Почитувани учесници, Дами и господа, драги гости

Ми претставува особено задоволство да го отворам деветтиот експертски форум на тема одржлив развој. Дозволете ми најнапред да ги поздравам сите учесници и особено да се заблагодарам на организаторите: Фондацијата Конрад Аденауер, Централно-Европската Иницијатива и Машинскиот факултет во Скопје. Особено е значајна поддршката што Фондацијата Конрад Аденауер и ја дава на Република Македонија на патот кон Евро-Атлантските интеграции. Искрено се надевам и очекувам нашата долгогодишна соработка и понатаму да продолжи да се развива на уште повисоко ниво.

Одржливиот развој е универзална аспирација на земјите во светот. Граѓаните во развиените, транзиционите и земјите во развој имаат легитимно право на подобар живот поради што е потребно да се промовира одржлив економски раст на светската економија. Во услови на зголемена економска глобализација земјите во светот се во можност да учат едни од други преку зајакнување на меѓусебната соработката во насока на либерализација на трговијата и на инвестициите, примената на нови технологии и модерни менаџерски искуства и техники. Ваквата соработка преку трансфер на “know how”, придонесува се повеќе земји во светот да  применуваат економски развојни модели кои се ефикасни во употребата на природните ресурси и го промовираат развивањето на системи за рециклирање. Неефикасниот економски развој  кој се темели на неправилно и претерано користење на природните ресурси не смее да се толерира пред се поради оптоварувањето врз животната околина и загрозување на правата на идните генерации да може да ги задоволат своите потреби.

Макроекономската и ценовната стабилност успешно се одржуваат во Република Македонија веќе подолг временски период, и се неопходни за креирање на предвидлив макроекономски амбиент во кој претприемачите ги носат своите деловни одлуки. Главните цели на Република Македонија за следните неколку години вклучуваат воспоставување на одржливи високи стапки на пораст и придвижување кон Европа. Постигнувањето на висок одржлив развој ќе ја намали сиромаштијата, ќе го подигне нивото на социјална еднаквост и ќе доведе до задоволување на основните потреби на луѓето. Преку подобрување на економската состојба ќе го подигнеме квалитетот на живеење на граѓаните, ќе овозможиме да дојде до израз социјалната правда и во најголема можна мера ќе ги намалиме нееднаквостите и бариерите во општеството.

Затоа, би сакал да ми дозволите, накратко да Ви ги презентирам главните активности, мерки и политики што Владата на Република Македонија ги превзема во насока на постигнување висок одржлив развој.

Го забрзавме спроведувањето на структурните реформи со цел создавање на институционална, регулаторна и административа рамка кои ќе придонесуваат за развојот на приватниот сектор. Подобреното бизнис опкружување ќе помогне да се зголеми конкурентноста на земјата и да се привлечат домашни и странски инвестиции.

Даночни и регулаторни реформи

Водиме атрактивна даночна политика на рамен данок и убедени сме дека многу компании ќе ја искористат шансата за инвестирање при поволни даночни олеснувања и поедноставени даночни процедури. Со цел да ги пробиеме административните бариери со кои секојдневно се соочуваат стопанствениците и македонските граѓани, Владата ја спроведува Регулаторната Гилотина за поедноставување на прописите и намалување на бирократските процедури.

Земјоделие и шумарство

Го намаливме данокот на додадена вредност за земјоделските репроматеријали од 18% на 5%. За 2007 година одвоивме повеќе средства за субвенции и при тоа дополнително опфативме повеќе култури. Во однос на развојот на земјоделието, покрај преземените даночни мерки, подготвени сме и на разни други начини да го помогнеме аграрот во Република Македонија. Во таа насока, за унапредување на извозот на земјоделски производи Владата ќе поддржи формирање на неколку компании за откуп, извоз и промоција на македонски земјоделски производи. Целта на ваквите компании ќе биде организиран откуп, промоција и извоз на македонските земјоделски култури на странските пазари, организирано подигнување на стандардизирано производство за извоз и сл. Во фаза сме на изработка на законска регулатива која е во согласност со европското законодавство. Тоа ќе овозможи и да ги регулираме еколошките стандарди кои ни се наметнуваат од Европската Унија.

Енергија

Вложуваме многу повеќе во инфраструктурата, пред се во транспортот, енергетскиот сектор и либерализација на телекомуникациските услуги.

Мора да бидеме внимателни во однос на ресурсите кои ги користиме за да го постигнеме посакуваното ниво на развој. Треба да користиме обновливи извори на енергија, да вршиме производство со висока еколошка вредност, да го подигнеме нивото на ефикасност. Треба да се обидеме да постигнеме поголемо производство и повисок развој со рационално користење на ресурсите со кои располагаме и конечно мора да научиме да си го сочуваме нашето, она што ни е изворно дадено од природата. 

