Почитувани учесници, Дами и господа, драги гости
Ви благодарам за поканата и можноста да се обратам на денешниот настан. Дозволете ми, да ги поздравам сите учесници и особено да се заблагодарам на: Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Министерство за внатрешни работи и полициската академија на Сојузната Германска Покраина Бранденбург и на фондацијата Hanns Seidel од Германија, кои ги организираа “Охридските разговори” во Охрид и Берлин со централна тема Унапредување на безбедноста во Република Македонија на патот кон нашето членство во ЕУ.
Овој настан потврдува дека односите помеѓу Сојузна Република Германија и Република Македонија ги карактеризира дух на пријателство и соработка во сите области кои се од заеднички интерес за двете земји. Аспирацијата за членство на Република Македонија во Европската Унија е основа за понатамошно развивање на соработката на политичко и економско ниво. Убедени сме дека Сојузна Република Германија и во иднина ќе биде еден од најзначајните партнери на Република Македонија кои го помагаат процесот на нашето приклучување кон европското семејство.
Денес имаме можност да слушнеме за безбедносните предизвици со кои се среќава Република Македонија и соседните земји од Западен Балкан. Дел од овие предизвици произлегуваат од процесот на транзиција на поранешните комунистички и социјалистички земји, како и конфликтите со кои се соочи регионот во изминатите две децении. Како последица на безбедносната и политичка нестабилност а со тоа и застојот на економскиот развој кај земјите во регионот, организираниот криминал, корупцијата и коруптивното однесување како и трговијата со луѓе, наркотици и оружје заземаа неочекувани размери.
Паралелно со градењето на демократските и политичките процеси, развојот на меѓуетничката и меѓуверската толеранција како и трансформацијата кон пазарна економија, еден од најважните параметри со кој се мери Европската перспектива на балканските земји е нивниот напредок во борбата за спречување на овие девијантни појави и придонес кон зајакнување на регионалната безбедност. Успешен пример дека со одлучна борба против корупцијата и организираниот криминал, со спроведување на судски и реформи на полицијата може да се достигнат европските безбедносни критериуми, се две земји од соседството Романија и Бугарија кои оваа година станаа членки на Европската Унија.
Со оглед дека Балканскиот полуостров традиционално се идентификувал како регион кој го карактеризира нестабилност, главен предизвик за Македонија е подобрување на вкупниот меѓународен имиџ на земјата како потенцијален пазар, производител и извозник на добра и услуги, но и на активен чинител за регионалниот мир. Не толку одамна, перцепцијата на инвеститорите за транзиционите земји на Балканот беше во двоен негативен контекст: 1) како поранешни комунистички земји и 2) како балкански земји. Првиот означува проблеми како што се несоодветна законска регулатива, високо ниво на корупција, нерамноправни услови за работење и други појави кои ја зголемуваат деловната несигурност и ризик. Вториот пак е поврзан со меѓуетнички и меѓудржавни тензии кои ја загрозуваат личната сигурност и безбедност. Како резултат на таквата перцепција, инвеститорите ги заобиколуваа земјите од регионот вклучувајќи ја и Македонија и следствено, нивото на странски инвестиции беше далеку помало од она што економиите на овие земји можеа да го абсорбираат.
Сепак, уште од самиот почеток на демократските процеси народите на Балканот недвосмислено ја поддржуваат интеграцијата кон евроатланските процеси. Достигнувањето на критериумите зададени од НАТО И ЕУ значи систематско спроведување на конкретни реформски мерки чија прудентна имплементација треба да резултира со членство во овие две институции. Директните ефекти од членството се рефлектираат во зајакнување на националната и регионална безбедност; зголемување на инвестиции домашни и посебно странски и пристап до структурните фондови; како и позитивно влијание во развојот на образованието, екологијата, земјоделството, телекомуникациите и индустриите поврзани со одбраната односно нејзино снабдување и одржување. Како значајна индиректна придобивка која ја подобрува перцепцијата кај странските инвеститори е зголемувањето на економската перспектива и потенцијал на долг рок на економиите на новите членки, што придонесува за забрзување на стапките на економски раст.
Искуствата на Полска, Чешка и Унгарија како и на Романија и Бугарија како балкански земји ги потврдуваат позитивните ефекти од нивното влегување во НАТО и ЕУ. Доколку се анализираат тековите на инвестициите може да се забележи дека постои значително зголемување на СДИ во овие земји после нивното влегување НАТО алијансата. Членството во НАТО и ЕУ ја подобрува институционалната рамка на економиите на новите членки и влијае кон ефективно намалување на деловните трансакциски трошоци.
Поканата за членство во НАТО и датумот за почеток на преговори со ЕУ кои ги очекуваме во првата половина од 2008 година, заедно со перспективата за траен регионален мир во регионот се силен мотив за граѓаните и Владата на Република Македонија што побрзо да ги достигнат стандардите на европското семејство.
