор е комплексен процес кој се одвива на повеќе нивоа.
Ако сакате да им дадете шанса на компаниите да се развиваат, да настапуваат на пазарот со нови производи, да воведуваат и применуваат нови технологии, даночната политика треба да биде кохезивна со овие цели. Фирмите во Македонија имаат меѓу најниските даночни оптоварувања во светот, што остава им простор овие средства да ги инвестираат во унапредување на производствениот процес и во ширење на дејноста. Даночната политика е тука за да ја стимулира инвестициската активност. Токму од таа причина компаниите кои ќе ја реинвестираат добивката се ослободени од данокот на добивка.
На развојот на иновативноста и воведувањето на нови технолошки процеси во производството на македонските компании имаат влијание и странските инвестиции, кои своето know how го пренесуваат на домашните фирми. Внесот на нови технологии во производството и знаења во услужниот процес додава вредност на крајниот производ, што го прави поконкурентен на пазарот.
Во насока на унапредување на конкурентноста и иновативноста се и мерките кои ги презема Владата за развој на претприемништвото. Тука би ги спомнал активните мерки на Агенцијата за вработување, преку кои се даваат грантови и кредити за самовработување и отворање на сопствен бизнис.
Суштинска улога во поттикнувањето на претприемништвото има и Фондот за иновации. Преку Фондот за иновации досега се поддржани 33 компании со 1,3 милиони евра, а во процес е и доделување на нова транша во износ 450.000 евра. Планирано е активностите на Фондот да продолжат со објавување на нов оглас на почетокот на следната година.
Ефектите од мерките за зголемување на конкурентноста на македонското стопанство најдобро се огледа преку континуираниот раст на извозот на македонските производи. Уште еден показател за растот на конкурентноста е структурата на извозот. Ако пред десет години учеството на машини и транспортни уреди во вкупниот извоз изнесувало само пет отсто, сега тоа изнесува 25 отсто. Тоа значи дека учеството на производи со повисока додадена вредност повеќекратно се зголемува.
Почитувани,
Би сакал да истакнам дека конкурентното окружување придонесува за креирање на нови и повеќе платени работни места. Тоа е во насока на остварување на повисоки стапки на економки раст и унапредување на животниот стандард на граѓаните.
Ваквите манифестации се од непроценливо значење за размена на искуства, за стекнување на нови знаења и спојување на науката и практиката. Се надевам дека учесниците ќе ги ползуваат овие придобивки наредните 5 дена и дека и оваа година ТЕХНОМА ќе ја оправда својата репутација на најстар и најпосетен саем.
Ви посакувам успешна работа и успешни саемски денови.