4 мај, 2020, Скопје – Во продолжение може да го прочитате обраќањето на министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција по повод Проекциите за економскиот резултат во 2020 година и реализацијата на Буџетот во април 2020:

Почитувани медиуми, почитувана јавност,

Продолжуваме со нашата заложба за транспарентно и отчетно работење и навремено информирање на јавноста. Поводот за денешната прес конференција е информирање на  јавноста за реализацијата на буџетот во април и проекциите за економијата на Министерството за финансии за годинава  согласно COVID-19 кризата. 

Да почнеме со реализацијата на буџетот за месец април.

Буџетските приходи во месец април имаат остварување од 14,2 милијарди денари, што претставува пад од 20% споредено со април минатата година. Даночните приходи во април се остварија во износ од 7,2 милијарди денари или споредено со април 2019 пад од 31%, додека придонесите се реализирани во износ од 5,5 милијарди денари што е на исто ниво со лани. Другите приходи (неданочни, капитални и донации) се реализирани во износ од околу 1,5 милијарди денари или пад од 20% на годишна основа.

Со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка падот на приходната страна е очекуван.

Сепак во основното сценарио на Министерството за финансии, таканереченото поповлно сценарио проектираиот пад за април е повисок, односно 40% на даночните приходи. Ова значи дека имаме подобра наплата за 1,4 милијарди денари во однос на корона прокециите за месец април, односно нашето разработено сценарио може да се каже дека било поконзервативно или претпазливо…

По одделни даноци реализацијата за април споредена со април минатата година е следна:

  • Приходите по основ на ДДВ се остварени помалку за -43.5% – што е и очекувано со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните кои беа на сила цел април.
  • Персоналниот данок на доход забележа пад од -11.7%
  • Данокот на добивка забележа раст од 3.6%.
  • Акцизи забележаа пад од 40%.
  • Царини помала наплата за 26% споредено со лани.

Најголемото натфрлање има кај данокотот на добивка. Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнеуваат 1.43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данокна добивка по годишен биланс што е позитивен податок кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година. 

Придонесите во април не бележат пад односно се остварени на ниво од минатата година.

Што се однесува до расходната страна во месец април вкупните расходи се реализирани на речиси исто ниво како минатата година односно со раст од  0.7%.

Тековните расходи се исто така на исто ниво со ланското. Со тоа што кај стоки и услуги се забележува пад од 36,5% споредено со април лани. Кај трансферите има зголемување за 7% главно поради социјалните трансфери, односно зголемувањето на пензиите годинава.

Капиталните расходи во април се повисоки за 15,7% во однос на истиот месец лани.

Од почетокот на годината заклучно април наплатата на приходите во буџетот е за 4,9% пониска во однос на истиот период лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1% пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6%. Наплатата на придонесите има раст од 9,2% во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платите. Во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги покачија платите на околу 120.000 вработени. Вкупните приходи се реализирани во иснос  од 27.3% согласно планот,  додека вкупните расходи 30.4%.

Расходната страна е повисока за 7% од почетокот на годината заклучно април, при што кај реализацијата на капитални расходи има раст од 21% во однос на лани.

Досегашните проекции за забавувањето на економијата кои се изработуваа во изминатиот период, сега откако ја гледаме реализацијата во април претрпеа одредени корекции и може да излеземе со официјалните проекции на Министерството за финансии. Сепак бидејќи главната одлика на оваа глобална криза е токму незивесноста и непредвидливоста, ситуацијата постојано се менува и така и не се исклучени и понатамошни ревизии за макроекономските показатели. Всушност ако ги погледнеме и проекциите на меѓународните финансиски институции речиси сите имаат по 2 проекции.

Гледаме дека и многу поразвиени економии како САД, Германија очекуваат значајнии забавување на економиите годинава, односно негативен економски резултат. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд за нив се 5,9% и 7% респективно, додека за цела Европска унија 7,1%. За македонската економија ММФ проектираше 4% на почетокот на април.

На крајот на април, Светска банка за земјава проектираше забавување на економската активност помеѓу – 1,4 до – 3,2% од БДП, односно од пооптимистично до понепосакувано сценарио. Анализата на Светска банка покажува дека рецесијата нема да одмине ниту една држава од Западен Балкан, додека Македонија ќе претрпи најмала штета споредбено со останатите од регионот.

Основното сценарио на Министерството за финансии предвидува забавување на економската активност за 3,4% со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст.

Очекувањата по компоненти на бруто домашниот производ на кои се базира проекцијата се следни:

  • Согласно проекциите за глобален раст, како и проекциите на нашите трговски партнери, надворешната побарувачка ќе паѓа. Тоа ќе влијае на извозната компонента за која се проектира пад од 16,8% на реална основа.
  • Здравствените мерки веќе делуваат и ќе делуваат на услужниот сектор, транспорт, угостителството, туризам, дејноста „уметност, забава и рекреација“, прометот на трајни добра, но и врз дел од индустриските капацитети и градежната дејност, пред се во вториот квартал. Ова ќе влијае врз потрошувачката и инвестициите, а сето тоа ќе се одрази и на побарувачката. Исто така и падот на дознаките од странство и на странските директни инвестиции ќе влијаат кон дополнително надолно прилагодување на потрошувачката и инвестициите. Олеснителна околност ќе бидат антикризните мерки, кои ќе придонесат кон ублажување на последиците врз пазарот на работна сила и доходот на домаќинствата, а со тоа и врз нивната потрошувачка. Како резултат на сето ова, приватната потрошувачка се очекува да се намали за 3,3%, а бруто-инвестициите за 9,6% на реална основа.
  • Јавната потрошувачка се очекува да има позитивен придонес врз економскиот раст, главно како резултат на зголемените расходи за здравствениот сектор, и се очекува да забележи раст од 2,7%.
  • Увозната побарувачка, во услови на очекуван пад на извозната активност, инвестициите во капитални/трајни добра, како од страна на деловните субјекти така и од домаќинствата, се предвидува да се намали, со што увозот на стоки и услуги е проектирано да забележи пад од 15,8% на реална основа. Оттука, нето-извозната побарувачка, во услови на поголемо апсолутно намалување на увозот од извозот на стоки и услуги, делумно го неутрализира негативниот придонес на домашната побарувачка врз економската активност.

Стапката на инфлација во земјата во првиот квартал од 2020 година изнесува 0,6%, што упатува на одредено надолно отстапување во однос на проектираната инфлација. Проекцијата за странската ефективна инфлација во 2020 година е ревидирана во надолна насока. Истовремено, ценовните движења на светските берзи, т.е. увезените цени се очекува да предизвикаат надолен притисок врз домашните цени. Имајќи го ова предвид, како и очекуваниот негативен производен јаз, стапката на инфлација во земјата за 2020 година е проектирана на -0,2%.

На крајот ќе истакнам – засега работите се одвиваат подобро од она поволното сценарио, што е добар знак. Ние пак, сме подготвени да одговориме и на најлошото сценарио. Непредвидливоста ја прави оваа криза да биде од поголеми размери, но повторно ќе нагласам дека сме подготвени за секое сценарио.

Comments are closed.

Close Search Window