17 јули 2017, Скопје – Почитувани пратеници, најпрвин би сакал да Ве поздравам и да посакам убава енергија при работата на комисијава. Пред Вас е предлог за ребаланс на буџетот за 2017 година. На него Министерството за финансии напорно работеше од почетокот на јуни.
Моето излагање ќе се состои од пет делови. Најпрво ќе ја претставам основната идеја на ребалансот. Потоа ќе зборувам за тековните макроекономски движења и основните макроекономски проекции. Во третиот дел ќе ги претставам остварувањата на буџетот во првата половина од годинава. Четвртиот дел ќе биде посветен на поважните предлози за измени и дополнувања на буџетот. И на крајот ќе зборувам за финансирањето на буџетскиот дефицит и долгот.
Основната идеја
Основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата Влада.
Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања.
Прво ограничување се превземените, а неплатени обврски од минатото. На пример, во Министерството за внатрешни работи тие изнесуваат 424 милиони денари, а во финансирањето на дејностите од областа на културата, дури 2,4 милијарди денари.
Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, кои ако се раскинат државата ќе треба да плаќа пенали.
Затоа, единствена здрава опција за ребалансот беше намалување на непродуктивните трошења кои се во рацете на носителите на власта, како што се службени патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање.
Кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.
Оваа прилика ја користам и да ја информирам јавноста дека Министерството за финансии до крајот на неделава ќе ги објави доспеаните, а неплатени обврски на претходната власт. Во моментов договараме со Светска банка проект за чистење на ваквите обврски. Започнавме да работиме и на надоградба на софтверот – со цел доспеаните, а неплатени обврски да бидат систематски евидентирани, за да се спречи во иднина било кој да може да става под тепих вакви обврски.
Макроекономски движења и проекции
Економскиот раст изнесуваше 0% во првиот квартал на 2017 година. Главни причини за ова се: воздржaноста на приватниот сектор од инвестиции заради политичката криза и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции од страна на државата.
Градежништвото, кое во изминатите години престставуваше главен двигател на економскиот раст, во првиот квартал на 2017 година забележа пад од 6,3% на реална основа. Пад е забележан и во услужниот сектор од 0,5%, додека ниски стапки на раст се остварени во земјоделството и индустријата.
Врз основа на случувањата во првиот квартал, Министерството за финансии ја ревидираше проекцијата за економски раст во 2017 година. Ребалансот на буџетот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2% во 2017 година. Ова е најконзервативна проекција за економскиот раст на земјава. Народна банка предвидува раст од 2,5%, Светска банка од 2,8%, а Европската комисија од 2,9%. Намерата на Министерството за финансии е да се има реална и остварлива проекција. А, ако во 2017 година се оствари економски раст повисок од проектираниот, тоа ќе значи понизок буџетски дефицит. Позитивен сигнал за тоа е закрепнувањето на економската активност на ЕУ, како најзначајна дестинација за пласман на македонските производи. Друг позитивен сигнал е тоа што, според анкетата на Европската Комисија, оптимизмот на македонските граѓани во јуни бил на највисоко ниво откако постои таа анкета
Остварување на Буџетот на РМ во првата половина на 2017 година
Во периодот јануари – јуни 2017 година, вкупни приходи реализирани се во износ од 86,4 милијарди денари што претставува 46% во однос на планираните за 2017 година. Даночните приходи во првите шест месеци се остварија на ниво од 51,3 милијарди денари, односно истите бележат реализација од 47% во однос на планот за цела година. Во структурата на наплатените даночни приходи доминанираат приходите по основ на данокот на додадена вредност со учество од 45,6% или 23,4 милијарди денари. Приходите од социјални придонеси се остварија во износ од 25,5 милијарди денари, што претставува 49% во однос на годишно планираниот износ.
Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија во периодот јануари-јуни 2017 година се реализираа во износ од 94,6 милијарди денари, при што тековните расходи изнесуваа 85,9 милијарди денари. Капиталните расходи сериозно потфрлија во првата половина на годинава. Тие се реализираа во износ од 8,7 милијарди денари или само 32% во однос на годишно планираниот буџет.
Измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2017 година
Дозволете да Ви ги претставам поважните измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2017 година.
Вкупните приходи на буџетот се ревидирани за 1,5% надолу, односно за 2,87 милијарди денари. Ова ревидирање на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите на основниот буџет согласно реализацијата во изминатите шест месеци и очекувањата до крајот на годината. Едновремено е направено и ревидирање на приходи кои буџетските корисници ги остаруваат на сопствените сметки, а по основ на донаторските средства кои се однесуваат за реализација на ИПА проекти е предвидено зголемување. Социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да остварат благ пораст во однос на иницијално буџетираните.
На расходната страна на буџетот, сериозно намалување е направено на расходите наменети за стоки и услуги, кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот. Од оваа ставка се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на владата и институциите наменети за патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирања. На пример, патните трошоци се намалени за 122 милиони денари, а другите тековни расходи за 258 милиони денари. И најважното – договорните услуги се намалени дури за 932 милиони денари, ако се гледаат без здравствените услуги преку Фондот за здравство.
Најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен со расходите на Владата на Република Македонија. Стоките и услугите на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиони денари на 266 милиони денари. Тоа се средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации.
Со ребалансот, капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари, поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината. Но сепак, планираното ниво на капитални расходи со ребалансот е значајно, ако се спореди со реализацијата во последни четири години, која никогаш не надминала 19 милијарди денари.
Со ребалансот се додаваат дополнителни средства во износ од 1,2 милијарди денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. Исто така, за зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните, се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.
Ребалансот обезбедува и средства за нови мерки и активности на Владата кои се во насока на директна поддршка на работниците и граѓаните за подобрување на нивниот животен стандард, како и поддршка на домашните претпријатија.
- Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата, со цел таа да се покачи на 12.000 денари од септември. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавачите во износ од околу 70% од потребниот пораст на бруто платата.
- За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор, со ребалансот се дополнително алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милини денари. За споредба нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари.
- Поддршка на малите и средни претпријатија и поддршка на домашни Гринфилд инвестиции од околу 135 милиони денари за до крајот на годинава.
- Поддршка на домашниот туризам преку субвенционирање на работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари.
- Решавање на материјалното обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна државна сопственост, односно стечајните работници од овие претпријатија кои досега не биле опфатени со постојните законски решенија.
- Субвенционирање на Македонската радио телевизија со укинување на радиодифузната такса и ослободување на граѓаните од оваа јавна давачка.
- Поддршка за ИПА проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување на донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на предпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.
Финансирање на буџетскиот дефицит и отплата на долговите
Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Во релативен износ тоа е 2,9% од БДП и е во рамките на Мастришкиот критериум. А, отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Согласно тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари.
Финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбеди преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти како и од депозитот пренесени од минатата година.
Во рамки на буџетот е предвидена и можност за странското задолжување. Но, дали тоа ќе се реализира ќе зависи од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање.
Одлични сигнали се јавуваат на меѓународниот пазар на капитал од крајот на мај, каде инвеститорите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија.
Дел од средствата од домашното и можното странското задолжување ќе бидат искористени за финасирање на потребите во тековната 2017 година, а останатиот дел ќе биде префрлен како депозит за наредната 2018 година.
Средствата од депозитот ќе бидат искористени за отплата на првата рата од кредит за буџетско финансирање во износ од 95 милиони евра, склучен во 2013 година која доспева на 29 јануари 2018 година.
Ви благодарам за вниманието. Ви посакувам конструктивна и ефикасна работа.