Ваши екселенции, Почитувани инвеститори, Дами и господа, драги гости
Дозволете ми на почетокот да им се заблагодарам на организаторите за поканата и укажаната чест, да се обратам на Петтото Годишно Собрание на Меѓународниот совет на инвеститори во Република Македонија. Особено ме радува што говорам пред овој аудиториум – странските инвеститори, кои ја одбрале Република Македонија како бизнис дестинација за вложување на сопствен капитал, и кои повеќе години се дел од нашата бизнис елита. Друштвото на странските инвеститори од година во година е се побројно и искрено се надевам дека овој тренд ќе го задржиме и во годините што следат.
Ваквите средби на Владата со организираните асоцијации на приватниот сектор се одлична можност да се направи ретроспектива на досега сработеното, да се разменат искуства и впечатоци, но и да се дадат конструктивни предлози и идеи за поуспешно спроведување на економската политика во Република Македонија.
Зад нас е една особено интензивна година, година на крупни и значајни реформи во повеќе области, но и вовед во нови предизвици за создавање на уште поповолен амбиент за работа за сите стопанственици. Вложивме големи напори за заживување на економската активност, за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, но и за подигање на имиџот на Македонија како атрактивна бизнис локација.
Во оваа прилика би се осврнал на најсуштинските мерки и активности кои ги спроведовме досега, како и на проекциите за нашето идно работење во оваа година.
Во делот на даночниот систем воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход од 1 Јануари 2008 година изнесуваат само 10% што е најниско ниво во Европа, а реинвестираната добивка е целосно ослободена од оданочување. Со ваквите мерки директно придонесуваме за зголемување на конкурентноста на компаниите кои вложуваат во Македонија.
Даночните постапки се значително поедноставени. Управата за јавни приходи ја зголеми ефикасноста и респонзивноста и се прилагоди на потребите на приватниот сектор. Перцепцијата за УЈП како партнер на даночните обрвзници е веќе присутна. На најголемите даночни обврзници им овозможивме сите даночни пријави да ги доставуваат по електронски пат, а се преземаат активности ваков тип на услуга да добијат и средните и малите даночни обврзници. Започнавме активности за хармонизација на основицата на персоналниот данок на доход и социјалните придонеси и нивна интегрирана наплата од една институција. Тоа значително ќе ги намали трошоците на фирмите, но ќе има и заштеди во време. Во наредниот период ќе ја зајакнеме и борбата против даночната евазија.
Со Проектот Регулаторна гиљотина, во кој активно учество зеде и Меѓународниот совет на инвеститори со свои предлози, намаливме низа надоместоци и поедноставивме бројни постапки за добивање лиценци, дозволи, одобренија и други формалности. Кај 10-тина државни институции ги преполовивме надоместоците и тарифите, меѓу кои Централниот регистар, Катастарот, Службениот весник. За 50% ги скративме и роковите за издавање разни видови согласности и одобренија. Го воведуваме правилото „молчењето е одобрување“ со кое за конкретни постапки, доколку администрацијата не одговори на барањата на граѓаните и бизнисмените во пропишаниот рок, ќе се смета дека е даден позитивен одговор. Истовремено, за половина ги скративме општите рокови за донесување на решенија во управните постапки.
Со ова, значително го намалуваме административниот товар, кој долги години претставува една од најголемите пречки за нормално одвивање и проширување на вашиот бизнис. Ќе продолжиме да се залагаме за заживување на “бизнискратијата“ наместо досегашната “бирократија“.
За подобрување на стандардите за професионално однесување и работење на јавната администрација, го спроведуваме проектот Таен клиент. По пат на тајно следење и истражување се оценува работата на министерствата, агенциите, бироата, фондовите, заводите и други органи на државната управа. Наскоро ќе ги презентираме резултатите до кои дојдовме преку ова истражување и ќе преземеме соодветни мерки за зголемување на квалитетот на услугите.
