Сакам да го поздравам одржувањето на првиот регионален форум за микрофинансирање, кој претставува одлична можност широката јавност поблиску да го запознае концептот кој во многу општества бил значаен двигател на економскиот и социјалниот развој и воедно да се запознае со регионалните искуства.
Согласно последните статистички податоци на Државниот завод за статистика, над 90 проценти од претпријатијата се микропретпријатија, кои што имаат помалку од 10 вработени. Во истите се ангажирани третина од вкупно вработените во земјава и се продуцира 23 проценти од вкупната додадена вредност на брутодомашниот производ.
И покрај тоа што микропретпријатијата како целина се многу важен сегмент во економијата, нивниот пристап до пазарот на капитал е ограничен бидејќи станува збор за мали субјекти. Оттаму улогата на микрокредитирањето е од суштинско значење за развојот на овој сегмент и за развојот на претприемништвото во земјава.
Владата на Република Македонија го разбира значењето кое што микропретпријатијата го имаат како двигател на развојот на економијата и генератор на работни места и во таа насока за да го поддржи нивниот развој настојува преку преземање на соодветни политики и мерки да им го олесни пристапот до капитал.
Носител на тие активности е Македонската банка за поддршка на развојот преку која Владата на РМ пласираше посебна кредитна линија за поддршка на иницијативи за микробизниси.
Од минатата година започна да работи и Фондот за иновации, чија што цел е поттикнување и поддршка на иновациската дејност во микро, малите и средни претпријатија. Досега преку фондот се финансирани 33 проекти за кои се доделени средства во висина од 1,3 милиони евра. Целта е да се поттикнат микропретпријатијата да се фокусираат на иновациски пристап на работење што ќе овозможи придвижување на економијата во насока на градење на иновативна knowledge-based економија.
Значајна поддршка кон развој на микропретпријатијата се дава и преку мерките кои ги спроведува Агенцијата за вработување. Само преку програмата за самовработување основани се над 11.000 микропретпријатија кои вработуваат околу 12.500 лица. Преку Агенцијата не само што се овозможува пристап до капитал туку се вршат и обуки за претприемништво и водење бизнис, што е од големо значење за развој на овој сегмент од економијата.
Во насока на раст на микрофинансирањето, во континуитет се преземаат и активности за јакнење на финансискиот систем, односно за создавање на законска рамка за развој на постојните и појава на нови финансиски инструменти и институции.
Во оваа прилика би сакал да ја истакнам долгорочната успешна соработка што Министерството за финансии ја има со членките на Сојузот на микрофинансиски организации и Американската агенција за меѓународне развој – УСАИД во подготовката на законската регулатива.
Со цел да се олесни пристапот до кредити на малите и средни претпријатија, во 2010 година донесен е Законот за финансиски друштва. Со овој закон е дадена можност небанкарските финансиски институции да вршат кредитирање во форма на кредити, кредитни картички, гаранции и факторинг. На финансискиот пазар во Македонија денес работат 12 финансиски друштва, кои само од почетокот на годината имаат склучено околу 3.000 договори за кредитирање.
Со решенијата од Законот за банки се овозможи и штедилниците да се трансформираат во финансиски друштва и со тоа дополнително да се зголеми понудата на финансискиот пазар. Ќе истакнам дека присуството на штедилниците и финансиските друштва има значајна улога во финансиската поддршка на клиенти кои не се целни групи на банките.
Од сето ова може да се заклучи дека сите преземени мерки и активности изминативе години значително придонеле во пристапот до капитал за микропретпријатијата. Со оглед дека активностите за унапредување на деловната клима и олеснување на пристапот до финансии никогаш не престанува, сметам дека регионалниот форум ќе придонесе за размена на искуства и идеи како и добри практики кои ќе придонесат за понатамошно унапредување на присапот до капитал.
Ви посакувам успешна работа и Ви благодарам за вниманието