Дозволете ми да Ве поздравам и да Ви посакам добредојде на настанот организиран по повод завршувањето на проектот „Обука на внатрешни ревизори во јавниот сектор“, на кој ќе ги доделиме и меѓународните сертификати за внатрешни ревизори на учесниците кои ја поминаа обуката. Овој проект Министерството за финансии го реализираше во соработка со Центарот за развој на финансиите од Словенија и Овластениот Институт за јавни финансии и сметководство од Лондон, а истиот е финансиски поддржан од владите на Соединетите Американски Држави и на Република Словенија.

Република Македонија последните неколку години интензивно спроведува реформи кои имаат за цел да ја унапредат контролата и управувањето со јавните финансии.  Во рамки на тие реформи е и воспоставувањето и развојот на системот на јавнa внатрешнa финансискa контролa во земјава.

Цел на оваа реформа е креирање на сеопфатен систем на внатрешни финансиски контроли во јавниот сектор, кој ќе овозможи ефикасно и транспарентно управување со јавните средства. Овие активности се и дел од процесот на подготовка на Македонија за успешно спроведување на преговорите за влез во ЕУ од поглавјето посветено на Финансиската контрола. Услов за постигнување на оваа цел е градење на капацитети и институции со помош на кои ќе се зголеми знаењето на државните службеници и разбирањето на меѓународно признатите најдобри практики и стандарди за сметководство и ревизија во јавниот сектор.

Министерството за финансии ја препозна важноста на потребата за градење на капацитети во овие две области и презема активна улога преку спроведување на обука и меѓународна сертификација на сметководителите од јавниот сектор и обука и меѓународна сертификација на внатрешните ревизори од јавниот сектор – на која се однесува и проектот кој денеска го финишираме..

Во периодот од 2012 година до денес се спроведоа три циклуси на меѓународна сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор со кои беа опфатени вкупно 114 ревизори, од кои 83 успешно ги положија испитите и се стекнаа со меѓународен сертификат за внатрешен ревизор во јавниот сектор.

Министерството за финансии, во соработка со Центарот за развој на финансиите и Овластениот Институт за јавни финансии и сметководство, подготви Програма за обука и сертификација, во која е земена во предвид и домашната регулатива. Исто така, Министерството учествуваше во процесите на селекција на предавачи и кандидати, обезбедување на простории и помошни средства за одржување на обуките и испитите, како и промовирање на програмата во институциите од јавниот сектор.

Со реализацијата на овој проект, преку пренесување на знаење и  размена на идеи и најдобри практики, се овозможи забрзан развој на професијата  внатрешен ревизор и зајакнување на професионалната заедница на внатрешни ревизори во земјава. Крајната цел на проектот е да се подобри квалитетот на внатрешната ревизија и да се зголеми одговорноста, транспарентноста и ефикасноста во институциите од јавниот сектор.

Би сакал да изразам благодарност до Владата на Соединетите Американски Држави и Владата на Република Словенија за финансирање на овој проект, како и на Центарот за развој на финансиите од Љубљана и Овластениот Институт за јавни финансии и сметководство од Лондон за поддршката во реализацијата на проектот.

Би сакал да им се заблагодарам и на сите институции и соработници од македонска страна кои дадоа значителен придонес во спроведувањето на овој проект кој е од исклучителна важност за нашата земја.

На учесниците им честитам за стекнатите сертификати и им посакувам многу успех во работата.

Благодарам.

 

Comments are closed.