Почитувани екселенции,
Почитувани претставници на Светската банка,
Почитувани претставници на локалната самоуправа,

Почитувани екселенции,
Почитувани претставници на Светската банка,
Почитувани претставници на локалната самоуправа,
Почитувани стопанственици,
Драги гости од Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово,
Дами и господа

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви посакам добредојде во Битола, градот кој претставува невообичаен спој на негувано културно наследство и современ начин на водење бизнис.

Драго ми е што денес токму во Битола, се презентира првиот регионален и локален Doing business Извештај на Светската банка за Југоисточна Европа.

Во Извештајот кој за прв пат е подготвен оваа година се анализираат условите за вршење бизнис во 22 градови од 7 земји од Југоисточна Европа, кои меѓусебно се споредуваат во четири категории од областите во надлежност на локалните власти: започнување на бизнис, добивање на лиценци и дозволи, регистрирање на имот и извршување на договори.

Горд сум што можам да констатирам дека во конкуренција на 22 градови, Битола е најдобра во ефикасноста за водење бизнис во наведените категории.

Денешниот настан е уште една верификација на конкретните резултати што ги постигна Република Македонија во изминативе две години на полето на реформирање на бизнис климата.

Да потсетам дека Македонија беше рангирана на извонредното 4-то место меѓу топ 10 реформаторите во извештајот Doing business за 2008 година. Да се биде меѓу топ реформаторите во конкуренција на 178 земји и да се оствари скок во рангирањето за 17 позиции во однос на претходната година е резултат за почит.

За сите нас од големо значење е потврдата за спроведените вистински реформи кои водат кон подобрување на бизнис климата и градење на имиџот на земјата и кои им праќаат јасен сигнал на инвеститорите дека Македонија станува атрактивна дестинација за реализација на нивните бизнис планови.

Извештаите кои даваат компаративни податоци за тоа како стојат работите во реалноста во поглед на добивање лиценци, согласности, отворање и затворање бизнис, запишување на права и сл. ни даваат јасна слика, каде сме во однос на земјите во регионот и пошироко, но и визија како да се подобриме. Тие се мотив за секоја Влада, но и за локалната самоуправа за подобрување на бизнис климата и олеснување на процедурите за бизнисите и граѓаните.

Економското зајакнување на Македонија е основната цел на оваа Влада. Сите мерки и политики кои ги преземаме се во насока на подобрување на вкупниот амбиент за водење бизнис, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, а со тоа и повеќе вработувања.

Би сакал само накратко да се осврнам на реформите по индикаторите кои се мерат во Doing business Извештаите, со што би потенцирал кои области ја рангираат Република Македонија и Битола пред другите земји односно градови:

  • Започнување на бизнис

Постигнавме значителен прогрес преку скратување на постапките за отпочнување на бизнис со што го намаливме рокот за регистрација на фирма од 3 дена на само 4 часа и го укинавме основачкиот капитал потребен за основање фирма.

  • Кај обезбедувањето лиценци и дозволи  ја имплементираме Регулаторната гилотина со која значително ги поедноставивме и скративме постапките и ги намаливме документите, роковите и трошоците за нивно добивање. Го воведуваме начелото “молчењето е одобрување“, со што администрацијата ќе мора да одговори во законски пропишаниот рок. Ова го постигнавме со измени и прилагодување на законската рамка согласно потребите на бизнисите и граѓаните. Донесен е нов Закон за катастар на недвижности, изменет е Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање, донесен е Законот за градежно земјиште, и др. Изменети се подзаконските акти на десетина институции, со што до 50 % се намалени трошоците за бизнисите и граѓаните.

 

Само за споредба, дозволите за започнување на градба во Битола се добиваат за 94 дена, наспроти над 500 денови во други градови во регионот.

  • Дозволете ми да ги нагласам реформите во уште една област каде постигнавме значен напредок, а се однесува на регистрацијата на имот. Реформите во Катастарот, преку: зголемување на ефикасноста за постапување на службениците, регистрирање на имот за 1 до 3 дена, воведувањето на електронски Катастар на недвижности, востановување на катастарот на недвижности на скоро 80 % од територијата на Република Македонија придонесоа за поголема ефикасност при запишувањето на правата на недвижности.

