Почитувани граѓани на Кичево, Почитувани домаќини, Дами и господа, Драги гости,
Ми претставува големо задоволство што присуствувам на овој значаен настан со кој се најавува почетокот со работа на новиот коп на Рудникот „Осломеј Запад“, како дел од Рударско Енергетскиот Комбинат – Осломеј.
Почитувани граѓани на Кичево, Почитувани домаќини, Дами и господа, Драги гости,
Ми претставува големо задоволство што присуствувам на овој значаен настан со кој се најавува почетокот со работа на новиот коп на Рудникот „Осломеј Запад“, како дел од Рударско Енергетскиот Комбинат – Осломеј.
Отворањето на новиот коп е во целосна согласност со активностите на Владата на Република Македонија за санација и реструктуирање на електроенергетскиот сектор, задржување и проширување на капацитетите на постојното производство и изградба на нови објекти.
За само шест месеци изградено е ново корито со кое е пренасочен текот на реката Темница, во должина од 2 километри. Со тоа, се отстранија природните пречки кон рудникот „Осломеј Запад“ за ископување и транспорт на повеќе од 8.000.000 тони јаглен. Овие количини се доволни вториот по големина капацитет за производство на електрична енергија во Македонија непречено да работи во наредните 10 години.
Во оваа пригода, посебно би сакал да го истакнам придонесот кој го дадоа вработените во РЕК Осломеј и А.Д. ЕЛЕМ за реализација на оваа капитална инвестиција вредена 7 милиони евра.
Паралелно, со експлоатацијата на постојните јаглени копови Владата ќе ги поддржи активностите за истражување на други извори на јаглен на територијата на државата во функција на непречена работа на постојните термоелектрични централи. Со инвестицијата во „Осломеј Запад“ и со изнаоѓање на нови наоѓалишта веруваме ќе се обезбеди максимално искористување на домашните суровини во процесот на производство на електрична енергија.
Ова ги потврдува нашите заложби за задржување на енергетскиот суверенитет на земјата преку изградба на нови капацитети и инвестиции кои ќе го зголемат производствениот потенцијал во делот на термо, хидро и гасни централи и со тоа ќе ја зголемат понудата на електрична енергија.
Во последните години енергетскиот дефицит станува сериозен предизвик за регионот, но и за Република Македонија. Токму поради тоа, енергетскиот сектор го поставивме високо на листата на приоритети.
По долгогодишното инвестициско затишје, инициран е сериозен инвестициски циклус од над 1,5 милијарди евра кој очекуваме да се реализира во следните 4-5 години.
Дозволете ми сосема накратко да ги презентирам претстојните инвестиции во енергетските проекти за искористување на хидро и термо енергетскиот потенцијал и создавање услови за зголемена експлоатација на природниот гас во Република Македонија:
1. Поаѓајќи од фактот дека досега се искористени само 25% од вкупниот хидропотенцијал на Македонија, инициравме три крупни проекти во оваа област: 1/ изградба на две големи хидроцентрали на Црна Река, Чебрен и Галиште, инвестиција вредна 550 милиони Евра и вкупен капацитет од 540 MW; 2/ изградба на голема хидроцентрала Бошков Мост, која ќе чини 85 милиони Евра со инсталирана моќност од 70 MW; и 3/ Изградба на 400 мали хидроцентрали со моќност од 350 MW при што се очекуваат инвестиции во висина од околу 500 милиони Евра.
2. Определбата да го подобриме нашиот енергетски суверенитет ја искажуваме преку иницирање на повеќе проекти за подобрување на состојбата на постојните термоелектрани како и изградба на нови комбинирани гасни централи.
Овие денови треба да се објави меѓународниот тендер за изнаоѓање на стратешки инвеститор за изградба на Комбинирана топлинска и гасна централа во близината на Скопје, со капацитет од 200 MW и вредност од 140 милиони Евра, во која Владата ќе учествува со определен процент во новата инвестиција.
3. Во делот на интерконекцијата со регионалните енергетските системи, би истакнал дека се започнати неколку проекти за изградба на нови далноводи, меѓу кои и далноводот Битола – Лерин кој беше пуштен во употреба јули оваа година.
4. Истовремено, договоривме реализацијата на клириншкиот долг што го има Руската Федерација кон Република Македонија во полн износ да се затвори со реализација на неколку проекти од областа на гасификацијата, пред се затворање на гасоводниот прстен околу Скопје, магистрални гасоводи кон Велес, Неготино, слободната економска зона Штип и Тетово. Во следните 3 години посебен приоритет на Владата во енергетиката ќе биде изградбата на магистралниот гасовод на целата на територија на Македонија, создавање услови за развој на дистрибутивната мрежа во градовите и поголемото искористување на природниот гас од страна на претпријатијата и домаќинствата.
Почитувани граѓани,
Во изминатата година како што ветивме, Владата на Република Македонија ги рестартира сите затворени рудници и почна со отварање на нови рудници. Со продолжувањето на работата на „Осломеј Запад“ верувам дека доаѓаат подобри денови за рударството и електроенергетскиот систем во Македонија како и за Кичево и Осломеј.
На крај, дозволете ми да Ви посакам успешна работа во рудникот „Осломеј Запад“.
Ви благодарам.