21 август 2017, Скопје – На Република Македонија ѝ се достапни средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија преку две финансиски перспективи: ИПА 2007-2013 и ИПА 2014-2020.

Искористувањето на средствата од ИПА е значаен приоритет за Владата на Македонија. Затоа ние одлучивме да почнеме со подготовка на план кој ќе ги адресира предизвиците и ќе ги подобри капацитетите за поголема апсорпција на фондовите на ИПА.

Годинава завршува рокот за имплементација на дел од проектите на ИПА финансиска перспектива 2007 – 2013. Затоа, првиот предизвик е нивното навремено завршување. Но, поради доцнење на реализацијата на дел од проектите во претходниот период, може да постои потреба од нивно дофинансирање преку Буџетот на Република Македонија во 2018 година.

Вкупно достапни средства на Македонија од ИПА 2007-2013 изнесувале 614 милиони евра. Средства во износ од 434,7 милиони евра се управуваат децентрализирано, од националните структури во земјава. Од нив, склучени се договори за 304,2 милиона евра средства од ИПА. Процентот на склучени договори во однос на расположливи средства изнесува 70%. Притоа, овој процент е најнизок кај компонентата ИПАРД (33,3%), додека највисок е кај програмите: ТАИБ 2009 (89,8%) и Програмата за регионален развој (83,5%). Вкупната вредност на исплатени средства од ИПА 2007-2013 заклучно со денес изнесува 216,5 милиони евра, односно 49,8% од расположливите средства.

Досега во рамките на ИПА 2007-2013 се изгубени 119,7 милиони евра, а се утврди дека постојат ризици за губење и на дополнителни 33 милиони евра. Затоа Владата прави напори за посилно ангажирање на сите капацитети во функција на поголема апсорпција на средствата и подобрување на пристапот на земјава кон нивно користење.

Наши појдовни основи во изработката на планот за подобрување на искористеноста на ИПА се следните три.

Прво, да се обезбеди поголема посветеност од највисоко политичко ниво во однос на спроведувањето на ИПА во Македонија, што не било случај со претходната Влада. Ова е особено значајно при навремено дефинирање приоритетни проекти кои ќе се финансираат од овој инструмент. Владата веќе отпочна со оценување на релевантноста на приоритетните проекти кои ќе се финансираат со ИПА финансиска перспектива 2014-2020 со цел навремено да се реализираат овие средства.

Второ, да се подобри екипираноста на структурите за управување со фондовите на ИПА во земјава и да се води грижа за задржување на обучениот кадар во институциите.

Трето, да се подобри функционирањето на структурите на ИПА во согласност со правилата и препораките на Европската Унија во насока на зајакнување на меѓуинституционалната координација и поголема транспарентност и отчетност на сите вклучени чинители во процесот.

На крајот, сакам да се заблагодарам за поддршката што ја добиваме од делегацијата на ЕУ и нивната подготвеност за заедничко надминување на предизвиците. А, ја искажувам нашата цврста определба дека средствата од фондовите на ИПА ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија и ќе ни овозможат доближување до европските стандарди.

 

 

Comments are closed.