Ваша екселенцијо г-дин Фуере,
Почитуван претседател на Конзорциумот на Европскиот информативен и иновативен центар, проф. д-р Стојковски,
Почитувани претставници на академската заедница,
Почитувани присутни,
Како вицепремиер во Владата на Република Македонија, ми претставува особена чест што сум дел од свеченото отворање на Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија, во рамки на мрежата на Enterpise Europe Network.
Фактот што преку оваа мрежа се имплементира Рамковната Програма на Европската Комисија за конкурентност и иновативност 2007-2013, наменета за малите и средни претпријатија, го прави овој настан особено значаен.
Она што ја издвојува оваа Програма е обединувањето на стопанските комори, здруженијата на претпријатија, универзитетите и научните и развојните центри од земјите на ЕУ, преку информативна, иновативна и научно – истражувачка дејност.
Би сакал да истакнам дека развојот на малите и средни претпријатија е еден од клучните елементи за забрзан економски раст и зголемување на вработеноста. Кај сите брзорастечки економии во светот, учеството на малите и средни претпријатија во вкупната економија е круцијално. Во ЕУ активно работат преку 23 милиони мали и средни бизниси кои учествуваат со 2/3 во вкупната вработеност и со повеќе од 50% во Бруто домашниот производ. Слично, малите и средни претпријатија кај нас, партиципираат со над 50% во Бруто домашниот производ и вработуваат над ¾ од вкупната ангажирана работна сила.
Подобрувањето на ефикасноста, продуктивноста и иновативноста на овие претпријатија значи зајакнување на конкурентноста и претприемништвото, што има позитивно влијание врз вкупната економија.
Малите и средни бизниси во Република Македонија се соочуваат со потешкотии во работењето заради отежнат пристап до капитал, административни бариери, недоволна информираност и комплексна регулатива.
Затоа, Владата, ставајќи го во фокусот овој сектор, во изминатиов период, спроведе сеопфатни реформи за креирање на поволна институционална, регулаторна и административна рамка.
Го намаливме даночниот товар и ги олеснивме даночните постапки за малите и средни претпријатија. Со Регулаторната гилотина значително ја поедноставивме регулативата и ги скративме административните процедури, трошоците и времето за добивање разни документи. За да го олесниме пристапот до капитал и да ја намалиме неговата цена, извршивме дополнителна либерализација на финансискиот сектор со што овозможивме влез на реномирани странски банки и ја поттикнавме конкуренцијата. Со либерализацијата во телекомуникациите, за повеќе од половина се намалија цените на телекомуникациските и интернет услуги. Достапноста на интернетот и неговата се помасовна употреба од страна на малите и средни бизниси, веќе ја надминува бариерата за ограничен пристап до информации.
Од друга страна, во соработка со бизнис асоцијациите, преку формирање на Центар за менаџери, работиме на обезбедување обука, доостручување и пракса во странство за македонските менаџери од малите и средни претпријатија, по теркот на најдобрите европски и светски практики, особено во делот на претприемништвото, менаџментот и маркетингот. Верувам, со ваквите активности ќе успееме да го премостиме јазот помеѓу образовниот процес и кадрите што ги бара пазарот, во се` поконкурентниот бизнис свет.
Истовремено, заради регионално поврзување, олеснување во настапот на странските пазари, пристапот до информации и заедничкото претставување, инициравме здружување на истородни мали претпријатија во мини асоцијации.
И развиените економии ја поттикнуваат конкурентноста на приватниот сектор. Една од мерките е Enterprise Europe Network, клучниот инструмент на Програмата за конкурентност и иновации која ги поддржува активностите на малите и средни претпријатија.
Вклучувањето на Република Македонија во оваа Програма, ќе значи вмрежување на македонските претпријатија со над 400.000 претпријатија во ЕУ на кои им стојат на располагање финансиски средства за подобрување на конкурентноста и иновативноста.
Европскиот информативен и иновативен центар за македонските претпријатија ќе отвори можност за поврзување со бизнис партнери, поголема информираност, запознавање со најдобрите европски практики за водење бизнис, подигање на технолошкото ниво и степенот на иновации, поттикнување на научно – истражувачката и развојната компонента.
Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија треба да доведе до воспоставување силни меѓународни врски за нашите мали и средни претпријатија, и можност за нивно учество во реализација на научно истражувачки и иновативни проекти.
Убеден сум дека сето ова, во контекст на исполнување на европските стандарди и постигнување на функционална пазарна економија, ќе придонесе за полесно интегрирање на македонските претпријатија во конкурентниот единствен европски пазар.
Затоа, со оглед на значењето на овој Центар, кој целосно се вклопува во нашите програмски определби, Владата финансиски ја поддржа реализацијата на овој Проект.
На крајот, од името на Владата посакувам успешна работа на Центарот, со желба да овозможи македонските претпријатија да ги почувствуваат придобивките на Програмата за конкурентност и иновации.
Ви благодарам