Особено сме посветени на реформата на Катастарот, каде наследивме целосен хаос од предмети и десетици илјади неевидентирани сопствености. Со забрзано решавање на предметите и забрзана евиденција на сопственоста, денес катастарот на недвижности е востановен на околу 70% од територијата на Република Македонија, а до 2009 ќе имаме 100 %-на покриеност. Со Предлог законот за Катастар на недвижности кој Владата го усвои на 2 јануари оваа година, предлагаме еден сосема нов концепт за надминување на проблематичните решенија кои беа „тесно грло“ во реализацијата на правата врз недвижностите во Република Македонија. Постапката за запишување на правата во Катастарот, ќе биде посебна, а не управна постапка, и ќе опфаќа едноставна пријава за запишување што ја поднесува странката и потврда за запишување што ќе ја издава Катастарот. Притоа, постапката ќе биде оптимизирана од аспект на времетраење и квалитет на услуга, а ќе има можност и за електронско поднесување на пријава за упис. Една од многуте новини кои со Предлог законот ги воведуваме е и регистрација на промените во катастарот да се вршат за 1 до 3 дена наместо досегашните 30 до 60 дена.
Се залагаме и интензивно работиме на решавање на предметите за денационализација, заради утврдување на сопственоста на земјиштето и негов непречен правен промет. Поставивме рок, до средината на оваа година да се завршат сите започнати, а нерешени предмети.
Не помалку значајни се понудените измени во законот за градење, кои се во насока на олеснување на постапките за добивање на градежни и употребни дозволи, поефикасна контрола на градењето и секако подобар инспекциски надзор, што ќе го уреди и стимулира урбанистичкиот развој и ќе ја спречи „дивоградбата“.
Во Царинската управа постигнат е значен напредок, преку забрзување и поевтинување на царинските процедури, воведувањето на едношалтерски систем во царинското работење и радикално намалување на корупцијата. Бизнисмените веќе го изразуваат своето задоволство од ефикасноста и квалитетот на работењето на царинските власти.
Во 2008 година ќе продолжиме со реформите за јакнење на институционалниот капацитет и модернизација на Царинската управа. Преку поставување на софистицирана опрема за рендгенско скенирање значително ќе се намали нелегалниот увоз на стоки во земјата, што ќе овозможи да се намали нелегалната конкуренција.
Во финансискиот сектор, со новиот Закон за банките значително се либерализираше банкарскиот сектор, при што се олесни влезот на странски финансиски институции и се овозможи зголемување на конкуренцијата. Филијала на странска банка може да се отвори со капитал од 2 милиони Евра, додека за целосна дозвола за банка се потребни 9 милиони евра. Најавените инвестиции на неколку реномирани банки, се показател за зголемениот интерес за вложување во банкарскиот сектор, што ќе ја зголеми ефикасноста и ќе овозможи да се подобри квалитетот и цената на услугите за граѓаните и бизнисмените.
И во телекомуникацискиот сектор овозможивме влез на конкуренција, што доведе до пад на цените на услугите од преку 70%. Истиот тренд на намалување на цените се забележува и кај фиксната телефонија и интернет услугите. Воведуваме 3G технологија во мобилната телефонија, а очекуваме со работа да започнат и првите WAIMAX оператори.
Ќе се согласиме дека вложувањето во човечкиот капитал е најдобрата долгорочна инвестиција за подобрување на вкупната бизнис клима. Затоа, значително ги зголемивме средствата наменети за образование и спроведуваме бројни реформи за подобрување на квалификуваноста и конкурентноста на работна сила и нејзино прилагодување на потребите на пазарот. Ова вклучува изучување на странски јазици, претприемништво, задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата, бесплатни курсеви за работа со компјутери за граѓаните и др.
За подобрување на конкурентноста на македонските менаџери во следните 3 години ќе го спроведеме Проектот „Топ менаџмент“ за обука на околу 200 менаџери во успешни компании од иста или слична област во развиените земји. Обуката ќе им овозможи работа со врвни менаџери и воспоставување бројни контакти со странски компании со што ќе им се отвори можност за проширување на бизнисот и настап на странските пазари. Тендерот за избор на субјект кој ќе го спроведе проектот ќе биде објавен наскоро.
Со оглед дека поволната инфраструктура и стабилниот енергетски сектор се едни од клучните фактори за поповолна бизнис клима, преземаме низа активности. Издвоивме значајни средства за повеќе капитални инфраструктурни проекти, меѓу кои се: модернизација и изградба на патната и железничка мрежа на коридорите 8 и 10, избор на стратешки инвеститор за модернизирање на аеродромите во Скопје и Охрид. Работиме на проектот за гасификација на Македонија преку развој на магистрални и дистрибутивни гасоводни мрежи, привлекување инвестиции за изградба на нови енергетски објекти во термо, хидро и гасни централи и поголемо искористување на обновливите извори на енергија.
