Почитувани земјоделци,
Почитувани стопанственици,
Учесници во форумот,

 

Драго ми е што по четврти пат сме заедно на форумот во организација на “Фармер” на кој ќе разговараме на тема: „Лозарството и овоштарството во Македонија“.  Верувам дека и овде во Неготино ќе имаме плодни дискусии за потешкотиите и потребите на земјоделците и заеднички ќе се обидеме истите да ги решиме.

Лозарството и овоштарството се земјоделски гранки со големи компаративни предности, на кои Владата посветува посебно внимание преку политиките и мерките за поттикнување на нивниот развој.

Денес земјоделците имаат предвидливост на поддршката што ја добиваат од оваа Влада. Знаат што можат да очекуваат, знаат како да го насочат сопственото производство, знаат како да го подобрат квалитетот на произведеното.

460-те милиони евра што ќе ги издвоиме во наредните четири години за препород на земјоделството, делуваат охрабрувачки за започнување и проширување на агро бизнисите, вклучително и во областа на лозарството.

Можеби оваа бројка за некого е нереална, но ние покажавме дека она што го ветуваме во целост го исполнуваме. Доказ се 45-те милиони евра што во 2008 година ги издвоивме за заборавените земјоделци.

Со Програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2008 година, ги опфативме и потсекторите лозарство и овоштарство.

Во делот на лозарство, наша цел е окрупнување на постојните површини од околу 28.000 ха до оптимален обем на производство на 35.000 ха. Воедно, мерките што ги преземаме се во насока на промена на старосната и сортна структура на лозовите насади и зголемување на квалитетот на грозјето.

Затоа, во 2007 година за лозарството и овоштарството одвоивме 40 милиони денари, а во 2008 година 346,8 милиони денари, што е за 13,5 пати повисок износ во однос на 2006.

Оваа година поединечната поддршка по хектар за нови лозови насади е значително зголемена на 120.000 денари по хектар. Колку за споредба, во 2006 година износот беше четирикратно помал, односно 32.000 денари по хектар.

Воведовме и нова субвенција од 2 денари по килограм произведено и предадено грозје во домашни винарски визби. На овој начин, преку субвенционирање на дел од оперативните трошоци, го поттикнуваме производството на грозје и развојот на винската индустрија во Македонија.

Дополнително, заради развивање на висококвалитетен саден материјал, обезбедиме 2 денари по продаден лозов калем и 50.000 ден/ха за подигање на матичници за производство на сертифициран лозов саден материјал.

До крајот на годината, ќе воспоставиме Национален регистар за лозови насади кој ќе овозможи увид во површините под лозја, сопственоста, сортите и староста на насадите. Пред еден месец отворивме канцеларии во Неготино, Свети Николе, Охрид, Валандово и Скопје, со што започна втората фаза од овој проект. Регистарот ќе овозможи следење на производствениот потенцијал, транспарентна распределба на субвенциите и искористување на средствата од европските предпристапни фондови.

Она што најмногу не радува е тоа што површините под лозови насади во последните две години бележат постепено зголемување за околу 500 ха годишно. Ваквиот тренд говори за враќањето на оптимизмот на производителите за профитабилноста на лозарството.

Македонското лозарство се повеќе се ориентира кон производство и продажба на висококвалитетни вина. Виното е на првото место во извозот на пијалоци и е вториот најзначаен извозен земјоделски производ после тутунот.

За да се подобри конкурентноста и пласманот на виното, подготвуваме Стратегијата за маркетинг на македонското вино. Преку Стратегијата ќе се идентификуваат недостатоците во производството и дистрибуција и ќе се понудат решенија и мерки за нивно надминување. Воедно, во наредниот период посебно внимание ќе посветиме на развивањето на винскиот туризам во Тиквешкиот регион, Повардарие, Пчиња-Осогово и Пелагониско-Полошки регион, преку организирање на вински патеки, презентација на процесот на производство и извоз на флаширано македонското вино.

Поволните природни услови и расположливата работна сила, даваат значителни компаративни предности и голем развоен потенцијал на овоштарството. Сепак, оваа земјоделска гранка се соочува со проблеми во поглед на конкурентноста на производството, дистрибуцијата, пласманот и бележи намалување на засеаните површини.

Ваквата состојба наметна потреба за поддршка и стимулирање на производството на постојните овошни култури, поддршка на процесот на воведување на нови производи барани на европските и светските пазари и зголемување на производството на сертифицирано семе и саден материјал.

Затоа, подигнатите нови насади на јаболка, круша, кајсија, праска, слива, цреша, вишна, лешник, орев, бадем, малина, рибизла и капина ќе бидат подржани со 75.000 ден/ха. Додека за одржување на новите овошни насади се до постигнување на плодност и за насадите со алтернативни овошни култури, обезбедивме по 10.000 ден/ха. Финансиската поддршка за матичници за производство на овошен саден материјал е 35.000 ден/ха.

Несоодветните услови на складирање, предизвикуваат неизедначен квалитет на овошјето во текот на годината и големи загуби на земјоделците.

Во изминатите две години, вложивме многу енергија за решавање на акутниот проблем со пласманот. Во Македонија го донесовме Хрватски Агрокор, кој започна со подготовки за изградба на два откупно-дистрибутивни центри, во Струмица и Росоман. Во текот на септември оваа година, ќе започне со изградба откупниот центар во Росоман со капацитет од 60.000 тони. Центарот ќе биде опремен со современа технологија што ќе овозможи соодветен систем на складирање, пласман и зачувување на квалитетот на овошјето.

 

Развојот на овоштарството и лозарството ќе се поддржи и со кофинансирање на 50% од износот на инвестициите за набавка на земјоделска механизација во висина до милион денари и опрема за доработка, преработка, складирање, сортирање и пакување на земјоделски производи во висина до два милиони денари.

Дополнителна поддршка на овоштарството се измените во начинот на надомест на штети предизвикани од елементарни и временски непогоди преку учество на државата со 30 % во износот на премијата за осигурување на земјоделското производство.

 

Почитувани земјоделци,

Еден од нашите најголеми предизвици е брендирањето и заштитата на географското потекло на најзначајните македонските производи со стратешко значење и меѓу кои секако се македонските вина и разните видови на овошки. Верувам дека со упорност и истрајност во процесот, успехот нема да изостане, пред се поради вложеното знаење и вашето непроценливо искуство и труд што резултираат во препознатлив квалитет.

Затоа, би сакал да ве уверам дека преку спроведување на сеопфатна политика за континуиран развој на земјоделството, ќе се постигне зголемување на приходите на земјоделците. Верувам дека со заеднички напори ќе ја оствариме оваа цел.

Организирањето на вакви средби на кои се разменуваат мислењата и искуствата на најзасегнатите – земјоделците, како и на стручните лица, е вистинска можност за градење и имплементација на успешна земјоделска политика која ќе придонесе кон решавање на проблемите и развој на оваа исклучително важна стопанска гранка.

Благодарам.

Comments are closed.