30 октомври 2018 година, Скопје – Годинешниот Светски ден на штедењето го дочекуваме со високо ниво на штедни влогови од 345 милијарди денари или 5,6 милијарди евра. Тоа е годишен раст на вкупните депозити во банкарскиот сектор од речиси 11 отсто.
Ова се добри вести. Депозитната маса е важна за стабилноста на финансискиот систем. Исто така, депозитите влијаат на придвижување на економијата. Зголемената ликвидност на банките придонесува за повисоко ниво на кредитирање. Тоа пак, влијае на растот на приватната потрошувачка и инвестициската активност на фирмите, што на крајот резултира со динамизирање на економскиот раст.
Кредитната активност на банките заклучно септември, на годишно ниво бележи раст од 8,3%. Во овој период, повеќе кредити се пласирани и кај домаќинствата и кај фирмите. Особено радува податокот дека кај кредитирањето на фирмите се забележува раст од 5% на годишно ниво.
Растот на кредитирањето кај компаниите, влијае на раздвижување на приватните инвестиции. Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, за првите осум месеци од годинава, се забележува висок раст на увозот на машини од 25%. Тоа се продуктивни инвестиции, кои влијаат позитивно на економската активност. Кај индустриското производство, на пример, од почетокот на годината до август има раст од 5,1%. Истовремено во овој период расте и бројот на вработени во индустријата за 7,2%.
Ќе ја искористам оваа прилика да ги повикам банките да ги поддржат проектите на компаниите и во следниот период да пласираат повеќе средства во стопанството. Секако, да инвестираат во издржани проекти, кои се важни за економијата.
Во контекст на кредитирањето на домаќинствата, ќе најавам законски измени кои ги подготви Министерството за финансии. Тие се во насока на заштита на граѓаните од високи трошоци за кредити. Со измени на Законот за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити, ќе се спречи плаќањето на непропорционално високи трошоци при таканаречените брзи кредити. Со донесувањето на овој закон, ќе се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци кај ваквите кредити.
Повторно од кредитирањето ќе се вратам на штедењето. Таков е денот. Секој штеден влог е придонес за стабилноста на финансискиот систем, но и за економскиот раст. Повисоки депозити, значат поголема ликвидност. Зголемената ликвидност пак, повлекува поголема кредитна активност, повеќе инвестиции – што повторно придонесува за акумулирање на нови средства и депозити.
На крајот би сакал на сите да ви го честитам Светскиот ден на штедењето, а особено на шалтерските работници кои изминатата година се покажаа како најдобри во својата дејност.