Македонија nова дестинација за инвеститорите

Ваши екселенции, Почитувани учесници, Драги гости, дами и господа,

Македонија nова дестинација за инвеститорите

Ваши екселенции, Почитувани учесници, Драги гости, дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство и од мое име да Ви посакам добредојде на Третиот состанок на Виенскиот Економски Форум кој оваа година се одржува во Македонија. Дозволете ми најнапред да ги поздравам сите учесници на овој настан и особено да се заблагодарам на членовите на Управниот Одбор на Виенскиот Економски Форум кои после Букурешт во 2005  и Белград во 2006 година одлучија овој важен настан да се одржи во Охрид.

Би сакал да упатам посебна благодарност до д-р Ерхард Бусек, претседател на Виенски Економски Форум и голем пријател на Република Македонија за неговиот огромен придонес во организацијата на овој значаен форум. Учесниците на денешниот настан ќе имаат извонредна можност за презентирање на потенцијалите за развој на туризмот во Југоисточна Европа, додека македонските претставници со конкретни проекти ќе ги претстават предностите за инвестирање во туризмот во Република Македонија и за промоција на земјата како туристичка дестинација.

На третиот редовен Виенски Економски Форум што се одржа во Ноември минатата година, Претседателот на Владата на Република Македонија [Н.Е. м-р Никола Груевски], имаше можност да ги претстави мерките и активностите на Владата за подобрување на деловното опкружување. Дел од најавените проекти денес се веќе реализирани, дел се започнати, при што домашните и странските инвеститори веќе ги чувствуваат бенефициите од преземените владини мерки и активности.

Во таа насока, дозволете ми накратко да се осврнам на конкретни аспекти на бизнис климата во Република Македонија и да Ви ги претставам релевантните компоненти од економската Програма на Владата на Република Македонија насочени кон подобрување на инвестиционата клима што треба да ја направат Македонија нова дестинација за инвеститорите.

Воведовме крупни даночни реформи со кои понудивме најатрактивен пакет на даноци во Европа со кои Република Македонија станува “даночен рај” за инвеститорите. Денеска Република Македонија има данок на добивка и персонален данок на доход со единствена стапка од 12% (рамен данок), а од 2008 истиот ќе изнесува 10%, односно најниско ниво во Европа. Исто така, што е многу позначајно, од идната година реинвестираната добивка ќе биде целосно ослободена од оданочување, односно ќе се применува нулта стапка. Убедени сме, дека тоа ќе придонесе многу фирми да ја искористат шансата за инвестирање при вакви ниски даноци. Воедно, интензивно работиме и на поедноставување на даночните процедури.

Во рамки на Владината реформска агенда за намалување на бирократските процедури, ја воведовме Регулаторната гилотина преку која во наредните неколку месеци ќе извршиме т.н. кратење на непотребните формалности и прописи кои го обременуваат работењето на бизнисмените. Со преиспитување на постојната регулатива и административни процедури низ неколку етапи ќе ја намалиме регулаторната комплексност и бирократија и ќе ги направиме прописите пријателски настроени кон бизнисот. Со оглед на значењето на овој проект од аспект на бизнисот, Владата целосно го вклучи приватниот сектор и сите заинтересирани страни во доставување конкретни  предлози за поедноставување на регулативата.

Во рамки на дијалогот кој Владата го воспостави со деловната заедница, на редовна основа се разгледуваат и решаваат конкретни прашања и се вршат консултации за формулирање на одредени политики кои го засегаат приватниот сектор. Ваквите консулатации и континуирани средби се најдобриот механизам за намалување на ризикот и трошоците на работењето и за создавање рамноправни услови кај сите субјекти за унапредување и проширување на нивните бизнис активности.

Зголемувањето на конкурентноста на Република Македонија е еден од нашите клучни приоритети. Во таа насока, покрај даночните реформи кои водат кон подобрување на ценовната конкурентност; се имплементираат реформи за модернизација на образованието и развој на претприемништвото, што ќе ја подобри конкурентноста на работната сила. Така, веќе на Собрание се донесе Законот за задолжително средно образование, а во тек е проектот за масовно опремување на училиштата со компјутери за сите деца, како и воведувањето на повеќе странски јазици во основното образование.

Воедно, Владата ги интензивира и другите структурни реформи, како што се реформите во катастарот, заштитата на сопственоста и интелектуалните права, судските реформи, зајакнувањето на конкуренцијата во финансискиот сектор преку нов закон за банки итн.

Конечно, вложуваме многу повеќе во инфраструктурата, пред се во транспортот, енергетскиот сектор и либерализација на телекомуникациските услуги.

Нашата визија е Македонија да прерасне во технолошки лидер на Балканот и да стане главен извозник на софтвер и регионален центар за аутсорсинг за земјите од ЕУ. Денеска тешко може да се замисли каква било работа без основни познавања од информатичката технологија и користењето на компјутерите и Интернетот. Во таа насока, Владата ги започна проектите “Компјутер за секое дете„ и “Бесплатна обука„ за македонските граѓани со цел што поскоро да фатат приклучок со модерните информатички технологии во Европа и светот. Еден од технолошките индустриски паркови “Вардарска силиконска долина“, ќе биде наменет за претпријатија за изработка на софтвери, склопување хардвер, дигитални записи, компјутерски чипови итн. Владата ќе обезбеди инфраструктура и ќе понуди даночни олеснувања за претпријатијата што ќе се лоцираат во Вардарската силиконска долина.

