Почитуван Претседател на Европската организација за акредитација г-дин Лоренцо Тионе,
Почитуван Претседател на Советот на Институтот за Акредитација, проф. д-р Миколај Кузиновски,
Почитуван Директор на Институтот за акредитација д-р Трпе Ристоски,
Почитувани претставници на телата за акредитација на Република Македонија, Република Унгарија, Република Словенија и Сојузна Република Германија,
Почитувани присутни,
Драги гости,
Ми претставува чест и задоволство, од името на Владата на Република Македонија, да Ви посакам добредојде на денешната Конференција посветена на Акредитацијата во Република Македонија.
Годинава, Институтот за акредитација на Република Македонија одбележува 5 години од своето постоење, како самостојна и независна јавна установа.
Системот за контрола на квалитетот во Македонија се заснова на три институционални столба: Институт за стандардизација, Биро за метрологија и Институт за акредитација. На овој начин, и преку овие институции, квалитетот на стоките и на услугите во нашата држава е пропишан, дефиниран, измерен, одобрен и верификуван. Акредитацијата, како значајна активност од јавен интерес, ја верификува способноста на сите тела кои се дел од системот за контрола на квалитет. Затоа, таа претставува круна на овој процес.
Институтот за Акредитација, како самостоен субјект својата работа ја започна пред 5 години. Од тогаш, па досега, беа преземени бројни активности кои ефикасно го изградија овој систем, ги зајакнаа човечките потенцијали и капацитети, и го подигнаа процесот на препознатливо ниво. Постигнатите резултати, беа признати во ноември минатата година, кога Институтот доби полноправно членство во Европската организација за акредитација. На тој начин добивме потврда дека Институтот за акредитација на Република Македонија ги задоволува сите релевантни меѓународни критериуми за вршење на акредитационите активности.
Квалитетот на производите и на услугите е директно поврзан и со квалитетот на живеењето. Затоа, од исклучително значење е изградба на здрав, непристрасен, транспарентен и отворен систем за контрола на квалитет во кој благодетите да се биде акредитиран ќе ги има секој оној што ги задоволува пропишаните услови.
Изграден на здрава основа, низ независната и непристрасна оцена на компетентност на лабораториите, сертификационите и инспекционите тела, овој систем ќе обезбеди доверба кај крајните корисници дека производот е квалитетен, безбеден и има загарантирана употребна вредност, а услугата е на високо ниво.
Ќе се согласите дека квалитетот и меѓусебната доверба се неопходни за една здрава и конкурентна економија која ја градиме. Затоа, акредитирањето е процес во кој се постигнува зголемување на конкурентноста на македонските производи и подобрување на нивното технолошко ниво.
Со секоја нова акредитација која ја доделува Институтот за акредитација, се зајакнува националната инфраструктура за квалитет. Само со стручни, технички оспособени и верификувани лаборатории, сертификациони и инспекциски тела, производителите ќе можат да обезбедат доказ за квалитет и сообразност на производите во Република Македонија. Истото се однесува и на планирањето и организирањето на надзорот на производите на пазарот. Надлежните инспекциски органи имаат потреба од оспособени тела, со потврдена компетентност, кои располагаат со соодветна опрема и знаење, за да работат во согласност со меѓународните стандарди.
Почитувани присутни,
Во време на спроведување на процесот за зачленување во европското семејство, соочени сме со многу предизвици. Забрзаното усогласување на македонското техничко законодавство со европското, има влијание врз целокупната економија на Република Македонија. Затоа, нашето стопанство треба навреме да се прилагоди на новите приоди на Европската регулатива и со тоа да се зголеми конкурентноста на домашните производи и услуги на меѓународните пазари, особено на малите и средни претпријатија.
Визијата на Институтот за акредитација е да стане рамноправен член на европските и меѓународните организации и да учествува во развојот на економијата на земјата. Неговата мисија е да изгради препознатлив квалитет на македонските производи и услуги како битен сегмент од нашето живеење. Затоа, од особено значење се соработката и размената на искуства на Институтот со соодветните институции од другите земји. Имплементирањето на меѓународните правила и стандарди во работењето на Институтот директно придонесуваат за намалување на бариерите во трговијата и слободното движење на стоките и услугите од Република Македонија.
Затоа, Владата ги охрабрува, поддржува и помага активностите на сите институции од областа на контролата на квалитетот. Развојот на овој систем е од особена важност за развој на сите економски текови. На тој начин се подигнува конкурентноста на македонските компании, се зголемува нивната адаптибилност кон единствениот европски пазар, се подобрува нивото на самите вработени, а на тој начин се подобрува и имиџот на нашата земја како дестинација за бизнис соработка и инвестирање.
Во рамките на своите надлежности и законски обврски, ќе продолжиме со зајакнување на овој процес и со поддршка на сите проекти во областа на акредитацијата како и промоција и развој на Институтот за Акредитација.
На крајот, дозволете ми уште еднаш, од името на Владата на Република Македонија, да го изразам задоволството од досегашната работата и успесите на Институтот за акредитација на Република Македонија.
Верувам дека темите кои денес ќе бидат презентирани, како и искуствата на Германија, Украина и Словенија од областа на акредитацијата, ќе го задржат Вашето внимание и ќе придонесат за широко прифаќање на акредитацијата како неопходен процес.