 

  • Спроведувањето на договорите е индикатор кој ја мери ефикасноста на судовите и брзината на извршување на судските пресуди. Со реформите во судството и со воведување на систем на извршители, значително се подобри состојбата во делот на извршување на договорите.
  • Воведовме ниски рамни даноци со едноставни даночни постапки со цел да ги смалиме трошоците за фирмите и да ги направиме поконкурентни.

Рамниот данок од 10% и понатаму останува во примена како наједноставен данок. Во полна функција ќе биде ослободувањето од оданочување на реинвестираната добивка.

  • Од почетокот на овој месец, се операционализира  едношалтерскиот систем за увозно-извозни дозволи и царински квоти, кој ќе овозможува електронско аплицирање и институционално поврзување, со што ќе се зголеми ефикасноста на процесот за добивање на овие дозволи и ќе се заштеди време и трошоци за компаниите.

 

Извештајот претставува сатисфакција за тоа што досега е направено и дополнителен поттик за продолжување на реформите.

Затоа, продолжуваме со имплементација на нов пакет на 50 реформски мерки, кои се однесуваат на сите 10 Doing business индикатори. Би споменал неколку: електронско меѓуинституционално поврзување, зајакнување на системот на надзор и контрола на градењето, зголемување на флексибилноста на пазарот на работна сила, поголем пристап до кредити, воспоставување едношалтерски систем за регулирање на привремениот престој и работниот ангажман на странците, поедноставување на услугите за даночните обврзници, посебно за малите и средните претпријатија и воведување на е – услуги, електронска распределба и управување со судските предмети, едношалтерски систем за доброволна ликвидација, ефикасно спроведување на стечајните постапки и сл.

Преземени се мерки за хармонизација на основиците на придонесите и персоналниот данок на доход и нивна интегрирана наплата во УЈП, како и намалување на социјалните придонеси за 1/3. За работниците со скратено работно време придонесот за здравствено осигурување ќе се плаќа врз основа на бројот на реално сработени часови. Воедно, ќе преминеме кон систем на исплата на бруто плати, од што позитивни ефекти ќе почувствуваат и работниците и работодавачите.

Исто така, со можноста странците да купуваат недвижности и градежно земјиште, ќе создадеме услови за развој на пазарот на недвижности и нови инвестиции.

Со имплементација на овие мерки, како и инвестициите во образованието, инфраструктурата и енергетскиот сектор, се надевам и посакувам Македонија да се рангира на уште повисоко место идната година и да биде лидер во бизнис амбиентот во регионот.

 

 

Почитувани дами и господа,

Светските практики и искуства покажуваат дека секој инвеститор, кредитор или деловен клиент кој сака да соработува со некоја земја, прво гледа што за неа е запишано во Извештаите на меѓународните финансиски институции. Оттука, за Македонија е особено значајно што оваа година доби верификација на резултатите преку позитивните оценки во Doing business извештаите на национално и локално ниво.

Ваквите позитивни оценки несомнено ќе придонесат за: 1/ подобрување на перцепцијата за Македонија, 2/ зголемување на нивото на инвестиции (домашни и странски); 3/ забрзан развојот на економијата, отворање на нови работни места и подобрување на животниот стандард; 4/ и се разбира побрза интеграција во евро-атланските структури.

 

Дозволете ми на крај да се заблагодарам за објективниот пристап на Светската Банка во оценување на спроведените економски реформи на Република Македонија и особено да се заблагодарам на тимот кој даде придонес во неговата подготовка. Се надевам ќе продолжиме со извонредната соработка што ја имаме со Светската банка. 

Очекувам овој Извештај да даде позитивни сигнали за инвеститорите и да се зголеми интересот за инвестирање во Македонија и особено во Битола.

Ви благодарам.

Comments are closed.