Почитувано раководство на Нутричел,
Почитувани стопанственици,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Ми претставува задоволство што денес имам можност да присуствувам на чинот на проширување на еден повеќегодишен бизнис кој е резултат на домаќинска работа.
Решителноста за обнова и проширување на капацитетите и зголемување на продуктивноста на Земјоделската Задруга Единство во 1998 година, говори за вистински претприемачки дух на нејзиното раководство.
Рестартирањето на оваа фирма во стечај, проширувањето на бизнисот, зголемувањето на бројот на вработени, постигнувањето на висококвалитетно производство и четирикратен пораст на приходите, се пример за успешен бизнис. Со ваквите резултати, Земјоделската Задруга – Единство од Челопек со право денес е меѓу 200-те најуспешни претпријатија во Македонија.
Затоа, чест ми е да го отворам новиот погон за производство на добиточна храна НУТРИЧЕЛ, во кој се вложени околу 1 милион евра во современа технологија. Оваа инвестиција, со производство наменето не само за сопствени потреби, туку и за пазар, ќе значи економска перспектива, не само за жителите на село Челопек, туку и пошироко за целиот Полошки регион.
Ваквите успешни подвизи на бизнисмените се потврда за политиките на Владата за креирање подобра бизнис клима, но истовремено и поттик да продолжиме со натамошна поддршка и подобрување на условите за работа на приватниот сектор.
Во изминатиот период, имплементиравме низа мерки за намалување на трошоците на фирмите, за подобрување на конкуреноста и за создавање можности за нови инвестиции. Ги намаливме даноците, ја ослободивме од оданочување реинвестираната добивка, ја спроведовме Регулаторната гилотина. И, што е многу значајно за овој регион, инвестиравме за препород на земјоделството, во сите сегменти, од примарното производство, производството на добиточна храна и суровини за фармерството, до преработувачката индустрија и пласманот.
За прв пат досега, во последните 2 години обезбедивме 90 милиони евра субвенции за поддршка на земјоделството од кои 45 милиони евра во 2008. Во следните 4 години се обврзавме за нивно натамошно зголемување до износ од 460 милиони евра.
За поголем пристап до ефтини финансиски средства за земјоделците, преку Земјоделскиот кредитен фонд обезбедивме поволни рурални кредити со каматни стапки од 4% за примарното земјоделство и 5% за преработувачката индустрија и трговијата.
Преку Проектот за самовработување, доделуваме кредити до 3.000 евра со 1% камата за започнување на сопствен бизнис вклучително и во земјоделството. Голем интерес за вакви кредити има токму во областа на сточарството, за зголемување на сточниот фонд кај постојните фарми, за отворање на нови сточарски и живинарски фарми и погони за производство на добиточна храна.
Значителен трошок во сточарството е употребата на застарена механизација и технологија на производство. Затоа, воведовме неколку нови мерки, меѓу кои 50% кофинансирање на инвестиции во сточарски фарми, поволни кредити за примарно сточарско производство и преработки од сточарски производи, како и директна поддршка на производството на добиточна храна (зрнести компоненти и кабаста храна). За фармерите ги обезбедивме првите 40 трактори, од вкупно 140, под многу поволни услови.
Со Програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2008 година, ги опфативме и свињарството, говедарството, овчарството, козарството и живинарството. Поддршката е наменета за зголемување на сточниот фонд, проширување на фармите, а со тоа и зголемување на пазарната побарувачка за суровини во сточарството. Придобивките од овие мерки ќе ги почувствуваат и производителите на добиточна храна и истите ќе влијаат на отворање на нови производствени капацитети, како што е и овој на НУТРИЧЕЛ.
Накратко, би сакал да споменам дел од мерките за стимулирање на сточарството.
Со оглед дека модерното фармерско производство е условено од квалитетот на приплодните грла и создавањето на стада свињи, говеда, кози од најдобрите класи, субвенционираме 50% од вредноста на набавените приплодни грла. Воедно, обезбедивме финансиска поддршка од 176 милиони денари во овчарството за зголемување на основното стадо.
Во делот на млекарството обезбедивме директна финансиска поддршка од 2 денари за литар предадено млеко.
Денес, фармерите се стимулирани да го прошируваат сточниот фонд, што ќе значи нови работни места, зголемена потрошувачка на суровини и стимулирање на преработувачката индустрија на сточна храна.
И во следниот период, заедно со претприемачите и земјоделците, ќе продолжиме со нови мерки за понатамошно олеснување на условите за водење бизнис.
Почитувани,
Ние знаеме дека инвестициите на приватниот сектор и спроведувањето на сеопфатна земјоделска политика се клучни за препород на агро бизнисот.
Храната станува стратешки производ.
Верувам дека многу стопанственици ќе ја препознаат поддршката што ја даваме и ќе го следат примерот за зголемување на производството.
Посакувам успешна работа на НУТРИЧЕЛ и остварување на поставените цели за натамошна диверзификација на производството и отворање нови капацитети.
Благодарам