За инвеститорите во технолошките индустриски развојни зони се предвидени дополнителни даночни, царински, инфраструктурни и други привилегии. Тука спаѓаат царински и ослободувања од данокот на додадена вредност, како и даночни ослободувања од: данок на добивка за период од 10 години; 50 процентно ослободување на персоналниот данок во првите пет години од работењето; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси и данок на имот. Земјиштето ќе се издава под поволни услови и ќе бидат обезбедени инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.

Со цел привлекување на странски директни инвестиции гореспоменатите мерки се надополнети со добро обмислена и организирана стратегија за промоција на инвестициите. Агенцијата за странски инвестиции – ИнвестМакедонија која значително се зајакнува кадровски и финансиски, ќе им ги нуди на инвеститорите сите потребни услуги на професионален начин.

Како резултат на напорите на Владата на Република Македонија за влез на странски инвеститори веќе се реализираат неколку значајни инвестициони проекти. Со неодамнешниот влез на трет мобилен оператор Mobilkom Austria се очекуваат нови инвестиции во секторот телекомуникации како и влез на нови фиксни оператори. Македонија треба да добие 20 WI MAX концесионери, за кои оваа недела се објави тендер за доделување фреквенции. На почетокот на оваа година Сименс најави отворање на центар за развој на софтвер во Скопје. Во финансискиот сектор француската банка Société Générale најави вложување на повеќе од 40 милиони евра за преземање на Охридска банка и отворање нови филијали во сите градови во земјава. Со новиот Закон за банки, странските банки во иднина ќе можат да влезат на македонскиот пазар преку филијали со капител од 2 (два) милиони евра, што ќе доведе до зголемување на обемот и квалитетот на услугите во финансискиот сектор. Во индустрискиот сектор, американската компанија Johnson Controls започна со реализација на инвестицијата вредна повеќе од 20 милиони долари за производство на автомобилски компоненти. Покрај мерките кои ги спроведува Владата, еден од најзначајните критериуми поради кои оваа компанија сака да инвестира во Македонија е квалитетната и достапна работна сила. Способноста на Македонија да ги привлече овие големи компании е многу позитивен сигнал и за останатите инвеститори за нашите предности, атрактивните и ниски трошоци и стратешката локација. Со влезот на странски инвеститори очекуваме да се подобри продуктивноста во земјата, да се забрза преструктуирањето на претпријатијата; да се подобри корпоративното управување и да се зголеми вработеноста.

Во оваа прилика би сакал да им посочам на присутните гости на Виенскиот Економски Форум, уште неколку можности за инвестирање во Република Македонија.

Енергетскиот сектор нуди огромни можности за инвестирање што е потврдено со минатогодишниот влез на австриски ЕВН. Во тек е втората фаза од меѓународниот тендер за продажба на ТЕЦ Неготино за кој стратешки инвеститор треба да се избере до средината на оваа година. Владата, по пат на меѓународен тендер, ќе бара стратешки инвеститор за изградба на комбинирана гасно-топлинска централа во Скопје, инвестиција вредна околу 140 милиони евра. Бидејќи гасификацијата и обезбедувањето пристап до евтини еколошки енергенси е наша стратешка определба, Владата ќе ги продолжи постоечките главни гасоводи со цел да се обезбеди гас до сите градови во Македонија. Воедно, Владата ќе го поттикне влезот на инвеститори за развој на дистрибутивните мрежи во овие градови. Водниот потенцијал на Република Македонија дава одлични можности за инвестиции во хидро електрични централи. Во завршна фаза се тендерите за изградба на две големи и важни хидроцентрали Чебрен и Галиште. Меѓународен  тендер за хидроцентралата Бошков мост ќе следи наскоро. Паралелно на ова, ќе се реализира изградбата на 400 нови помали хидро-централи, на целата територија на Република Македонија. Меѓународен тендер за првиот пакет за изградба на 60 мали хидроцентрали е во тек и изборот на инвеститори се очекува да заврши на крајот од септември 2007 година.  

За подобрување на инфраструктурата во Република Македонија се планира: a) модернизација и давање под концесија на двата македонски аеродроми во Скопје и Охрид; b) приватизација на транспортот од македонски железници и c) изградба и концесија на делници од коридорите 8 и 10.

Во рамките на планираните конкретни проекти за изградба на резиденцијални објекти, минатата недела Владата објави меѓународен тендер за изградба на „Сончев град“ кај скопско Сопиште на јужната падина на Водно. Станува збор за 640.000 метри квадратни градежно земјиште на кое е предвидено изградба на елитна резиденцијална населба за околу 6.000 луѓе во наредните четири години.

Почитувани гости,

Ви посакувам успешни дискусии и пријатен престој во Охрид. Воедно, Ве повикувам да ги истрaжите инвестициските можности и предности на Република Македонија. Без сомнение, странските инвестиции се од големо значење за развој на македонската економија и за апсорбирање на неискористениот туристички потенцијал што постои во земјава.

Ви благодарам.

Comments are closed.