20 декември 2017, Скопје – Денеска, во Свечената сала на Владата на Република Македонија, неговата екселенција, амбасадорот на Сојузна Република Германија Томас Герберих и министерот за финансии, Драган Тевдовски, ја потпишаа Спогодбата меѓу Владата на Р. Македонија и Владата на СР Германија за финансиска соработка 2017 година.
Спогодбата опфаќа реализација на два клучни проекти: Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар фаза 2 и Програмата за водовод и канализација фаза 2, чии договори за финансирање исто така беа потпишани денеска од страна на корисниците на грант средствата кои воедно се имплементатори на двете значајни програми.
Со потпишување на спогодбата германската влада преку КфВ банката доделува 9 милиони евра неповратни средства за реализација на две значајни развојни програми за Република Македонија.
Во продолжение следи обраќањето на министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски:
Ваша екселенцијо, почитуван амбасадор на Сојузна Република Германија, г.Томас Герберих,
Почитувани министри, Сугарески и Николовски,
Градоначалници, Поцков и Јанчев,
Директори на комуналните претпријатија,
Претставници на медиумите,
Дами и господа,
Ми претставува особена чест и задоволство да го отворам овој настан на кој се продолжува и унапредува соработка помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.
Најнапред би сакал да искажам голема благодарност кон Владата на Сојузна Република Германија, за силната поддршка која ја дава на нашата земја. Неодамна одбележaвме 25 години од успешната соработка помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.
Како што кажа почитуваниот амбасадор г. Герберих, во рамките на досегашната финансиска соработка, Сојузна Република Германија има ставено на располагање на Република Македонија 320 милиони евра за реализација на бројни проекти кои придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните во нашата земја. Како на пример, проекти кои придонсеуваат за обезбедување на квалитетни комунални услуги, водоснабдување, прочистување на отпадни води, заштита на природата и животната средина, енергетска ефикасност и обновливи енергии, како и промовирање на нови работни места преку развој на приватниот сектор.
Во името на Министерството за финансии и како домаќин на денешното потпишување на договорите со германската страна, би сакал да искажам и голема благодарност за досегашната успешната соработка со КФВ банката со која имплементираме проекти во повеќе области, придонесувајќи кон подобар квалитет на животот на граѓаните.
Најсилна потврда дека успешната соработка помеѓу нашите земји продолжува и во следниот период е денешниот настан каде Германската влада преку КФВ банката доделува 9 милиони евра неповратни финансиски средства за реализација на две значајни развојни програми за Република Македонија. Тоа се програмата за водовод и канализација и програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар.
Почитувани,
Би сакал да истакнам дека досега со реализација на Програмата за водовод и канализација се обезбеди одржливо водоснабдување на околу 400.000 жители од 8 општини во Република Македонија (Битола, Гостивар, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Радовиш, Кочани и Тетово).
Денес Владата на Сојузна Република Германија преку КФВ банката за општините Гевгелија и Кавадарци доделува грант средства во вкупен износ од 5 милиони евра за финансирање на нови инвестиции и техничка помош во рамки на Програмата за водовод и канализација.
Во делот на изградба на системи за наводнување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја реализира втората фаза од Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар која опфаќа спроведување на мерки за рехабилитација, модернизација и проширување на системот за наводнување на земјишната површина во Валандово. За оваа фаза Владата на Сојузна Република Германија преку КФВ банката додели заем во износ од 10,25 милиони евра и 1 милион евра грант средства.
Денес, овој фонд на средства се зголеми со дополнителни 4 милиони евра грант наменети за инвестиции и техничка помош за оваа Програма. На крајот би сакал уште еднаш да искажам благодарност до Владата на Сојузна Република Германија за значајната поддршка која ја дава на Македонија за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Наша цел е достигнување на европските стандарди и интегрирање во Европската Унија. Затоа сме горди што на овој пат, како наш стратешки партнер ја имаме економски најмоќната земја во Европската Унија.
Ви благодарам.