Се наоѓаме на само три дена од Денот на независноста на нашата земја. Во изминативе 16 години Република Македонија докажа дека е мирољубива земја која успеа да избегне големи конфликти и да се трансформира во земја кандидат за НАТО и ЕУ. Со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор за мир, воспоставени се трајни односи за изградба на демократско мултиетничко општество. Денес, Република Македонија е на чекор до интеграција во Европската унија и НАТО. Владата е целосно посветена на реализација на реформите кои се неопходни за овој процес успешно да се заврши. Доближувањето на земјата кон ЕУ и НАТО дава сигурност за странските инвеститори за обезбедување политичка стабилност, квалитет на институциите и развој на демократските процеси неопходни за подобрување на вкупниот имиџ на земјата и за остварување на предвидениот економски раст.
Република Македонија континуирано дава конструктивен придонес во регионалната стабилност преку развивање на добрососедска соработка со сите земји и става посебен акцент на зајакнување на економските и трговските односи. Побрзиот развој на Република Македонија и добрата соработка со соседните земји можат да помогнат за остварување на побрз економски раст во регионот. Она што го промовира Владата во Република Македонија е постепено поместување на фокусот од политичките кон економските теми, иако тие се несомнено поврзани и условени. Сепак, верувам дека економскиот развој е клучен за ублажување на проблемот на невработеност кој е карактеристичен за сите земји од регионот, што понатаму ќе резултира во ублажување на меѓуетничките тензии и обезбедување на поголема социјална стабилност.
За таа цел реформската агенда на Влада е фокусирана на подобрување на животниот стандард, намалување на невработеноста, зајакнување на борбата против корупцијата, понатамошно подобрување на меѓуетничките односи и забрзување на судските и други реформи поврзани со процесот на интеграција во НАТО и ЕУ. Економскиот дел од програмата содржи комплексен сет на реформски мерки и политики во делот на даночната политика, регулаторните реформи за поедноставување на регулативата, модернизација на образованието и развој на претприемништвото за зголемување на конкурентноста на работната сила, заштитата на правата на сопственост, реформи во катастарот, зајакнување на конкуренцијата во финансискиот сектор итн. Токму тука би сакал да потенцирам дека само во првиот квартал од 2007 година како резултат на спроведувањето на владините мерки обезбедивме пораст од 7% на Бруто Домашниот Производ во Македонија. Целосната имплементација на Владината програма исто така има круцијално значење за подобрување на услугите кои јавниот сектор им ги нуди на граѓаните и бизнисмените и за обезбедување повисоки стандарди во секоја област од животот и работата.
За да ја оствариме агендата, Владата применува партиципативен пристап во кој за успешна реализација на реформите се вклучени не само државните институции, туку и сите релевантни стејкхолдери: приватниот сектор, невладините организации, синдикатите итн. Со мобилизирање на сите потенцијали, верувам дека реформите ќе резултираат со нови конкретни успеси на политички и економски план.
Конечно, вложуваме многу повеќе во инфраструктурата (транспорт, енергетски сектор и либерализација на телекомуникациските услуги), како и во човечкиот капитал. Инвестициите во физичкиот и човечки капитал се клучен елемент за развојниот процес поради што посветуваме повеќе време и средства за нивен развој. Така на пример, го започнавме процесот за воведување на задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата, мандаторно изучување на повеќе странски јазици и сл.
Истовремено, имплементираме сеопфатна стратегија за привлекување на СДИ. Во досегашните две фази од промотивната кампања во најтиражните светски весници вклучувајќи ги германските Frankfurter Allemagne и Süddeutsche Zeitung, како и во меѓународните Wall Street Journal, Financial Times, International Herald Tribune, New York Times, The Economist и Business Week на странските инвеститори им ги презентиравме општите и посебни услови за инвестирање во земјата. Наскоро се очекува да започне третата фаза од кампањата чија цел е создадавање на бренд за Македонија како атрактивна инвестициона дестинација на мапата на светските инвеститори. Започнавме со реализација на серија на road shows од кои првиот се одржа во Италија а следните два ќе се реализираат во Германија и Австрија во септември и октомври оваа година. На средбите со инвеститорите директно се презентираат инвестиционите можности во земјата. Сите барања за дополнителни информации и посети на Македонија на професионален начин ги сервисира Агенцијата за странски инвестиции која е значително зајакната кадровски и финансиски.
Бизнисмените од земјите од регионот вклучувајќи ги Австрија, Словенија и Грција ги препознаа инвестициските можности во Македонија и веќе се присутни во повеќе индустриски и услужни сектори. Во 2007 година, мултинационалните компании како што се Societte General од Франција, Johnson Controls од Соединетите Американски Држави, Mobilkom од Австрија и Siemens од Германија донесоа одлуки за инвестирање во Македонија. Способноста на Македонија да привлече вакви реномирани компании е многу позитивен сигнал и за останатите инвеститори за нашите предности, атрактивните и ниски трошоци и стратешката локација.
Соработката меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија во следните неколку години треба да биде поинтензивна како во трговската размена, така и во однос на странските инвестиции. Владата на Република Македонија ќе придонесе за постигнување на оваа цел со обезбедување поволно бизнис опкружување и одржување на одличните политички и економски врски со Сојузна Република Германија.
Ви благодарам.