Енергетскиот сектор нуди огромни можности за инвестирање. Само  25 % од хидропотенцијалите на Република Македонија се искористени. Затоа преземаме огромен број на мерки и активности. Во тек е втората фаза од меѓународниот тендер за продажба на ТЕЦ Неготино за кој стратешки инвеститор треба да се избере до средината на оваа година. Владата, по пат на меѓународен тендер, ќе бара стратешки инвеститор за изградба на комбинирана гасно-топлинска централа во Скопје, инвестиција вредна околу 140 милиони евра. Наша стратешка определба е гасификацијата и обезбедувањето пристап до евтини еколошки енергенси. Затоа Владата ќе ги продолжи постоечките главни гасоводи со цел да се обезбеди гас до сите градови во Македонија. Исто така ќе го поттикнеме влезот на инвеститори за развој на дистрибутивните мрежи во овие градови. Порастот на цените на енергенсите е тоа што не мотивира да се обидуваме се повеќе да го воведеме гасот како извор на енергија кој што меѓу другото поседува и голема еколошка вредност. Во завршна фаза се тендерите за изградба на две големи и важни хидроцентрали Чебрен и Галиште. Меѓународен  тендер за хидроцентралата Бошков мост ќе следи наскоро. Паралелно на оваа се реализира изградбата на 400 нови помали хидро-централи, на целата територија на Република Македонија. Меѓународен тендер за првиот пакет за изградба на 60 мали хидроцентрали е во тек и изборот на инвеститори се очекува да заврши на крајот од септември 2007 година. Во однос на тоа дека треба да внимаваме како и колку ја користиме електричната енергија, решивме да спроведеме кампања со цел да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да им укажеме дека се работи за ресурс кој мора да се штеди.

Вработување

Исто така, го усвоивме Оперативниот план за активни политики за вработување за 2007 година со кој е предвидена поддршка од 2500 евра за самовработување на 500 невработени лица од неразвиените подрачја и кои се долгорочно невработени, корисници на паричен надомест и млади лица до 27 – годишна возраст кои прв пат се вработуваат. Проектот за самовработување е веќе во тек и се очекува да заврши во ноември 2007 година. Лицата кои ќе бидат опфатени со овој план за вработување ќе бидат вклучени и во извршување на јавни работи и во разни еколошки проекти.

Развој на претприемништвото

Учењето преку размена на искуства, знаење и идеи, несомнено претставува добра основа за создавање на бизнис опкружување кое ќе овозможи полесно одвивање на бизнисот и развој на претприемачкиот дух во регионот. Токму затоа, Владата ќе пристапи кон реализација на проект популарно наречен “Топ менаџмент“, во форма на твининг-програма и во соработка со приватниот сектор. Основата на проектот е македонските менаџери да се обучуваат во успешни светски компании од развиените земји, каде ќе имаат можност да работат со врвни менаџери во соодветни компании од иста или слична област и стекнатото знаење да го пренесат во домашните компании.

Во Македонија невработеноста е највисока меѓу лицата со помалку од средно образование, при што голем дел од невработените не можат да си најдат работа затоа што ги немаат квалификациите што ги бара пазарот. Во таа насока спроведуваме бројни реформи за модернизација на образованието и развој на претприемништвото, што ќе ја подобри конкурентноста на работната сила. Веќе е донесен законот за задолжително средно образование, а во тек е проектот за масовно опремување на училиштата со компјутери за сите деца, како и воведувањето на повеќе странски јазици во основното образование. Исто така спроведуваме обука за работа со компјутери на сите заинтересирани македонски граѓани.

Инвестирањето во образованието и стручната подготовка на младите е мерка која што ќе создаде висококвалификувана работна сила и ќе влијае врз постигнувањето и одржувањето на висок одржлив развој.

Инфраструктура

За подобрување на инфраструктурата во Република Македонија утврдени се следниве приоритети: а) модернизација и давање под концесија на двата македонски аеродроми во Скопје и Охрид; б) приватизација на транспортот од македонски железници и в) изградба и концесија на делници од коридорите 8 и 10. Сите овие мерки од областа на транспортот се во правец на поефиксно искористување на инфраструктурната мрежа. Ја намаливме и старосната граница за патнички и товарни возила кои се носат од странство во земјава. Тоа е многу битно од еколошки аспект, бидејќи поновите возила се помали загадувачи.

Во поглед на екологијата, македонското законодавство речиси во целост е усогласено со законодавството на Европската Унија. Воведовме посебен механизам за евалуација на влијанието врз животната средина и врз основа на тоа никој не смее да изврши никаков зафат во просторот доколку се утврди дека тоа би предизвикало високи негативни еколошки последици. Понатаму, секој поголем загадувач мора да поседува дозвола за работа од Министерството за животна средина и просторно планирање со која всушност ја регулираме масата на штетни материи која се испушта. Исто така, направени се одредени законски промени со кои казните за загадување се многу повисоки. Во индустрискиот сектор во Македонија има загадувачи, но со далеку позасилено темпо се поднесуваат и ќе се поднесуваат забрани и пријави за сите оние кои го надминуваат дозволеното.

Туризам

Развојот на туризмот е дел од Програмата на Владата на Република Македонија  што значи претпријатијата од оваа област нема да бидат оставени сами на себе без неопходна поддршка од страна на владините институции. Посебно за истакнување е фактот што се зголемува бројот на мали и средни претпријатија што се занимаваат со хотелско – угостителски услуги. Во оваа област се преземаат низа мерки за поттикнување на туристичкиот потенцијал и за привлекување на странски туристи: комплетирање на целокупната инфраструктура во македонските туристички центри, средување на аеродромите и граничните премини, промоција на селскиот, манастирскиот, винскиот и бањскиот туризам, организирање на обуки и семинари за менаџментот и друго.

Почитувани дами и господа,

Да се изгради деловно опкружување кое ќе го поттикнува развојот на приватниот сектор и иновативноста, значи да се постават соодветни развојни политики кои ќе се преточат во конкретни акции, односно постоење на визија, одлучност и иницијативност за дејствување. Успехот, меѓу другото, ќе зависи и од соработката и координираноста помеѓу Владата, бизнис заедницата и локалните власти. 

Свесни сме за напорната работа и задачите кои се пред нас, но со нивно извршување убеден сум дека ќе постигнеме реален напредок кој ќе има позитивен ефект врз стандардот на живеење во Република Македонија и ќе не доближи до Европската Унија.

Ви благодарам на вниманието.

Comments are closed.