Почитувани инвеститори,
Иако ова се само дел од спроведените реформи, задоволство ми е да истакнам дека позитивните ефекти од овие реформи ги потврдија реномирани меѓународни институции, што е само показател дека се движиме во вистинска насока. Светската банка, не рангираше како 4-ти најдобар реформатор споредено со 178 земји во светот, со скок од 20 места во вкупното рангирање во однос на претходната година.
Бидејќи подобрувањето на бизнис климата е континуиран процес, ова високо признание за нас беше мотивација за нови порешителни и поамбициозни чекори. Затоа, откако утврдивме кои се преостанатите бариери за водење на бизнис, Владата минатата недела усвои нов пакет на околу 50 реформски мерки за понатамошно подобрување на бизнис климата, со кои ќе се освежи економската Програма за работа за 2008 година.
Во оваа прилика би сакал да Ви презентирам дел од поатрактивните мерки.
- Предлагаме воспоставување на електронско пријавување и одјавување на вработени, без шалтери, без чекање и непотребно губење време.
- Функционирање на едношалтерски царински систем кој ќе овозможи скратување на документацијата и времето потребно за увоз и извоз и воспоставување на е-портал за електронско доставување на апликациите за добивање на увозно-извозни дозволи.
- Ќе поттикнеме формирање на приватно кредитно биро, што ќе овозможи полесен пристап до кредити за дисциплинираните потрошувачи и спречување на презадолжување.
- Во судството, ќе воведеме систем за електронско менаџирање на судските предмети преку електронска распределба на предметите и увид во текот на постапките. Со тоа во голем обем ќе се анулира влијанието на човечкиот фактор, ќе се зголеми транспарентноста и ќе се забрза решавањето на предметите.
- Заради заштита на инвеститорите, инициравме измени во Законот за трговски друштва во насока на регулирање на постапката за одобрување на зделките со заинтересирана страна и задолжително објавување на овие трансакции во годишните извештаи на компаниите. Тоа ќе ја подобри правната заштита на малцинските акционери, како и сигурноста на вложениот капитал.
- Во делот на затворање на фирми, ќе воведеме едношалтерски систем за доброволна ликвидација. Истовремено, стечајните постапки за чија долготрајност сме често критикувани ќе се решаваат на многу поефикасен начин. Ќе формираме тимови за побрзо решавање на состојбите на големите фирми со потешкотии во работењето, со цел изнаоѓање стратешки инвеститор и нивно рестартирање.
- Дополнително раздвижување на пазарот на недвижности може да се случи преку давање можност странци да купуваат недвижен имот во Република Македонија.
Од макроекономски аспект, за оваа година, би сакал да ве уверам дека Владата ќе се залага за задржување на курсот на забрзани стапки на економски раст, при што БДП за 2008 е проектиран на 6%, во услови на ниска и стабилна инфлација до 3%. Главни носители на економскиот раст ќе бидат услужниот сектор, индустријата и инвестициите во инфраструктурата.
Почитувани присутни,
Кога пред една година Премиерот се обрати пред Вас, ви даде повеќе уверувања за подобрување на бизнис климата. Ќе се сложите дека тоа и го остваривме. Сега, во годината што ги носи можеби досега најсуштинските интегративни процеси за Република Македонија, продолжуваме без застој со реформските чекори за отстранување на преостанатите пречки за водење бизнис. Впрочем и фактот што сме на чекор кон членството во НАТО и цврстата определба за исполнување на критериумите за добивање на датум за преговори за членство во Европската унија ни го налага тоа.
Олеснувачка околност во овој сложен процес е непосредната комуникација со Вас бизнисмените и инвеститорите, што ни овозможува сеопфатно спроведување на утврдените реформи.
Затоа ве повикувам да ја продолжиме конструктивната соработка, но и да продолжите со вашето работење и дополнително инвестирање тука, зашто впрочем тоа е остварување на заедничкиот интерес.
Ви посакувам понатамошна успешна работа.
Благодарам.