Денеска започнува еден важен проект за Гевгелија кој треба да го подобри квалитетот на животна над 15.000 граѓани во општината, или три четвртини од населението. Проектот за унапредување на водоводниот систем во Гевгелија ќе го подобри водоснабдувањето во градот и местата Мрзенци, Моин и Богородица, како и местата Селеми и Стојаково од општина Богданци.
Освен непречено снабдување со чиста вода за пиење на овие места, очекуваме проектот да придонесе и за развој на локалната економија преку создавање на можности за отворање на преработувачки капацитети за земјоделски производи, развој и отворање на индустриски капацитети и нови мали бизниси и развој во примарното и секундарното сточарско производство.
Како министер за финансии, задоволство ми е што и Министерството за финансии даде свој придонес кон остварувањето на овој проект преку обезбедување на средства за негова реализација преку Проектот за подобрување на општински услуги.
За изведбата на Проектот за подобрување на системот за водоснабдување во Гевгелија, кој предвидува изградба на пумпни и хлорна станица, цевовод и резервоар за вода, потребни се 1,7 милиони евра. Од нив, 1,6 милиони евра, од кои 260.000 евра грант средства, се обезбедени преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, додека околу 100.000 евра се обезбедени преку Проектот за водовод и канализација на Министерството за транспорт и врски.
Во оваа прилика би сакал да истакнам дека Проектот за подобрување на општински улуги е најдобра слика за синергијата која се креира преку соработката помеѓу централната и локалните власти. Министерството за финансии го спроведува овој проект од 2009 година и до денес преку него се финансирани 80 капитални проекти во 55 општини во вредност од околу 45 милиони евра.
Проектот за подобрување на општинските услуги има за цел да го подобри квалитетот на животот во општините, преку реализација на капитални проекти како системи за водоснабдување, канализација и енергетска ефикасност, локална патна инфраструктура, детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриски зони и слично.
Би напоменал дека во тек е и нов јавен повик за нови средства преку МСИП за кој имаме огромен интерес од општините и веќе имаат пријавено нови проекти кои се во фаза на евалуација.
Проектот за подобрување на општинските услуги не би можел да се реализира без поддршката на Светска банка и Европската комисија. Преку Светска банка под исклучително поволни услови ги обезбедуваме средствата за ефтини кредити за општините, додека преку ИПА компонентата се обезбедуваат грантови кои се наменети за имплементација на проектите во руралните средини.
Во оваа прилика би сакал да ја истакнам големата благодарност на Владата до даночните обврзници на ЕУ, делегацијата на Европската комисија во Република Македонија и експертите на Светска банка за огромната поддршка во реализацијата на овој проект.
Би сакал да се заблагодарам и на вработените во Министерството за финансии, колегите од МСИП проектот, вработените во Министерството за транспорт и врски, како и на градоначалникот и вработените во општина Гевгелија, чија посветеност и работа придонесоа за реализација на овој проект.
На крајот би сакал да ви посакам среќна работа, па за една година повторно да се собереме за да го одбележиме успешното завршување на проектот!