3 ноември 2018 година, Скопје – Секој граѓанин треба да има еднаква шанса и можности за подобар живот – ова е јасна цел на Владата на Република Македонија.


Како професор и додека бевме во опозиција, многупати сум говорел и пишувал за нееднаквоста.
И денеска ќе говорам. Најдоходовните 1% од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек 4.486 евра месечно, што е 14,4 пати повеќе од просечниот доходна граѓаните во државава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост.

Ваквите драстични социјални разлики не се праведни! Тие креираат општество во кое граѓаните немаат еднакви можности.

Многу наши сограѓани немаат пристап до квалитетно образование и здравство, затоа што државата нема доволно средства за да вложува во нив. Ова го урива нашето општество и го забавува економскиот раст.

Но сега, како министер за финансии, немам веќе право само да зборувам за овие работи. Сега, како министер за финансии, имам и должност да направам нешто за тие да се подобрат.

Затоа, денеска сум пред вас, за да ви ја презентирам даночната реформа, со која сакаме да ја исправиме оваа неправда. Предлагаме реформа за воведување на праведен данок што ќе ја подобри нашата економија и ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните.

Праведното оданочување е стандард во најуспешните економии во светот. Доминира во Европската Унија и го има во САД. Рамниот данок беше карактеристика на поранешните социалистички земји, но и тие во последно време го напуштаат. Од нашите соседи Албанија го замени рамниот данок со прогресивен во 2014 и оттогаш има одлични резултати.

Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот.Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани.

Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%.

На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10%, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18%.

Ова значи дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста!

Прагот од 90.000 денари го избравме затоа што ги опфаќа најдоходовните 1% од населението во Македонија.

Најдоховните 1% имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите. Ова не е праведно. Тие кои добиваат најмногу од општеството да плаќаат најмалку. Затоа, ние предлагаме воведување на праведен данок.

Освен оваа промена, го зголемуваме даночното ослободување (намалување) кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок на 8.000 денари месечно. Со тоа, ја намалуваме ефективната даночна стапказа лицата што остваруваат доход од плати и пензии, особено за оние со пониски примања.

Ефектите од промените се такви што бруто плата од 140.000 денари месечно, која моментално е еднаква на 92.733 денари нето, по промената би била еднаква на нето-плата од 92.444 денари. Со други зборови, дополнителниот данок за бруто-плата од 140.000 денари месечно изнесува 289 денари, односно 0,2% од бруто-платата.

Со овие средства ќе се финансира социјалната реформа. Таа има за цел да ги извлече од сиромаштија ранливите категории на граѓани.

Со цел граѓаните да бидат целосно информирани за даночната реформа подготвивме детална анализа која е достапна на веб сајтот на Министерството за финансии.

Почитувани,

Зборот е збор! Во нашата изборна програма, а тоа е влезено и во програмата на Владата, ветивме дека ќе воведеме праведен данок. Затоа имаме и обврска да го реализираме ова наше ветување.

Ова го ветивме затоа што веруваме во солидарноста. Затоа што веруваме дека е човечки оние кои имаат повеќе да им помагаат на оние кои имаат помалку.

Само преку помагање можеме да изградиме општество во кое сите ќе имаме доволно. Општество во кое сите ќе имаме еднакви права, општество во кое сите ќе имаме еднакви можности.

Некој кажал – големината на една нација се мери според тоа како таа ги третира своите најслаби членови. За да може државата да се грижи за послабите, потребни ѝ се пари. А Македонија има многу ниски буџетски приходи, од само 28% од БДП, што е едно од најниските нивоа во Европа.

Со реформата очекуваме да обезбедиме дополнителни 25 милиони евра. Повторувам, средствата ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата. Оној кој има доход повисок од 90 000 денари, ќе плати нешто повеќе, за да му дадеме можност на својот сограѓанин да оди напред.

Историјата покажува дека економиите со праведно оданочување се попросперитетни, имаат повисок економски раст и во нив граѓаните имаат повисок животен стандард. Тоа е цел и за нас во Македонија.

Повеќе детали за воведувањето праведен данок може да најдете на следниот линкhttps://www.finance.gov.mk/mk/praveden_danok

Comments are closed.