20 март 2019, Скопје – Живееме во време на Финтек…Во време кога постојано се поместуваат границите во финансиската технологија…Кога може да се врши плаќање со facerecognition…Кога преку мобилни и веб-апликации можат да се вршат секакви финансиски трансакции.

Парадоксот е дека во исто време, околу 1,7 милијарди возрасни во светот немаат ниту банкарска сметка. Не можат да земат заем, не можат да штедат, да инвестираат, да се осигураат. На долг рок, финансиската ексклузија значи продлабочување на нееднаквоста и сиромаштијата.

Целта на финансиската инклузија е да обезбеди подобар пристап

до финансиските услуги за сите!

Клучно за инклузијата е да ги пресретне потребите за различни финансиски услуги на граѓаните, без дискриминација.

Оттаму, одлучивме воспоставената соработка помеѓу Министерството за финансии, Народната банка, КХВ, МАПАС и АСО, која досега се однесуваше на финансиска едукација, да ја прошириме и на полето на финансиска инклузија.

Меморандумот кој денеска го потпишуваме е значаен, бидејќи наша обврска како регулатори, е да овозможиме достапност до финансиските услуги и еднаквост на можностите: за младите, за жените, за ранливите категории население, за населението во руралните средини, за малите и средни претпријатија. Сите требаат да имаат пристап до финансиски услуги и тоа на лесно достапен, безбеден начин и под прифатливи цени. 

Првиот чекор во насока на поголема финансиска инклузија веќе го направивме. Законот за платежни услуги и платни системи кој го подготвува Министерството за финансии во соработка со Народна банка, и се уште е во работна верзија, предвидува воведување на платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин.

Работната верзија предвидува сметката со основни функции да биде бесплатна за ранливите категории, односно по закон ќе добијат бесплатни услуги за отворање, водење на сметка, уплати и исплати. За останатите потрошувачи, платежната сметка со основни функции ќе биде со разумен надоместок. Ќе напоменам, дека за да се отвори сметката, граѓаните не треба да поседуваат друга сметка со основни функции на свое име, како и дека на оваа сметка нема да можат да одат во минус.

Исто така, се воведуваат решенија во Законот за платежни услуги и платни системи, што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги. Ова ќе придонесе за засилена конкуренција и нови, иновативни начини на плаќање, лесно достапни и со помали трошоци.

За повисок степен на финансиска инклузија, Министерството за финансии планира и поголем ангажман и кампања за заштитата на правата на потрошувачите на финансиски услуги, како на пример кај лизингот и кај кредитите на финансиските друштва.

Секако, за да ја постигнеме целта за широка финансиска инклузија ќе биде неопходна поддршката и соработката со бизнис заедницата. Особено од финансиските институции и ФинТек компаниите, кои треба да обезбедат брзи и едноставни услуги со ниски трошоци.

Придобивките од финансиската инклузија се повисок раст на БДП и помала доходовна нееднаквост

Анализите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека преку обезбедување на пристап до сметки, кредити, за жените, за ранливите категории, се овозможува побрз и поинклузивен економски раст.

Одличен пример се микрокредитите на Мухамед Јунус, за кои доби и Нобелова награда. Тој разви модел преку кој на социјално загрозените категории им се даваат мали заеми за започнување сопствен бизнис. На овој начин за овие лица и за нивните семејства се обезбедува постојан извор на приходи, а искуството покажало и дека со тек на време овие мали бизниси почнуваат да генерираат повеќе средства.

Друга придобивка од финансиската инклузија е дека таа привлекува повеќе луѓе во формалниот сектор, што во фискалниот дел значи повеќе приходи во буџетот. Повеќе приходи во буџетот пак значат подобро здравство, образование, инфраструктура и други јавни услуги.

Финансиската едукација е исто така значаен инпут во финансиската инклузија

Финансиската писменост, познавањето на финансиските услуги  и производи е предуслов за носење правилни финансиски и инвестициски одлуки. За таа цел Телото за Финансиска едукација, во кое членуваат присутните институции, преку низа активности работеше на подигнување на финансиската писменост.

Во таа насока Министерството за финансии одржа повеќе предавања во основни и средни училишта ширум државата, на теми од областа на финансиите и штедењето. Организиравме и посети на учениците на Министерството за финансии. Исто така, организиравме и предавања за студенти од наши вработени на различни теми.

Во насока на запознавање на граѓаните со буџетот, на едноставен и јасен начин, изработен е Граѓански буџет. Тој на пристапен начин ги прикажува приходната и расходната страна на буџетот. Минатата година Граѓанскиот буџет доби и веб апликација, која е userfriendly, а изработени се и едукативни видеа за буџетот.

Во наредниот период планираме поинтензивна кампања за финансиска едукација

 Во рамки на Глобалната недела на парите, организирани се посети на деца од основните училиште на Министерство за финансии. Ќе организираме и посети, односно предавања на наши вработени во училиштата.

И јас се приклучив кон оваа акција. Во петок ќе одржам предавање во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, каде патем и јас имам учено. Веќе следната недела сум на Економскиот факултет во Штип, каде ќе дебатираме на тема даноци.

Ќе ја искористам оваа прилика да упатам јавен повик до сите заинтересирани училишта, наставници, кои сакаат да организираат посета на Министерството за финансии, или ние да дојдеме да одржиме предавање, да се пријават. Тоа можат да го направат така што ќе пишат меил на edukacija@finance.gov.mk, а потоа нашите вработени ќе ја договорат посетата.

На крајот би сакал да се заблагодарам на вработените од Министерството за финансии кои работат на финансиска едукација, за нивната посветеност. Тие имаат и голем број на други обврски во Министерството, така тоа што издвојуваат време за предавања во училиштата е навистина за восхит. Благодарам

Comments are closed.